Во текот на изминатите две години, со поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), Еко-свест се посвети на подобрување на управувањето со водите во националните паркови Маврово и Шар Планина и развивање механизми за поддршка на парковите во мониторингот на реките и речните екосистеми. Оваа активност е во согласност со стратешката цел на Еко-свест да придонесе кон воспоставување на законска и практична социо-еколошка заштита и реставрација на реките. Имајќи ги предвид притисоците од човековите активности, како и климатските промени, заштитата на реките е една од најважните задачи на модерното време и предуслов за идната благосостојба на луѓето и природата.
Нашата работа вклучуваше соработка со експерти од областа на биодиверзитетот, хидрологијата и геоморфологијата и резултираше со подготовка на уникатна Анализа на заканите врз реките и крајречните живеалишта во националните паркови Маврово и Шар Планина. Методологијата за спроведување на оваа анализа беше иновативна и инклузивна за релевантните засегнати страни, што резултираше со сеопфатен преглед на заканите, заедно со препораки и мерки за нивно ублажување и еколошка реставрација. Анализата ќе им овозможи на управителите со заштитените подрачја подобро да ги разберат идентификуваните закани и да го следат нивното влијание врз база на креираните „мапи на закани“. Следниот чекор е подготовка на план за реставрација кој би се справил со критичните закани и физички би ги обновил екосистемите.
Во соработка со експерт хидролог, развивме постапка за контрола на еколошки проток на реките. Оваа постапка претставува упатство за проценка, следење и управување со протокот на вода за да се обезбеди усогласеност со барањата за еколошки проток, во согласност со Рамковната директива за води на ЕУ. Овој документ е дизајниран да одговори на правната празнина и моменталното отсуство на формална постапка за пресметување на еколошкиот проток, како што е пропишано со новиот Закон за води. Еко-свест, исто така, донираше хидролошки мерачи на проток во двата парка и спроведе наменски обуки за тоа како да се користи опремата.
Со цел да се вклучат граѓаните да придонесат за заштита и следење на речните екосистеми, ја адаптиравме апликацијата CrowdWater. Употребата на мобилната апликација ќе ја поттикне граѓанската наука и собирањето на податоци што дополнително ќе им помогне на парковите во идентификувањето и следењето на еколошките проблеми поврзани со реките.
Во моментов, Еко-свест врши континуиран мониторинг на избрани пилот-реки, Бистрица на Шар Планина и Тресонечка река во Маврово. Следниот чекор во овој проект е да се продолжи со анализата на заканите и да се идентификуваат потребите за реставрација, како и да се спроведат активности за реставрација и рехабилитација во националните паркови.
Најнови коментари