Во текот на мај заврши јавниот награден фотоконкурс на тема Зелена урбана инфраструктура, на кој се избираше најдобро уредена зелена тераса или двор организиран во рамки на поширока низа активности за заедничка климатска акција. Повеќе од 836 граѓани ширум Македонија споделија различни примери од нивните зелени оази и понудија инспирација за подобри климатски услови за сите нас! На овие теми разговаравме со Кристина Бужароска, шумарски инженер и проектен координатор во ЦНВП Македонија и со Ива Петрунова, магистер инженер архитект и урбан социолог.

Колку сте задоволни од пријавите и од наградените фотографии?

Кристина Бужароска: Кога го планиравме јавниот фотоконкурс, на почетокот имавме мала несигурност дали ќе има заинтересираност за учество, но и како да ја искомуницираме целта на конкурост до секој граѓанин. Бидејќи целта не беше да се избере најдобро направена фотографија на двор или тераса. Напротив, имаше за цел преку испратена фотографија да се избере најдобро уреден двор или тераса според зададените критериуми, кои воедно беа и едукативни, за тоа што еден двор или тераса треба да ги содржи како дел од урбаното зеленило. Преку наградниот конкурс сакавме да ја подигнеме и свеста на населението за потребата од присуство на урбаното зеленило во градовите, како и неговите придобивки и важност во намалување и прилагодување кон климатските промени, а воедно и здрава животна средина.

На наше големо изненадување, одзивот беше голем и пристигнаа околу 840 пријавени фотографии на порталот www.zaednozaklimatskaakcija.mk, од градови низ целата држава. Од вкупниот број пријави, дури 433 фотографии ги исполнија поставените критериуми, беа објавени во галеријата на порталот и беа разгледани од евалуационата комисија при избор на најдобра фотографија за уреден двор или тераса.

На конкурсот беше побарано да се исполнат неколку критериуми. Тоа беа присуство на разновидни растенија при уредување на зеленилото во дворовите и терасите и присуство на видови кои поддржуваат урбан биодиверзитет, а тоа се видови што овозможуваат услови за разновидни форми на живот во урбаните/градските средини, на пример обезбедуваат услови за живот на пчели, птици, пеперутки, верверички и слично. Друг критериум беше во дворот или терасата да има поголем број на автохтони (домашни) видови растенија и климатски отпорни видови растенија. Автохтони (домашни) видови растенија се растенија што потекнуваат и природно растат на подрачјето на Македонија, приспособени на постојните услови за раст (клима, почва, влага и др.). Важни се за да се одржи стабилноста на постојниот екосистем, во кој егзистираат во хармонија со други видови и се дел од нивниот животен циклус. Бидејќи порастот на температурите и долготрајната суша се само дел од проблемите со кои треба да се соочат нашите урбани растенија, потребно е да садиме видови што не бараат многу вода и можат да толерираат високи температури.

Правилниот избор на растенија според местото на засадување во градината и нивната функционалност се од големо значење на уредената површина, бидејќи поради намален простор во градот секоја зелена површина мора да врши повеќе функции – да служи како сенка, да апсорбира вишок вода, да ги разладува топлотните острови.

Комисијатаза избор имаше многу тешка работа во оценување на најдобро уредена тераса и двор, беа издвоени 30 фотографии кои влегоа во потесниот круг и истите беа изложени во Дино Паркот за време на доделување на наградените. Од наградените фотографии прво место освои двор од куќа во центарот на Битола, на кој сопственикот секојдневно посветено работи во неговото оддржување и проширување на растителниот фонд. Второ место беше уредена тераса во центарот на Скопје, додека трето место беше уреден двор во близина на центарот на Куманово. Тројцата наградени, во своето уредување го имаа запазено природниот изглед на еден двор или тераса, присуство на домашни видови растенија , но се издвоија и по тоа што при уредувањето имаат внесено плодоносни растенија, посебно дворот кој освои трето место покажа пример како може во една урбана средина да се искомбинираат на едно место декоративни растенија со земјоделски култури и истиот да изгледа убаво и декоративно.

Каква е македонската домашна градина и обликување на просторот во кој луѓето живеат? Кои се главните карактеристики на македонските дворови и тераси?

КБ: Во минатото многу почесто наидувавме на оној природен традиционален слободен стил на уредување, со присуство на домашни, автохтони видови на дрвја и грмушки, повеќегодишни цветни растенија, розите со својот колорит и трендафилите ги красеа дворовите, додека лозниците и јаворите ни обезбедуваа ладовина под нивните, сенки, се внимаваше на помало присуство бетонски површини, или површини од природен материјал, а се оставаше простор за природно формираните тревници. Едноставно кажано преку свесна и одржлива употреба од тоа што ни го дава природата и спојување на нејзините способности создававме и градевме не само дворови и тераси, но и урбани шуми, паркови, дрвореди, зелени плоштади и други јавни зелени површини.

Сепак, во изминатите години, со зголемена урбанизација и ширење на градовите, поголемиот дел од овие дворови ги изгубивме, а на нивни место добивме паркинг простори и бетонски површини, без притоа да се запазат барањата од Законот за зеленило. Дополнително, со достапноста преку увозот на разновидни декоративни растенија и нивни хибриди, новоформираните дворови, тераси и јавни површини добија помодерен изглед, но овде треба да водиме сметка истиот да биде функционален и прилагоден според климатските промени, а не само стилски и убав на око. Кога зборуваме за функционалноста, тоа е исполнување на критериумите кои ги наведов погоре.

Дали естетиката и функционалноста на зелената урбана инфраструкутра, со годините, се менува, делумно и поради климатските прилики?

Ива Петрунова: Секако дека се менува, но тоа не е предизвикано само од климатските промени, туку и од променетите општествени вредности кои се отсликуваат во просторот во градот. Поради климатските промени се случува одредени видови растенија кои можеби биле карактеристични за ова поднебје, повеќе да не им одговара повисоката температура или количината на врнежи, па да не можат понатаму да се равиваат. Голема улога во естетиката и функционалноста на зелената инфраструктура има урбанизмот, односно ГУП-от и ДУП-овите, но и променетите вредности и чувство за естетика кај самите граѓани. Во последниве години можеме да забележиме дека се случува преголема урбанизација и менување на типологијата на домување од куќи или бараки со двор со бавча и со зеленило, во згради со целосно бетониран партер и недоволен паркинг простор, како и проширувањето на булеварите на сметка на дрворедите. Краткорочната профитабилност на ваквите постапки ја ставаат во спореден план зелената урбана инфраструктура. Доколку порано Скопје бил град со трендафили и со дворови со лозници и бавчи, сега истиот простор е претворен во асфалт и паркинг место, ова ја влошува состојбата со климатските промени и го намалува квалитетот на животот во градот.

Кои карактеристика треба да ги имаат зелените урбани простори за да ни помогнат во справувањето со климатските предизвици?

ИП: Сметам дека најважно кај зелените простори е да се со доволна димензија во однос на изградената урбаната површина т.е. да се зачува минималниот процент на зеленило пропишан со закон. Со оглед дека ова не се почитува многу во реалноста, зелените урбани простори треба да бидат многу внимателно планирани, бидејќи ние моментално не можеме да си дозволиме ни еден мал простор да биде залудно и несоодветно потрошен. Ова значи дека тие треба да содржат видови на растенија кои се соодветни за географското подрачје и виреат на климата која е карактеристична за истото. Понатаму би требало да се растенија кои го намалуваат воздушното и звучното загадување. Многу е важно да се разбере дека зелениот простор треба да е со земјена површина, а не со асфалтирани патеки. Исто така, овие простори треба да поттикнуваат биодиверзитет односно да се соодветни за сите инсекти и животни кои живеат во градска урбана средина. Естетски, би препорачала растенија кои се какатеристични за нашите традиционални дворови и бавчи и кои се врежани во нашата колективна меморија со цел да се продолжи континуитетот на амбиенталната препознатливост на нашите градини. Сликовито претставено ова е кога ќе видите лозје и чемпреси веднаш знаете дека станува збор за Тоскана во Италија, кога ќе ги видите лимоните – станува збор за Медитеранот, полиња со лаванда – Франција, додека липите се обележје на Скопје. Секундарен е социјалниот аспект – зелените урбани средини треба да се безбедни и може да имаат и некоја дополнителна содржина која би ги привлекла граѓаните да го посетуваат овој простор. Ваквата дополнителна содржина не смее да го узурпира или намалува зеленилото во никој случај, туку само да го поддржува и надополнува.

Кои совети би има ги дале на љубителите на градините и на сите кои би сакале да го озеленат нивнито урбан животен простор?

КБ:Прво, како совет при уредување на дворот, сопственикот треба да ги земе сите фактори предвид, како сончевата изложеност, експозиција на теренот, квалитетот на почвата и pH, квалитетот и расположливоста на водата и слично. Потоа, кои се потребите и барањата од уредувањето на површината, на пример, дали е потребен дел за игра на децата, дали сакаме да одгледуваме земјоделски култури, дали ќе има одреден дел каде семејството ќе поминува заедно одредено време во денот. Пред да почнете со уредување, поминете време во дворот и направете скица на лист хартија.

Друг поважен совет при разубавување на дворот е да се погрижиме тој да биде од интерес и разигран во сите четири годишни сезони. Тоа може да се постигне преку добро истражен и направен план при избор на растенија, да имаме цветни дрвја и/или грмушки во текот на пролетта и летото, есенската природна боја која ни ја даваат растенијата и добра зелена структура во зима. Зимзелените растенија ќе обезбедат континуитет, листопадните примероци даваат повеќе боја и разновидност, а функцијата и на двете е од големо значење во дворовите. Вклучувањето на различни видови повеќегодишни цвеќиња кои цветаат во различен период од мај до септември ќе му дадат континуитет и разнобојност на дворот. Потоа, користењето на форми и текстури, како и топијари, се интересни за да дадеме значење или да се издвои како централна точка одредена позициј во дворот, но доколку се претера со истите, може да делува и нестилски.

При изборот на растенија, многу често не привлекуваат и знаеме да се восхитуваме на убавиот изглед и форма на одредени алохтони видови, тоа се видови кои не потекнуваат од нашето подрачје и не се приспособени на нашите климатските услови, многу почесто се подложни на заболувања и угинуваат, или пак бараат многу внимание при одгледување и труд за да опстанат во живот.

Како совет би им препорачала при изборот на растенијата да се внимава тие да бидат соодветни за нашето поднебје и клима, затоа подобро е да се користат домашни, автохтони видови, дворот да има што е можно по природен изглед со присуство на разновидност на повеќегодишни ратстенија, при избор на растенија да се консултираат со стручни луца. Исто така, се почесто денес се користата и сушоотпорни растенија, кои можат полесно да се прилагодат и се отпорни кон топлотните бранови како последица на климатските промени. Покрај декоративни, може да се употребат и земјоделски култури кои ќе дадат посебен изглед во градината, а притоа ќе обезбедат храна.

Ива, оваа година сте носителка на проектот кој ја претставува Македонија на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција. Со ова и претходните искуства во делот на урбаната архитектура, каков е вашиот предлог за вклучување на граѓаните во планирањето и дизајнот на јавните простори и особено во трансформацијата на постоечките јавни простори во активни и зелени места?

ИП: Сметам дека кај граѓаните мора континуирано да се развива чувството за местото во кое живеат и за животната средина, а најдобар начин за тоа е да се користат јавните простори преку дружење и создавање спомени. На овој начин, кај нив би се развила свесност за околината во која живеат и грижа и љубов за своето соседство или град. Наједноставно кажано ова е кога сами си го метете дворот и улицата или чистите пред влезот на зградата. Нашите граѓани мора да сфатат дека градот и јавните простори во градот се наши и дека сите заедно треба да се грижиме за нив. Мислам дека првиот чекор би бил со јакнење на меѓучовечките односи и иницијативи за јавните простори во непосредна околина на домот, со иницијативи до општините како би сакале да изгледа просторот и како да се користи. Би можеле да се случуваат дури и герила – акции, односно граѓаните сами да си уредат некој јавен простор по нивна желба. Исто така, сметам дека онаа вредност од нашите баби и дедовци кои садеа дрва и цвеќиња по дворовите и „водеа сметка“ за маалото е загубена и потребна е едукација и информација за граѓаните со цел да се зајакне чувството на грижа и припадност во просторот. Ова би резултирало и со обрнување на поголемо внимание и реакција при објавување на новите ДУП-ови, па на овој начин и севкупниот урбанизам би можел да биде повеќе по мерка на граѓаните. Секако морам да ги споменам дека ова се учи уште од најрана возраст, па мислам дека се потребни и иницијативи во градинките и основните училишта каде децата би учеле за грижата на јавниот простор и би имале училишни градини за кои сами би се грижеле. Позитивните ефекти од ова не би биле само за јавниот простор, туку и за психо-физичкиот развој кај децата.

1 место Диоген Хаџи-Коста Милевски, од Битола
2 место Роберт Јаневски, Скопје
3 место Александра Зафировска, Куманово

www.zaednozaklimatskaakcija.mk

Човекот што ја озелени Македонија

Share This

Share this post with your friends!