Според Законот за животната средина (ЗЖС), за вршење на активностите на индустриските инсталации, операторите мора да добијат соодветна дозвола за тоа – Интегрирана еколошка дозвола (ИЕД). Со ИЕД се врши соодветно регулирање на капацитетот на работа на индустриските инсталации, но и последователно мониторирање, контролирање и санкционирање од страна на државата.
Во однос на операторите на инсталациите кои согласно ЗЖС се дефинирани како постојни, односно кои почнале со работа пред 01.07.2007, е предвидено да обезбедат Дозвола за усогласување со оперативен план (ДУОП). Тоа е услов за продолжување, односно започнување со работа на инсталацијата, до исполнување на условите за добивање на интегрирана еколошка дозвола, вид на преодна фаза. Постапките за издавање на ДУОП, како и самиот оперативен план кој е составен дел од дозволата, се од голема важност заради соодветно функционирање и причинување на што помала штета на животната средина согласно начелото на претпазливост.
Вклучувањето на јавноста во постапките и овозможување пристап до правда е од исклучително значење, но и законска обврска, имајќи ги во предвид начелото на учество на јавноста и пристап до информации и правото на пристап до правда пропишани како во националното законодавство, така и во Архуската конвенција која е ратификувана од страна на РС.Македонија.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) донесува решение со кое се издава А-интегрирана еколошка дозвола (А-ИЕД), кое се објавува на интернет-страницата на МЖСПП, и во најмалку еден дневен весник достапен на целата територија на државата. Жалба против решението за издавање на А-ИЕД може да се поднесе од страна на засегнати правни и физички лица, како и од здруженија на граѓани основани заради унапредување и заштита на животната средина, во рок од 15 дена од објавувањето на решението.
Согласно предвидените законски одредби при издавање на ДУОП, учеството на јавноста е делумно предвидено и запазено во постапката. Пристапот до правда, пак, директно не е предвиден бидејќи ЗЖС изречно не регулира дека ДУОП се издава со решение. Но, во членот 134 став 2 е пропишано дека доколку не е регулирано поинаку, во постапката за добивање на ДУОП соодветно ќе се применуваат одредбите што го регулираат издавањето на А-ИЕД.
Заклучно на претходно наведеното, начин на издавање на ДУОП и пристап до правда е издавањето на ДУОП да се врши со решение, на кое јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од неговото објавување. Следствено, неносењето решение со кое се издава ДУОП значи оневозможување на засегнатата јавност да поднесе жалба и да го оствари своето право на пристап до правда. Во ваков случај, кога има ДУОП а не е издадено решение, на засегнатата јавност ѝ преостанува да го оспори управниот акт кој може да го добие преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Подеталната анализа прочитајте ја тука.
Најнови коментари