Еко-свест учествуваше на втората работилница за подготовка на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини, која се одржа во МАНУ на 03.10.2023 година, каде што ги презентираше ставовите и искуствата на граѓанскиот сектор Еко-свест.
Еко-свест официјално ги достави своите забелешки по првиот предлог на Стратегијата и очекува нивно прифаќање од страна на изготвувачите. Оваа значајна стратегија за нашата држава се носи за прв пат и претставува важен дел од нашата економија, но и од општествената трансформација кон одржливо живеење. Министерството за економија во соработка со Македонската Академија на науките и уметностите е во процес на изработка на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини 2025-2045 и се очекува нејзино усвојување во текот на 2024 година. Нашата земја во моментот се наоѓа на крстопат помеѓу сè поинтензивен економски раст и одржлива економска трансформација. Во контекст на заштита на природата, а соодветно на ситуацијата на нарушување на нејзините компоненти, неминовно се наложува потребата од конкретни вложувања во превентива и санација на состојбите во природата.
Една од главните забелешки кон нацрт текстот на Стратегијата беше недоволната усогласеност со глобалните цели за трансформација на општеството во насока на намалување на влијанијата од климатските промени, пред се преку циркуларно искористување на материјалите и суровините. Дополнително, на Стратегијата во сегашната форма и недостасува соодветна корелација со други постојни национални стратегии и закони, и тоа најмногу во идентификувањето на еколошките и социо-економски влијанија настанати од искористувањето и експлоатацијата на минералните суровини.
Еко-свест бара поврзување на одржливото експлоатирање на минералните суровини како примарно економска активност со заштитата на животната средина. Особено бидејќи оваа политика е комплексна поради негативните влијанија кои ги има врз водите, почвата, воздухот, природата, јавното здравје, но и поради тоа што како дејност може во целост да го промени начинот на живеење на локалното население каде што се врши експлоатација. Слабата примена на законодавството од областа на животната средина резултира со неодржлива експлоатација на минералните суровини и затоа Стратегијата треба да се усогласи со останатите национални стратегии и планови кои предвидуваат меѓу-секторска координација и зачувување на овие необновливи минерални богатства.
Дел од забелешките на Еко-свест се кон ревидирање на Стратегијата која треба поголем фокус да даде на националните приоритети и помалку да се надоврзува на потребите на ЕУ за снабдување на критични минерали. Нашата земја има последици од историската експлоатација на минерални суровини во форма на отворени деградирани земјишта што повеќе децении ја загадуваат нашата околина. Стратегијата би требало да вклучи конкретни мерки за ремедијација и пренамена на овие неискористени загадени земјишта во капацитети за производство на енергија од обновливи извори.
Стратегијата мора да се насочи кон промоција на одржлив развој кој ќе ги зачува природните вредности, ќе ја намали сиромаштијата и ќе понуди алтернативи што нема да го успорат економскиот раст и истовремено нема да ја загрози можноста на идните генерации да ги задоволат своите потреби. Ова пред се ќе се постигне со воведување процедури за суштинско консултирање со засегнатите страни, како и обезбедување силни механизми за спречување на понатамошни негативни влијанија врз животната средина.
Еко-свест испрати соопштение до медиумите кое може да го прочитате на линкот:
Најнови коментари