Еко-свест испрати отворено писмо до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на РСМ и Делегацијата на Европската Унија во кое бара повлекување на Законот за ловство и дивеч.

Со новите измени, Законот за ловство и дивеч овозможува одгледување, ловење, заштита и користење на дивечот за стопански цели, со што се губи неговиот статус на општо добро и се третира исклучиво како економски ресурс и во функција на развој на ловството и ловечки туризам кој за возврат придонесува кон загрозеноста и исчезнувањето на дивите видови. Во уредување на оваа дејност неопходно е почитување на уставната и законската рамка за зачувување на биолошката разновидност.

1. Законот за ловство и дивеч е противуставен

Законот за ловство и дивеч прави исклучок од уставната норма дека „дивечот е добро во општ интерес кое ужива посебна заштита“ и предвидува дека дивечот кој се наоѓа во ограден простор за одгледување, размножувалиште, оградено ловиште, полигоните за лов на дивеч и фармите за дивеч можат да бидат во сопственост на правни и физички лица кои поседуваат соодветна документација. На овој начин се воведува процес на „приватизирање“ во начинот на користењето и заштитата на дивечот, односно како  добро од општ интерес тоа го губи својот уставен статус и станува економски ресурс во функција на ловството како стопанска дејност. 

2. Законот за ловство и дивеч е во спротивност со Законот за заштита на природата

Со измените на Законот за ловство и дивеч се предвидени ловишта со посебна намена на територијата на националните паркови, што е во спротивност со нивниот строго дефиниран статус во Законот за заштита на природата. Со оглед на тоа дека намената на националните паркови е заштита на еколошките процеси, како и на видовите и екосистемските карактеристики комплементарни на подрачјето, ловишта на нивните површини е несоодветно и не треба да биде дозволено. 

3. Законот за ловство и дивеч не ги решава заканите од ловство како дејност 

Законот за ловство и дивеч не е усогласен со плановите за управување на националните паркови кои воведуваат забрана за лов и посебните планови со мерки за заштита од вознемирување, намалување на популациите, па дури и исчезнување на видовите поради закана од незаконски лов на диви животни. 

Се предвидува можност за МВР да може да направи застрел на диво животно во случаите кога тоа ќе се најде во урбана или друга населена средина и предизвикува или претставува опасност по животот, безбедноста и здравјето на луѓето, само врз основа на одобрение на МЗШВ. Неоправдано е да не се земат предвид надлежностите на МЖСПП и управителите на заштитените подрачја во оваа постапка, особено бидејќи создава ризик за застрел на заштитени видови, значајни видови и видови со трајна забрана за лов.

Со измените се воведуваат фарми за дивеч како неловна површина на ловиштата. Ова не соодветствува со суштината на ловството како дејност која е уредена со Законот за ловство и дивеч, етичките причини (чување на единки од диви видови заради производство на месо) и можноста да бидат злоупотребени за легализирање на нелегално стекнат дивеч. 

4. Законот за ловство и дивеч е донесен без соодветно учество на јавноста

Во 2021 година, граѓанските организации од областа на заштита на животната средина побараа од МЗШВ да бидат вклучени во работната група за изработка на овој Закон, но беа одбиени. Законот беше поставен на ЕНЕР и за него беа доставени коментари од страна на стручната фела и граѓанскиот сектор. За жал на коментарите не беше одговорено и тие не беа земени предвид во новата верзија од Законот. Дополнително, јавната расправа во 2021 година беше одржана во затворен круг, без присуство на пошироката јавност и граѓанскиот сектор, на што истиот остро реагираше. Поради нетранспарентниот процес на изготвување на Законот за ловство и дивеч сметаме дека има можност за злоупотреба на постапката за усогласување со законодавството на ЕУ, бидејќи е спроведена без учество на клучни чинители и без јавна дебата за новите решенија од Законот. 

Законот за ловство и дивеч беше донесен на седница на Собранието на РСМ на 12 декември во скратена постапка. Во неговото донесување не претходеше јавна дебата и не беше дадено какво било образложение за потребата од нов Закон за ловство и дивеч. 

Со отвореното писмо, Еко-свест бара од Владата на РСМ и надлежните министерства да го повлечат Законот за ловство и дивеч и да подготват измени во координација со сите засегнати чинители и јавноста.

Копија од отвореното писмо беше доставено и до Собранието на РСМ и Претседателот на РСМ.

Share This

Share this post with your friends!