Еко-свест во консултации со широка група на засегнати страни подготви Патоказ за заштита на природата. Неговата намена е да постави насоки и да ги идентификува приоритетните активности во секторот природа, да биде поддршка за креаторите на политики, државните институции, локалните власти, управителите со заштитени подрачја, како и граѓанските организации, со цел преземање на синхронизирана и заедничка акција за подобра заштита на нашата најголема вредност- природата.

Зборувавме со Симона Трајковска, проектен координатор за природа во Еко-свест и авторка на предлог патоказот за значењето на овој документ и можностите кои ги нуди.

Што значи патоказ за заштита на природата и кому треба да му даде насока?

Во нашата земја, природата и природните богатства треба да уживаат посебна заштита како општо добро од кое зависат сегашните, но и идните генерации. Во оваа насока, Патоказот за заштита на природата предлага активности и мерки кои треба да ја подобрат состојбата во природата, да ја зајакнат нејзината институционална и практична заштита.  Патоказот е резултат на низа дискусии и средби со засегнатите чинители кои предложија решенија што се неопходни да бидат спроведени што поскоро за да спречиме понатамошно уништување на природата, екосистемите, дивите видови и нивните живеалишта. Тие се надоврзуваат на постоечката правна рамка и  стратешки приоритети за заштита на природата на нашата земја и може да ја олесни работата на институциите, управителите со заштитените подрачја, екологистите, заштитарите, локалните власти, граѓанските организации, но и на сите оние кои сакаат да преземат чекори и да ја заштитат природата.  

Кои се клучните предизвици кои стојат на нашиот пат за подобра заштита на природата?

Природата во нашата земја е под закана од разни инфраструктурни проекти кои влијаат врз загубата на биодиверзитетот и природните живеалишта на видовите. Заштитата на природата не е приоритет во државните политики кои се фокусирани на економскиот развој и кои природата ја третираат како ресурс за искористување, дури и во веќе воспоставените заштитени подрачја. Нашата цел е да ја истакнеме заштитата на природата како мултисекторска област која треба да биде приоритет во политиките кои имаат директно влијание врз деградацијата на пределите, живеалиштата и екосистемите. За жал, граѓаните имаат ниско познавање за значењето на заштитата на природата, како таа придонесува кон обезбедување на квалитетна животна средина, за можностите за економски развој кои не се во конфликт со природата и за придонесот на природата кон јавното здравје. Неопходно е да ги заштитиме  живеалиштата и видовите од европско и меѓународно значење како што се Натура 2000 и Емералд подрачјата и во целост да ги имплементираме меѓународните конвенции. Нашиот фокус мора да биде и кон заштитените подрачја кои работат без квалификуван кадар и финансиски се зависни од странски донатори.

Кои се приоритетните обасти на кои треба да се работи и кој треба да помогне? Каде лежи одговорноста?

Преку Патоказот утврдивме три приоритетни области за заштита на природата, и тоа усогласување на законската рамка од различни сектори, хармонизирање со ЕУ законодавство и меѓународните договори, примена на меѓународните конвенции, зајакнување на административната и институционалната рамка и капацитети, како и воспоставување на систем за одржливо финансирање на заштитата на животната средина. Особено е важно да се формира самостојно, стручно и научно тело, кое ќе биде надлежно за следење, истражување, анализа и унапредување на заштитата на природата и управувањето со природните ресурси како што е Агенција или Завод за заштита на природата по примерот на сите земји во Европа. Но, за да се оствари сето ова, потребно е да се воспостави систем за одржливо финансирање на заштитата на природата и зголемување на изворите на финансиски средства и да се воспостави Фонд за животна средина.

Ги имаме ли потребните ресурси за да ги оствариме овие цели и како да ги озбезбедиме, ако ни недостасуваат?

Сите приоритети за заштита на природата можат да бидат остварени со соодветно планирање на буџетски средства кои би се обезбедиле од разни надоместоци, како што се оние за управување со водите, надомести за штети врз екосистемите во заштитените подрачја, како и преку компензаторски мерки заради ублажување на деградирани површини во природата. Во оваа насока, најважен извор на финансирање можат да бидат екосистемските услуги за користење на природните ресурси. Патоказот предлага мапирање на економската вредност на природните ресурси во заштитените подрачја и поттикнување на механизмот на самоодржливо финансирање, воведување на даночни олеснувања и субвенции за услуги и производи од природата.

Биодиверзитетот, квалитетот на медиумите, пред се водата и промената на користењето на земјиштето, преку намалувањето на природните живеалишта се идентификувани како три компоненти од нашата планета што имаат достигнато критична точка на оштетување. Доколку не се делува решително и со сите расположливи средства ќе се соочиме со неповратни загуби и целосна промена на начинот на кој што функционираме. Тоа ќе влијае на достапноста и квалитетот на храната, воздухот и водата, од кои зависиме ние и сите видови во природата.

Целиот документ е достапен на линкот: Предлог Патоказ за заштита на природата (2022) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)

ПОДОБРУВАЊЕ НА ЗАШТИТАТА НА ПРИРОДАТА (2023) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)

ПОДОБРУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЗАШТИТАТА НА ПРИРОДАТА (2023) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)

ОДРЖЛИВО ФИНАНСИРАЊЕ НА ЗАШТИТАТА НА ПРИРОДАТА (2023) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)

Share This

Share this post with your friends!