Практична обука за вработените во НП Маврово и НП Шар Планина

Еко-свест спроведе практична обука за зголемување на капацитетите на НП Маврово и НП Шар Планина за мониторинг на протокот на реките.

Обуката се спроведе на реката Бистрица во НП Шар Планина и Тресонечка река во НП Маврово. На обуката ренџерите, експертите и претставниците на Државен инспекторат за животна средина имаа можност да се запознаат со методологијата за мерење на проток на вода, при што беа извршени контролни мерења на протокот на вода од малите хидроцентрали.

Опремата за мерење на проток како донација ќе остане во сопственост на парковите, при што во иднина ренџерите ќе можат да вршат редовни мерења на протокот на реките и мониторинг на работата на малите хидроцентрали.

Работилница за управување со еколошки проток на реките

Еко-свест одржа работилницата за процедурите за утврдување и управување со еколошкиот проток на реките, на која присуствуваа претставници на националните паркови, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и други релевантни институции.
На работилницата, присутните имаа можност да се запознаат со актуелните европски и балкански практики за имплементирање на Рамковната директива за води, како и детално да се запознаат со критериуми за делинеација реките на водни тела и параметрите за постигнување на добра еколошка состојба на водните тела.

Во рамки на работилницата беа одржани и две практични вежби; првата, за квантификација на притисоците и нивното влијание врз статусот на водните тела, според препораките на Рамковната директива за води, а втората, за поврзување на хидроморфолошките влијанија со статусот на водното тело, преку квантифицирање на хидролошкиот ефект врз водните тела како резултат на економско искористување на водите.

Со граѓанска наука до подобар мониторинг на реките

Преку користење на апликацијата CrowdWater, сите граѓани ќе имаат можност за активна улога во зачувувањето на реките и екосистемите во националните паркови Маврово и Шар Планина.

CrowdWater е едноставна апликација која ви овозможува да ги евидентирате промените во нивото на вода во реките, брзината на протокот, квалитетот на водата и условите на околниот екосистем – сето тоа со вашиот паметен телефон! Со едноставно фотографирање и внесување на основни информации, ќе учествувате во креирањето на база на податоци преку која активно ќе се следат состојбите и навремено ќе се делува.
Учеството е лесно и не бара претходно искуство – само желба да се направи разлика. Секое набљудување што го фотографирате дава непроценливи податоци, помагајќи да се заштитат нашите реки за генерациите што доаѓаат. Без разлика дали пешачите покрај брегот на реката, ловите риба, истражувате поток или едноставно ги набљудувате промените на годишните времиња, можете да придонесете за заштита на реките.
Заедно, да го обезбедиме здравјето на нашите реки и богатството на нашите екосистеми.

Преземете ја CrowdWater апликацијата, придружете се на движењето и направете трајно влијание денес!
Апликацијата е достапна на Македонски и Албански јазик, што ја прави едноставна и лесна за користење.

Овие активности се спроведуваат во рамки на проектот „ Заштита на реките преку воспоставување на мониторинг и практики за обновување на речните живеалишта во заштитени подрачја “, кој е финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT а се спроведува од страна на Еко-свест во соработка со НП Маврово и НП Шар Планина.

Share This

Share this post with your friends!