Поголемо учество и транспарентност, како и следење на индикаторите за мерките предвидени во годишните планови за праведна транзиција, побараа учесниците на вчерашниот настан посветен на праведната транзиција во Битола.

Настанот го организираа Еко-свест од Скопје и МКЦ од Битола, каде претставници на општините, граѓански организации, синдикати, бизнис секторот и експертската јавност дискутираа за потребата од побрза, потранспарентна и поинклузивна имплементација на процесот на праведна транзиција во земјата.

Во дискусијата беше истакнато дека имплементацијата на Годишните планови за праведна транзиција е од клучно значење, но и дека е неопходно воспоставување јасни индикатори кои ќе покажат дали процесот навистина дава резултати.

„Годишните планови за праведна транзиција мора да содржат јасни и мерливи индикатори за следење на напредокот. Тие треба да го следат намалувањето на емисиите на стакленички гасови, придонесот кон националните климатски цели и намалувањето на производството на јаглен но и економски и социјални индикатори поврзани со квалитетот на живот и загадувањето“ – изјави Елена Николовска од Еко-свест.

Учесниците побараа извештаите за степенот на имплементација на годишните планови за праведна транзиција, како и сите работни документи, да бидат јавно достапни и лесно пристапни за регионите со јаглен и за пошироката јавност. Се нагласи и потребата од финансиски средства за имплементација на плановите.

„Земјите кандидати за членство во Европската Унија имаат потреба од дополнителна финансиска поддршка од ЕУ за успешно спроведување на праведната транзиција, особено во регионите со јаглен кои се најдиректно погодени од енергетската трансформација.“ – рече Сашо Додовски од МКЦ Битола

На настанот се обрати и Амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, кој ја истакна важноста од вклученоста на сите актери во овој значаен процес. Градоначалникот на Битола ја потврди континуираната заложба и работа на Општина Битола во сите процеси кои се поврзани со понатаможниот развој на градот и регионот.

На крајот од дискусијата беше нагласено дека праведната транзиција не смее да остане само политички термин, туку претставува вистински тест за тоа како ќе функционира енергетската транзиција во пракса и дали таа ќе биде праведна, инклузивна и одржлива за сите граѓани.

Share This

Share this post with your friends!