На Западен Балкан, земјоделството и сродните сектори сочинуваат околу 10% од БДП, додека во некои земји земјоделството, шумарството и рибарството вработуваат околу 20% од вкупната работна сила. Во случајот со Албанија, тој удел е дури 40%. Сепак, и покрај високо богатата база на природни ресурси, земјоделскиот сектор во овие земји се соочува со многу предизвици, па големите фарми се многу ретки, а продуктивноста на трудот и приносите се многу ниски поради недоволниот технолошки развој, неприлагодувањето на производствените капацитети и објекти со модерните стандарди и слично. Во исто време, побарувачката за храна расте и во однос на квалитетот и квантитетот. Со оглед на зголемениот туристички пазар и големиот извозен потенцијал, Агендата ја нагласува важноста од примена на стандардите на Европската унија во земјоделско-прехранбениот и примарниот производствен сектор, особено во делот поврзан со безбедноста на храната, здравјето на растенијата и животните, подобрување на биолошката безбедност на сточарските фарми, превенција и негување на животните и подобрување на капацитетите за земјоделското производство.
Она што исто така треба да се направи на ова поле е зајакнување на санитарните контроли долж целиот синџир на производство на храна, како и воспоставување и одржување на електронски системи за сертификација на храната со цел да се осигура нејзината безбедност. Агендата, исто така, посочи дека треба да се работи повеќе за да се покрене свеста на потрошувачите и да се промовира концептот на одржлива исхрана. Затоа, треба да се работи повеќе на промовирање на храна чие производство е еколошки безбедно и органски одгледувано, како и на намалување на употребата на синтетички хемикалии во производството на храна: пестициди, ветеринарни лекови и ѓубрива.
Агендата, исто така, ја нагласува потребата од зајакнување на соработката помеѓу научните и образовните институции со производителите и преработувачите во земјоделско-прехранбениот сектор со цел да се олесни преминот кон иновативни и еколошки прифатливи технологии и методи за одгледување. Кога станува збор за руралните области, програмата Лидер1 се обидува да го поттикне нивниот развој, како и модернизацијата на физичката сопственост во земјоделско-прехранбениот сектор и унапредувањето на руралната инфраструктура во рамките на ИПАРД2. И во овој дел се нагласува важноста од примената на обновливите извори на енергија и современата технологија со усвојување на мерки за прилагодување кон климатските промени во земјоделството.

Поддржано од „GEAR – Green Economy for Advanced Region“ финансиран од Европската Унија во рамки на Програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми зa 2016-2017.
1 LEADER/CLLD, https://enrd.ec.europa.eu/leader-clld_en
2 EU pre-accession assistance for rural development (IPARD), https://ec.europa.eu/info/food-farming-fisheries/farming/international-cooperation/enlargement/pre-accession-assistance/overview_en
Најнови коментари