Во периодот 2024–2025 година, подпоглавјето за климатски промени во Македонија бележи многу ограничен напредок, и покрај одредени иницијативи, донаторски поддржани реформи и политички заложби. Клучните системски предуслови – усвојување на Законот за климатска акција, воспоставување функционален MRVA систем (мониторинг, известување, верификација и акредитација) и јасни механизми за следење и мобилизација на финансии – сè уште недостасуваат, што значително го ограничува реалниот напредок во климатската политика. Во истиот период, забележани се позитивни чекори во енергетската транзиција, вклучително и формирањето на ново Министерство за енергетика, усвојувањето на новиот Закон за енергетика во мај 2025 година и развојот на процесите за праведна транзиција од јаглен, но овие мерки сè уште не се целосно усогласени со националните климатски цели.

Во изминатите три години е направен ограничен и нерамномерен напредок во транспонирањето и спроведувањето на климатското законодавство на ЕУ. Делумно е транспонирана EU ETS директивата преку нацрт Законот за климатска акција, започнато е усогласување со LULUCF регулативата и подобрен е инвентарот на стакленички гасови, но без усвоен закон и оперативен MRVA систем, имплементацијата останува блокирана. Поддршката од ЕУ преку LIFE програмата, билатералната соработка со Шведска и подготовката на клучни технички и стратешки документи создаваат основа за напредок, но Европската комисија и Државниот завод за ревизија укажуваат на сериозни слабости во институционалната координација и регулаторната рамка. Истовремено, растечкото вклучување на граѓанскиот и младинскиот сектор, особено преку одржувањето на првата локална младинска климатска конференција (LCOY 2025), создава нов притисок за поамбициозни, појасни и поверодостојни климатски политики.

Заклучокот е дека иако постојат позитивни институционални и финансиски поместувања, без итно усвојување на Законот за климатска акција, функционален MRVA систем и јасни цели за декарбонизација, Македонија ќе продолжи да заостанува зад климатските стандарди и обврски на Европската Унија. Извештајот прочитајте го во целост тука.

Share This

Share this post with your friends!