Нема праведна енергетска транзиција ниту без напуштање на производството и користењето на фосилни извори на енергија ниту пак без активно учество и згрижување на заедниците социјално и економски зависни на тие извори на енергија. За вработените во индустриите на јаглен најважно е да се најдат решенија што ќе им овозможат не само понатамошна егзистенција, туку и одржување на нивните секојдневни социјални практики. Токму ова беше тема на работилницата “Работникот во фокусот на праведната транзиција” што се одржа во Битола на 20 јуни 2025 година, организирана од МКЦ Битола во соработка со Локалниот економско-социјален совет на општина Битола (ЛЕСС), Еко-свест и Универзитетот од Манчестер преку проектот GENERATE. На работилницата, учесниците, меѓу кои имаше претставници од Општина Битола, РЕК, синдикатите, бизнис заедницата и граѓански организации, истакнаа дека соодветно и навремено информирање, како и активно учество во сите процеси кои ги засегаат работниците, нивните семејства и заедници од регионите со јаглен е клучен елемент на праведната енергетска транзиција.

Целта на настанот беше продлабочување на разбирањето за праведната енергетска транзиција и зајакнување на улогата на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС) во овој процес. Иако најзасегнати, општините од регионите со јаглен се најмалку вклучени во носењето одлуки на централно ниво во процесите на енергетска трансформација. ЛЕСС-от како формално тело на општината кое има советодавна улога и каде учествуваа претставници на општината, локални бизниси, синдикати, универзитети и граѓански организации, може да биде начин како да се обезбеди активно учество на регионите со јаглен во земјата во носењето одлуки и изборот на проекти за финансирање на енергетската трансформација во земјата.

Работилницата започна со воведен збор на Мери Нашоку од Младинскиот Културен Центар во Битола, а потоа Емилија Сарафска, Советник во Општината за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија го водеше панелот во кој учествуваа Борче Димитровски, Секретар на Општина Битола, Игор Ѓерасов, претседател на Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) и Корина Зиеролд, советник за политики и раководител за координација на праведната транзиција во Европскиот синдикат за индустрија.
Димитровски зборуваше токму за начинот на поактивна вклученост на општината во овие процеси каде ЛЕСС-от има важна посредничка, советодавна и мобилизирачка улога, бидејќи самиот процес подразбира премин кон одржлива и климатски неутрална економија на начин кој ги штити социјалните права, го вклучува населението и овозможува локален развој. Оттука, ЛЕСС е важно тело во градењето на праведна транзиција на локално ниво. Неговата улога како посредник, советник и партнер му овозможува да биде мост меѓу граѓаните, институциите и економските чинители, вклучувајќи ги и работниците.

Ваквиот начин на соработка помеѓу општините од регионите со јаглен, синдикатите и владата е потребен и за да се обезбедат потребните финансии за овие региони кои треба да поминат низ процесите на енергетска трансформација односно постепено затворање на термоелектраните на јаглен. Корина Зиролд од Европскиот синдикат за индустрија даде неколку примери од земјите од ЕУ каде организирањето на работничките синдикати и организациите кои ги штитат нивните права било клучно за обезбедување на праведна транзиција.

Вториот дел од работилницата беше организиран од Еко-свест и Универзитетот во Манчестер којшто се состоеше од презентации и интерактивни дискусии. За многу од последиците од транзицијата воопшто не се зборува, како што објасни и Сашка Петрова од Универзитетот во Манчестер зборувајќи за психолошките и социо-економските влијанија врз вработените во секторот и нивните заедници. Преку примери на затворање на индустриите на јаглен објасни како овие процеси влијаат врз чувството на идентитет, припадност но и нормалното функционирање на индивидуата, нивните семејства и заедници во општество кое минува низ сериозна транзиција и поддршката која треба да им се обезбеди.
Еко-свест активно учествува во ревидирањето на Националниот план за енергија и клима, но не и во процесот на изработка на годишен план за имплементација на праведна транзиција од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на С.Македонија. Нормалното функционирање по транзицијата беше предмет на истражување и во социо-економската анализа на Битолскиот регион на која Еко-свест работеше во изминатиов период. Оваа анализа заклучи дека иако имаат разбирлив страв од процесите кои следат, локалните заедници гледаат огромен потенцијал за развој на регионот со прекугранична соработка со Р.Грција и преку мерки за самовработување и вработување во сектори како туризам и земјоделие. Соработката и информирањето сепак беа посочени како клучна алка на која мора повеќе да се работи за да се постави патот кон праведната транзиција.
Најнови коментари