COVID-19 пандемијата не само што ја обликуваше моменталната европска политика, туку ќе продолжи да влијае и на политиката во годините што доаѓаат. Исто така, би можела да го загрози остварувањето на целите поставени со Европскиот зелен план. Инструментот за привремено закрепнување во износ од 750 милијарди евра осмислен со задача да помогне во санација на непосредните економски и социјални штети настанати од пандемијата на коронавирусот е наречен NextGenerationEU. Тој би требало да придонесе за пост-COVID-19 Европа да биде поотпорна и поподготвена да одговори на моменталните, но и на идните предизвици спроведувајќи одржливи, зелени решенија.
ЕУ започна план за закрепнување од COVID-19 имајќи во предвид неколку цели. Основната цел е помош на државите членки во санирање на непосредните економски и социјални штети предизвикани од пандемијата на коронавирусот, но и подготовка на подобра иднина за следните европски генерации. Другата цел се гледа во поттикнување на зелена транзиција, дигитална трансформација, паметен, одржлив и инклузивен раст и отворање на работни места, социјална и територијална кохезија, здравје и отпорност, политика за следните генерации, вклучувајќи го образованието и вештините. Во согласност со ова е и третата цел – модернизација на ЕУ објектите. Од овие причини повеќе од 50% од поддршката ќе биде потрошена на модернизација и унапредување на условите за истражување и иновации, преку програмата Horizon Europe, на фер климатска и дигитална транзиција, преку Фондот за праведна транзиција и Дигиталната европска програма, на спремност, закрепнување и отпорност, по пат на програмата Закрепнување и отпорност, RescEU и новата здравствена програма EU4Health. Согласно наведеното, NextGenerationEU се фокусира и на модернизација на традиционалните области како што се заедничката земјоделска политика, борбата против климатските промени, заштита на биодиверзитетот и родова рамноправност.
NextGenerationEU е план со прецизна временска рамка. Предвидено е 70% од неповратните средства коишто ги овозможува Фондот за закрепнување и отпорност (RRF) да бидат доделени во 2021 и 2022 година, додека преостанатите 30% би требало да бидат доделени во 2023 година. Критериум за распределување во 2021-та и 2022-та година е стапката на невработеност, а за 2023-та година е кумулативниот пад на реалниот БДП востановен во периодот 2020–2022.
Најнови коментари