По повод 20 години од формирањето и работата на Центарот за истражување и заштита на животната средина „Еко-свест“, денес во градскиот парк со нашите партнери и поддржувачи од Министерството за животна средина и просторно планирање и Шведската амбасада во Скопје засадивме 20 дрвја како донација за граѓаните на Скопје.
Урбаното зеленило има значајна улога во квалитетот на нашето живеење, но и во прочистувањето на воздухот и намалување на аерозагадувањето.
И во услови на тековната енергетска криза, Еко-свест настојува да ги информира носителите на одлуки, но и јавноста за важноста од систематско справување со аерозагадувањето во главниот град и земјата, истовремено истакнувајќи ја потребата од континуирана заштита на животната средина и грижа за човековото здравје.
Потребно е да ја искористиме енергетската криза како силен мотив за да направиме вистинска енергетска транзиција, декарбонизација на економијата и комплетна еколошка трансформација, со цел да се подобри квалитетот на живот и да се заштити човековото здравје на долг рок.
Сите институции, компании и граѓани треба да делуваат засилено и заедно, преку посветена примена на одржливи решенија за намалување на загадувањето и подобрување на состојбата со животната средина.
Во Градскиот парк во Скопје освен нашиот тим, дрвја засадија и Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, заменик амбасадорката на Шведска, Биби Гармсон, претставници од Шведската агенција за заштита на животната средина (SWEPA) и претставници од ЈП „Паркови и зеленило“ Скопје.

Share This

Share this post with your friends!