Инсталирање на фотоволтаици на покривот на Центарот за рехабилитација „Избор“ во Струмица, како и на покривот на старото училиште во Белица кое служи како едукативен центар, изработка на шест локални акциони планови за животна средина, мобилизирање на заедниците за ублажување и прилагодување кон климатските промени, едукација на младите за клима и уште низа активности беа спроведени за поддршка на исполнување на националните климатски цели.
Активностите се спроведени како дел од програмата за грантови под проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“, што го спроведе Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ со финансиска поддршка од Владата на Шведска. Целта на програмата беше да поттикне силно и живо граѓанско општество што ќе има значајна улога во процесот на декарбонизација, трансформација и обнова на општеството.
„Климатските промени се непобитен факт. Улогата на граѓанското општество не е само да информира, туку да и да ги мобилизира напорите за ублажување и прилагодување на ефектите од климатските промени. Климатските ризици можат да се намалат само со колективна акција“, истакна на денешната промоција на проектните активности, Елизабет Далберг Фриск, заменик амбасадорка на Шведска.
Преку сите проектни активности се обезбеди дискусија и широки консултации со сите засегнати локални чинители да размислуваат во насока на итноста на справување со климатските промени и подготвеност за климатските катастрофи на локално ниво, но и важноста од комплетна транспарентност во носењето одлуки и мерки од значење за ублажување и прилагодување кон климатските промени.
„Локалната акција е онаа која ќе ги промени навиките. Сега е потребно споделување на научените лекции, на резултатите кои сме ги спровеле, зошто само така ќе успееме да ги подобриме стандардите во животната средина“, истакна извршната директорка на „Еко-свест“ Ана Чоловиќ Лешоска.
Локалните климатски акции во целост ги поддржаа и мерките и политиките за клима кои се носат на централно ниво се со цел побрзо постигнување на зацртаните климатски цели.
„Работиме со граѓански огранизации кои ги разбираат локалните потреби, имаат капацитет да ги вклучат засегнатите заедници и можат да понудат применливи решенија за климатските и други предизвици во животната средина. Со ова покажуваат дека може да се доверлив партнер на националните и на локални институции. Решенијата кои ги претставуваат овде за справување со климатската криза се применливи и пошироко и во останатите општини во државата“, порача Жарко Конески, раководител во „Еко-свест“.







































Најнови коментари