Опис на услугата
Основни информации
Како резултат на човековата активност, односно изградбата на препреки, брани и други инфраструктурни градби, реките во Македонија страдаат од фрагментација која што има негативно влијание врз хидрологијата на реките, морфологијата, екосистемите, вклучително и рибите и останатите водните видови како и нивните живеалишта. Целта на овој проект е да се развие методологија за идентификување на најсоодветните препреки за отстранување, со цел повторно да се поврзат речните системи и да се подобри нивниот еколошки статус. Проектот ќе се фокусира на сливот на реката Пчиња и ќе вклучува мултидисциплинарен тим на експерти.
Проектот ќе се реализира во три фази. Во првата фаза ќе биде подготвена методологија за идентификација и приоретизација на бариерите за отстранување. Во следната фаза, експертите ќе направат теренска работа во областа на истражувањето со цел да се процени влијанието на бариерите врз животната средина, биолошката разновидност, социо-економската важност и нивниот правен статус. Во последната фаза на проектот, експертите ќе обезбедат систематска класификација на влијанието на бариерите и приоритетите за отстранување.
Прелиминарно истражување за сливот на реката Пчиња е веќе беше завршено од страна на партнерот на проектот Геобалканика. Истражувањето вклучува хидролошки податоци за сите реки и потоци на сливот, преглед на препреките и бариерите како и други статистички податоци. Ова прелиминарно истражување ќе биде достапно за експертите како појдовна основа за нивното понатамошно истражување. Секундарните податоци за сливот на реката Пчиња достапни од Управа за хидрометеоролошки работи, дозволите за риболов и другите достапни документи исто така ќе се користат за целите на проектот.
Целите на овој проект се:
- Да се процени хидрологијата на сливот на реката Пчиња;
- Да се идентификуваат локациите и статусот на препреките (слаповите и другите бариери) кои го фрагментираат речниот тек;
- Да се процени влијанието на препреките врз водните видови и нивните живеалишта;
- Да се развие методологија за избор на препреки за отстранување со цел да се подобри поврзаноста на реката и еколошкото здравје;
- Да се создаде база на податоци на препреки заснована врз развиената методологија;
- Да се дадат препораки за приоритетни бариери за отстранување.
Цели и обем на работа
Експертот ќе биде одговорен да ја спроведе задачата „Правна анализа за статусот на препреки, брани и други инфраструктурни градби во сливното подрачје на реката Пчиња“. Анализата треба да даде краток преглед на националното законодавство за изградба и користење на инфраструктурни објекти покрај добра од општ интерес- како што се реките, потоците, езерата. Со анализата треба да се изврши правна проценка на објектите кои се изградени долж сливното подрачје на реката Пчиња, за што постојат впишани податоци во Катастарот на Република Северна Македонија. Анализата треба да го прикаже правниот статус на објектите преку утврдување на сопственоста, староста, степенот на употреба или неупотреба со што ќе се идентификуваат правните можности, обврски и ограничувања за нивно отстранување. За основата на анализата, експертот треба да изработи методологија со клучни параметри за проценка на правниот статус на објектите и истата да ја примени на секоја од идентификуваните препреки. Правната анализа преку едноставна скала на бодување треба да понуди листа на бариерите кои можат и треба да бидат отстранети. Од содржината на анализата треба да произлезат препораки за препреки, бариери, рибница и други инфраструктурни градби кои би можеле да се отстранат од аспект на нивниот правен статус.
Закони кои треба да бидат референцирани се Закон за заштита на животната средина, Закон за водите, Закон за заштита на природата, Закон за сопственост и други стварни права, Закон за јавни дејности, Закон за концесии и јавно приватно партнерство, Закон за локалната самоуправа и други релевантни закони кои можат да бидат во функција на оваа анализа.
Експертот треба да ги спроведе следните активности:
- Да изработи анализа за правниот статус на препреки, бариери, рибници и други инфраструктурни градби на сливот на реката Пчиња која ќе биде помеѓу 20-30 страни на македонски јазик.
- Да го користи прелиминарното истражување за сливот на реката Пчиња изработено од партнерот на проектот Геобалканика, како и секундарните податоци достапни од Управа за хидрометеоролошки работи, риболовните основи и другите достапни публикувани и официјални податоци и литература.
- Да изработи методологија со клучни параметри за проценка на правниот статус на објектите кои се изградени долж сливното подрачје на реката Пчиња и скала со бодови. Целта на методологијата ќе биде да го помогне процесот за идентификување на оние барирети кои според нивниот правен статус треба да бидат отстранети.
- Да изврши прибирање на јавно достапни податоци кои се впишани во Катастарот на Република Северна Македонија и доколку има потреба да испрати барање за доставување на информации од јавен карактер од други институции или локална самоуправа.
- Да вклучи листа на сите препреки, брани, рибници и други инфраструктурни градби со објаснување и проценка на нивниот правен статус, сопственост, староста, степенот на употреба или неупотреба со што ќе се идентификуваат правните можности, обврски и ограничувања за нивно отстранување.
- Да изработи препораки за препреки, бариери, рибници и други инфраструктурни градби кои би можеле да се отстранат од аспект на нивниот правен статус.
- Да учествува на заеднички работен состанок со останатите експерти на проектот (хидролог, географ, ГИС, биолози и социо-економски) со цел да се утврдат финалните препораки.
- Да поднесе табели за евиденција на работни денови за овој проект до Еко-свест.
Временска рамка
Избраниот експерт ќе има период од 1 месец од времето на потпишување на договорот за изработка на анализата.
Буџет
Максималниот буџетот достапен за извршување на горенаведените задачи изнесува 75.000,00 МКД бруто износ.
Потребни квалификации
Експертот треба да ги исполнува следните квалификации:
• Високо образование од областа на правните науки
• Работно искуство од најмалку 5 години на правни работи и најмалку 2 години искуство од областа на животната средина;
• Развиени истражувачки и аналитички способности;
• Искуство во подготовка на анализи, истражувања и слично.
Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат условите треба да достават кратка биографија(CV) и финансиска понуда (бруто износ во МКД со вклучен персонален данок на доход), со прилог примерок или референтна листа од најмалку 3 подготвени анализи, истражувања, прирачници, програми и слично. Документите треба да се достават во електронска верзија на е-пошта до [email protected] со назнака – Апликација за анализа за правниот статусот на препреки, брани, рибници и други инфраструктурни градби во сливното подрачје на реката Пчиња е продолжен до 07.04.2023 година.
Најнови коментари