Опис на услугата

Основни информации

Како резултат на човековата активност, односно изградбата на препреки, брани и други инфраструктурни градби, реките во Македонија страдаат од фрагментација која што има негативно влијание врз хидрологијата на реките, морфологијата, екосистемите, вклучително и рибите и останатите водните видови како и нивните живеалишта. Целта на овој проект е да се развие методологија за идентификување на најсоодветните препреки за отстранување, со цел повторно да се поврзат речните системи и да се подобри нивното еколошко здравје. Проектот ќе се фокусира на сливот на реката Пчиња и ќе вклучува мултидисциплинарен тим на експерти.
Проектот ќе се реализира во три фази. Во првата фаза ќе биде подготвена методологија за идентификација и приоретизација на бариерите за отстранување. Во следната фаза, експертите ќе направат теренска работа во областа на истражувањето со цел да се процени влијанието на бариерите врз животната средина, биолошката разновидност, социо-економската важност и нивниот правен статус. Во последната фаза на проектот, експертите ќе обезбедат систематска класификација на влијанието на бариерите и приоритетите за отстранување.
Прелиминарно истражување за сливот на реката Пчиња веќе беше завршено од страна на партнерот на проектот Геобалканика. Истражувањето вклучува хидролошки податоци за сите реки и потоци на сливот, преглед на препреките и бариерите како и други статистички податоци. Ова прелиминарно истражување ќе биде достапно за експертите како појдовна основа за нивното понатамошно истражување. Секундарните податоци за сливот на реката Пчиња достапни од хидрометеоролошкиот институт, дозволите за риболов и другите достапни документи исто така ќе се користат за целите на проектот.
Целите на овој проект се:

  • да се процени хидрологијата на сливот на реката Пчиња;
  • да се идентификуваат локациите и статусот на препреките (слаповите и другите бариери) кои го фрагментираат речниот тек;
  • да се процени влијанието на препреките врз водните видови и нивните живеалишта;
  • Да се развие методологија за избор на препреки за отстранување со цел да се подобри поврзаноста на реката и еколошкото здравје;
  • Да се создаде база на податоци на препреки заснована врз развиената методологија;
  • Да се дадат препораки за приоритетни бариери за отстранување.

Цели и обем на работа

Експертот ќе биде одговорен да ја спроведе задачата „Анализа на социо-економското влијание на препреките на сливот на реката Пчиња“. Целта на оваа анализа е да се идентификуваат препреките, бариерите и рибниците кои не се во употреба и би можеле да бидат отстранети со цел да се подобри поврзаноста на реката и нејзиното еколошко здравје. Анализата треба да содржи кратко резиме на социо-економското влијание на реката врз регионот, како и основна демографија и употребата на вода од реките во сливот на Пчиња од страна на локалното население, локалните правни субјекти и останатите локални чинители. Понатаму, експертот ќе треба го идентификува/процени влијанието на препреките, бариерите и рибниците врз социо-економските активности преку комуникација со локалните чинители, вклучително и локална самоуправа, жителите, риболовните организации, земјоделските заедници, спортски здруженија, промотори на еко-туризам и сите оние кои ја употребуваат реката и може да бидат засегнати од отстранување на препреките. Врз база на спроведените активности во анализата ќе бидат идентификувани препреките, бариерите и рибниците кои не се во употреба и би можеле да бидат отстранети без поголемо нарушување на социо-економскиот баланс.

Експертот треба да ги спроведе следните активности:

  1. Да изработи анализа на социо-економското влијание на препреките, бариерите и рибниците на сливот на реката Пчиња која ќе биде помеѓу 20-30 страни на македонски јазик.
  2. Да направи теренски истражувања за добивање на информации од локална самоуправа, жителите, риболовните организации, земјоделските заедници, спортски здруженија, промотори на еко-туризам и сите оние кои ја употребуваат реката и може да бидат засегнати од отстранување на препреките.
  3. Да го користи прелиминарно истражување за сливот на реката Пчиња изработено од партнерот на проектот Геобалканика, како и секундарните податоци достапни од хидрометеоролошкиот институт, дозволите за риболов и другите достапни публикувани и официјални податоци и литература.
  4. Да изработи листа на препреките со податоци за нивното социо-економско влијание и нивната употреба од стана на локалните чинители
  5. Да изработи методологија на бодување, односно квантификација на влијанието со бодови (од 1-5) и да ја примени оваа методологија на секоја од препреките.
  6. Да изработи препораки за препреки, бариери и рибници кои би можеле да се отстранат.
  7. Да учествува на заеднички работен состанок со останатите експерти на проектот (хидролог, географ, ГИС, биолози и правен експерт) со цел утврдување на финалните препораки.
  8. Да поднесе табели за евиденција на работни денови за овој проект до Еко-свест.

Временска рамка

Избраниот експерт ќе има период од 2 месеци од времето на потпишување на договорот за изработка на анализата, вклучувајќи ги и теренските посети.

Буџет

Максималниот буџетот достапен за извршување на горенаведените задачи изнесува 132.000 МКД бруто износ.

Потребни квалификации

Експертот треба да ги исполнува следните квалификации:
• Најмалку 3 (претходно) изработени анализи и/или трудови/активности во бараната област
• Развиени истражувачки и аналитички способности;
• Одлични комуникациски способности.

Постапка и правила за пријавување, рок и избор

Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат условите треба да достават кратка биографија(CV) и финансиска понуда (бруто износ во МКД со вклучен персонален данок на доход), со прилог примерок или референтна листа од најмалку 3 подготвени анализи, истражувања, прирачници, програми и слично. Документите треба да се достават во електронска верзија на е-пошта до [email protected]: со назнака – Апликација за анализа на социо-економското влијание на препреките на сливот на реката Пчиња до 20 март 2023г.

Надзор на проектот, контрола на квалитет и детали за контакт

Контакт лице за проектот е Ѓорѓи Митревски, [email protected], 071 232 103.

Share This

Share this post with your friends!