Еко-свест во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање го започна процесот за изработка на Студија за валоризација на природните вредности на Демир Капија, како прв чекор кон прогласувањето на заштитено подрачје во Демир Капија.
Иницијативата за прогласување на заштитено подрачје во Демир Капија започна преку соработката на Еко-свест со меѓународната организација The nature conservancy во рамки на програмата „Заедно за реките“, која има за цел воспоставување нови заштитени подрачја покрај реките, со намера да ги зачуваат нивните природни, општествени и културни вредности. Активностите во рамките на оваа иницијатива во нашата земја се насочени кон заштита на дел од демиркаписката клисура и долното течение на реката Вардар со нејзините притоки Бошава, Дошница, Иберлиска река, Клисурска реки и Копришничка река.
Во рамките на оваа иницијатива Општина Демир Капија потпиша Меморандум за соработка со Еко-свест и The Nature Conservancy, со цел постигнување дологорочна заштита на реките на територијата на општината, преку воспоставување заштитено подрачје и негово управување во соработка со локалните организации и населението. Министерството за животна средина и просторно планирање ја препозна и ја поддржа оваа иницијатива, и прогласувањето на заштитено подрачје во Демир Капија го стави во својата програма за 2024 година.
Студијата за валоризација, како прв и неопходен чекор во спроведувањето на процесот на прогласување на заштитено подрачје ќе се одвива во две фази. Во првата фаза започнаа тереските посети и изработката на тематските извештаи за некои таксономски групи (риби, макроинвертебрати, пајаци, водоземци и влекаци), како и за хидрологија на сливните подрачја на реките во Демир Капија. Во втората фаза, која ќе започне на почетокот на 2025 година ќе бидат изработени извештаите за останатите таксономски групи (цицачи, птици, лилјаци итн.), како и за геоморфолошките особености на подрачјето.
Студијата за валоризација треба да биде финализирана до крајот на 2025 година.
Најнови коментари