Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ е во потрага по посветен, стручен и мотивиран еколог кој ќе му се приклучи на нашиот тим во областа заштита на води и природа.
Ако реките ги гледаш како „крвотокот“ на планетата, веруваш во моќта на природата да се самообнови и сакаш твојата работа да резултира со живи, слободни и чисти реки – ти си вистинската личност за нас.
За Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест:
Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина.
Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции.
Посебни цели и задачи на „Еко-свест“ се:
– Информирање за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и луѓето;
– Промовирање на решенија за здрави и одржливи пракси и политики во областа на заштита на животната средина и застапување на истите во процесите на креирање политики;
– Истражувања и анализи во област на заштитата на животната средина и човековото здравје;
– Промовирање и застапување за учество на јавноста во процесите на донесување одлуки во област на животната средина и поддршка на заедниците за остварување на ова право;
– Информирање и едуцирање на јавноста за можните негативни влијанија и начините за спречување и избегнување на истите врз животната средина и човековото здравје особено кај жените, децата и старите лица;
– Формирање и водење на коалиции и други тела составени од организации, експерти и институции со цел заедничко застапување за заштита на животната средина;
– Активно учество во постапките на измена и донесување на законски акти во област на заштита на животната средина;
– Спроведување на посебни активности во областите на:
- заштита на климата
- заштита на природата
- заштита на медиумите на животната средина (воздух, води, почва)
- одржлив развој на локалните заедници
- одржлив транспорт
- одржливи и паметни решенија за енергетскиот систем
- одржливо управување со отпадот
- иновации во заштитата на животната средина
- паметно просторно планирање
- поддршка на заедниците и активно граѓанство.
Повеќе информации за областите на делување на Еко-свест: https://ekosvest.com.mk/
Опис на позицијата Еколог
Како дел од тимот за води и природа, ќе работиш на заштита на нашите највредни водни ресурси и екосистеми. Твојот фокус ќе биде на следење на состојбата на речните екосистеми, идентификување на заканите (како мали хидроцентрали и загадување) и развивање на конкретни планови за реставрација на деградираните подрачја.
Клучни одговорности:
* Проценка и мониторинг: Спроведување на теренски и кабинетски истражувања за проценка на еколошкиот статус на реките и крајбрежните појаси.
* Планирање на реставрација: Развој и имплементација на стратегии и планови за ревитализација на речните корита и обновување на биолошката разновидност.
* Застапување и политики: Учество во изработка на коментари на Студии за оцена на влијание врз животната средина (ОВЖС) и лобирање за подобри законски решенија за управување со водите и заштита на природата. Подготовка на кратки анализи и препораки со цел промена на праксата во управувањето со водните и природните ресурси.
* Соработка со заедницата: Работа со локални заедници и засегнати страни за заштита на реките и природата од штетни инфраструктурни проекти.
* Проектен менаџмент: Водење на активности во рамки на тековните проекти на Еко-свест поврзани со заштита на водите и природата.
Потребни квалификации:
* Образование: Завршено високо образование (ПМФ – Биологија/Екологија, Шумарски факултет или сродни природни науки) или во фаза на завршување. Специјализација во слатководна екологија ќе се смета за предност.
* Искуство: Минимум 2-3 години работно искуство во областа на екологијата или заштитата на природата. Искуство со теренски истражувања.
Вештини:
* Познавање на Европското законодавство и домашната легислатива во област на води и природа.
* Способност за работа со GIS алатки (пожелно).
* Одлични аналитички вештини и способност за пишување стручни извештаи.
* Подготвеност за честа теренска работа низ целата држава.
* Тимска работа
* Јазици: Одлично познавање на македонски и англиски јазик (пишан и говорен).
Што нудиме?
* Динамична работна средина во една од водечките организации за животна средина во регионот.
* Простор за личен и професионален развој преку обуки и меѓународна соработка.
* Можност за реално влијание врз заштитата на природното богатство на Македонија.
* Флексибилно и пријателско работно опкружување.
Работни услови:
Неделното работно време е 40 часа (од 8 до 16 или 9 до 17 часот). Локација на вршење на работните обврски е во Скопје. Со избраниот/ата кандидат/ка ќе биде потпишан договор за вработување на определено време, со период од 1 (еден) месец кој може да се продолжи врз основа на покажаните квалитети и перформанси. Месечна нето плата, согласно политиката за личен доход на Еко-свест е помеѓу 30 000 и 50 000 денари нето и се утврдува согласно искуството и вештините на кандидатот. Конкретната плата на избраниот кандидат/ка ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување.
Начин на пријавување:
Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:
- Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
- Професионална биографија;
- Професионална препорака/референца е пожелна.
Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Еколог.
Пријавувањето е отворено од 30.01.2026 до пополнување на позицијата.
Најнови коментари