Без премин кон циркуларна економија, концептот на климатска неутралност предвиден со Зелениот план не може да се оствари. Циркуларната економија треба да влијае врз намалувањето на товарот и користењето на природните ресурси, а во исто време да го стимулира економскиот раст и вработувањето. За да заживее концептот на циркуларна економија, најпрво неопходно е да се направи драстичен пресврт во производствениот процес и животниот циклус на производите, од самиот дизајн, видот на суровините и енергијата којашто ќе се употребува, до потрошувачката.
Во исто време, треба да се стремиме да генерираме што е можно помалку отпад, а и доколку постои, треба да се искористи како ресурс во некое друго производство. Регионот во суштина треба да се стреми кон тоа да го сведе на минимум влијанието на потрошувачите и да ја зголеми циркуларната употреба на материјали. Една од претпоставките на кружната економија е да обезбеди одржливо управување со суровините. Затоа, за да се постигне циркуларната економија, треба да се помине долг пат на употреба на што е можно повеќе суровини и материјали коишто можат да се рециклираат, на создавање на кружни индустриски локации, нови и одржливи бизнис модели, а кога производот на крајот ќе стане отпад, да се обезбеди ефикасно рециклирање чиј резултат ќе биде висококвалитетна секундарна суровина.
Циркуларната економија го застапува иновативниот и ефикасниот начин на производство, па Зелената агенда ги охрабрува и производителите и потрошувачите да применуваат нови технологии. На прво место, Западниот Балкан треба целосно да го усогласи своето законодавство со законодавството на ЕУ за отпад, вклучувајќи го и рециклирањето и намалувањето на депониите. Со други зборови, неопходно е да се вложат големи напори за развој на одржлив начин на живот, а не само на производство, туку и за насочување на сите фактори во општеството, од потрошувачите до владата, кон одржливи решенија во сите области, а не само кога станува збор за производството.
Неопходно е да се обезбеди ефикасно прибирање и управување со отпадот, како и да се изградат капацитети за рециклирање, така што земјите ќе можат во иднина да ги користат ресурсите што моментално завршуваат на депониите. Агендата, исто така, ја нагласува важноста на регионалниот договор кога станува збор за загадувањето со пластика, при што особено внимание се посветува на прашањето за решавање на загадувањето на крајбрежјето и морињата. Воспоставувањето на политики за одржлив развој и иновации преку примена на стратегии за паметна специјализација е поставено како еден од приоритетите во оваа област.
Поддржано од „GEAR – Green Economy for Advanced Region“ финансиран од Европската Унија во рамки на Програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми зa 2016-2017.

Најнови коментари