Сакаме да искажеме длабока разочараност што и покрај сите наши заложби и професионално надградување на знаењата во областа климатски промени, и отвореност за соработка и поддршка, сè уште наидуваме на игнорирање на граѓаните и граѓанските организации од страна на институциите.
Иако како држава навреме ги поднесуваме потребните известувања во секторот климатски промени, земјата сè уште нема закон и стратегија за климатска акција како и национален план за прилагодување кон климатските промени- документи кои треба да ја обезбедат имплементацијата на амбициозните климатски цели. За потребата од овие документи ни забележува и Европската унија во последните 3 извештаи, а истото е евидентирано како огромен недостаток и во 3тиот извештај за работата од областа животна средина на UNECE.
Учество и информирање на засегнатите страни и граѓаните во креирање на политиките во секторот климатски промени е една од најважните лекции од развиените земји и едно од барањата од Европската унија која се стреми да се издигне како лидер во климатска акција во светот.
Климатските промени се сериозен проблем кој навлегува во сите области и ги засега сите заедници и проблем кој драматично го менува и става во опасност нашето секојдневие. Токму затоа граѓаните треба да бидат соодветно консултирани, информирани и вклучени во процесите на пишување и носење на овие национални документи. А граѓанските организации кои активно работат во секторите животна средина и клима можат да дадат голем придонес кога станува збор за застапување на потребите на граѓаните.
Едностраното информирање на граѓаните преку официјалната веб страна на проектот за закон и стратегија за климатска акција и официјална веб страна на секторот климатски промени во Министерството за животна средина едноставно не е доволно и не обезбедува вклученост и партнерски однос во носењето на одлуки за ублажување и прилагодување на општеството кон климатски промени.
Како коалиција на граѓански организации кои работат во различни области од секторот животна средина и клима посочуваме дека граѓанскиот сектор игра значајна улога и дава значителен придонес во носењето одлуки во овие сектори, а институциите имаат обврска тој придонес да го земат во предвид и за сите превземени чекори да ги информираат и консултираат граѓаните. Ова е единствен начин да донесат одлуки и политики кои на прво место ќе го стават здравјето и добросостојбата на граѓаните и воедно ќе ги следат европските вредности на транспарентност, инклузивност и отчетност.
Со почит,
Коалиција за клима
Најнови коментари