Во малото Кичевско село Белица се отвори Едукативниот одржлив центар на заедницата кој користи фотоволтаични панели за да ги задоволи потребите за електрична енергија. Оваа локална заедница која се наоѓа во еден од регионите со јаглен во земјата е пример на носење одлуки за развој на заедницата кои потекнуваат од самите жители на таа заедница.

„Локалните заедници се најважни чинители во процесот на праведна транзиција. Особено ни е драго што поддржавме проект кој обезбедува надополнување на програмата за праведна транзиција како клучна мерка за декарбонизација на енергетскиот сектор. Оваа заедница секојдневно покажува дека регионите со јаглен можат да се развиваат и по затворањето на термоелектраните на јаглен.“

Жарко Конески, програмски координатор за енергија во Еко-свест

Во склоп на проектот „Зелена комуна Белица“ имплементан во 2023 и 2024 година, се разви реален модел за селска заедница на самоодржливо и еколошки свесно село посветено на заштита на животната средина преку одржливо користење на природните ресурси и обновливите извори на енергија, како и промоција на природното наследство.

Мисијата на Зелена комуна Белица е селото да живее во традиционалните еко-вредности и да се претстави на туристите, преку реставрирање и изградба, организирање традиционални настани, едуцирање за традициите и заштитата на животната средина, продажба на локални еко-продукти како и спроведување граѓански иницијативи и акции. Целта е одржливо користење на природните ресурси и преземање акции за намалување на климатските промени.

Овие активности се реализирани во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“, предводен од Еко-свест, во партнерство со МЗМП и CNVP Македонија, а финансиран од Владата на Шведска 🇸🇪.

Share This

Share this post with your friends!