Штедењето во готовина е скапо и неисплатливо – вистинско штедење е инвестиција во енергетска ефикасност на домот

Повеќето македонски граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот систем и немаат знаење и храброст да инвестираат во други облици на управување со сопствените заштеди. Во ваков контекст, инвестиција во енергетска ефикасност на сопствениот дом може да биде сигурно решение за добитна инвестиција.

Скопје, 22 април 2024 година

Според НБРМ,  низа години по ред, финансискиот имот на македонските домаќинства бележи постојан раст. Вкупниот финансиски имот на домаќинствата, покрај депозитите во банките, ги вклучува и другите облици на штедење и финансиско вложување на домаќинствата (како што се вложувањата во домашни и странски хартии од вредност, средствата во пензиските фондови, вложувањата во инвестициските фондови и во осигурувањето на животот, готовите пари во оптек и слично). Сепак, домаќинствата тежнеат кон помалку ризични вложувања, пред сè во депозити кај банките и во приватните пензиски фондови (1). За илустрација, во јуни 2022 година депозитите на домаќинствата во македонските банки изнесуваа 5 милијарди евра.

Во извештајот на НБРМ за монетарни движења во март 2024 година, на годишна основа, паричната маса е зголемена за 6,6%, во поголем дел како резултат на растот на депозитните пари, со поизразен придонес кон растот на депозитите на секторот „домаќинства“. Овде главен удел имаат повисоките долгорочни депозити и депозитните пари. За истиот месец, според намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапени се автомобилските, стамбените и потрошувачки кредити.

Македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот систем и имаат помала храброст да инвестираат за поголема финансиска сигурност и животна благосостојба. Се поставува прашањето како е можен раст на заштедите при постојано зголемување на животните трошоци? 

Колку се финансиски информирани и писмени македонските граѓани?

Главната причина може да се бара во генералната финансиска писменост на македонските граѓани. Во земјава, финансиската писменост на возрасните изнесува 56% од максимумот и е значително пониска во споредба со возрасните од Европската Унија и земјите од ОЕЦД. Едно од најголемите глобални мерења на финансиската писменост во светот е Глобалното истражување за финансиска писменост на „Стандард и Пурс“ спроведено во 2014 година од страна на неколку кредибилни меѓународни институции (2) . Истото се базира на анкета на преку 150.000 возрасни испитаници од над 140 земји во светот. Најголема стапка на финансиска писменост во светот имаат Норвешка, Шведска и Данска, каде над 70 проценти од возрасните се финансиски писмени. Македонија се наоѓа на 121-то место на оваа листа со финансиска писменост на 21 проценти од возрасното население.

Во извештај за финансиската писменост во Македонија од 2021 година (3), 70% од испитаниците не покажале доволно финансиско знаење во сите утврдени области. Со други зборови, за финансиски писмени може да се сметаат само околу 30% од испитаниците, при што само 6% имаат високо финансиско знаење. Највисок резултат испитаниците постигнале во областа „платежни услуги“, а најнизок во областа „осигурување“. Од аспект на способностите, најниско знаење има кај способноста „познавање на регулатива, финансиски институции и термини“, за разлика од способноста „однесување и практична примена на финансиското знаење“, која е на значително повисоко ниво. На пример, концептот на сложена каматна стапка е релативно непознат за голем дел од граѓаните, укажувајќи на тоа дека истите не можат самостојно да проценат колку камата би платиле на подигнатиот кредит, или пак колку камата би добиле на вложениот депозит во банка.

Во Анкета на НБРМ од 2022 година (4), помалку од половината од испитаните банки и штедилници имаат воведено нови продукти/услуги како реакција на климатските промени. Главно, станува збор за кредити финансирани со кредитни линии од Европската банка за обнова и развој – ЕБРД, за поддршка на конкурентноста на МСП за проекти во доменот на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, како и заштита при работа и кредити за енергетска ефикасност преку програмата ГЕФФ на ЕБРД, наменети за домаќинствата. Поголемиот број испитаници планираат/размислуваат за воведување нови или промена на тековните продукти/услуги како реакција на климатските промени. Тоа главно би биле кредити за финансирање енергетско ефикасни проекти и зелени кредити наменети за домаќинствата и корпоративниот сектор, како и зелено проектно финансирање.

НБРМ објави раст на „зелените кредити“ за 29% во 2023 година, што е зголемување од 2.8 пати во споредба со 2019 година, кога почнале да се прибираат податоци за ваков тип на кредити. Сепак, растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите земени од фирмите, а не од домаќинствата. За појаснување, „зелен кредит“ е кредитна изложеност којашто се користи за подобрување на енергетската ефикасност на домаќинствата и на корпоративниот сектор, за поддршка на вложувањата во зелени технологии, материјали и слично, за поддршка на вложувањата во обновливи извори на енергија, како и за контрола и/или спречување на загадувањето, заштита на животната средина, намалување на ризиците поврзани со климатските промени и слично.

Инвестиции во енергетска ефикасност

При ваква констелација, во која коегзистираат ниското финансиско искуство, малата искористеност на зелени кредити за домаќинствата и желбата за помалку ризични вложувања, можеби еден сигурен начин за заштеда, сигурен поврат на средства и воедно подобрен квалитет на живот е инвестиција во конкретни мерки за енергетска ефикасност. Овие инвестиции може да бидат во различен обем и согласно потребите, да опфатат различни поединечни или комбинирани форми за енергетска ефикасност на индивидуалните или колективни единици за домување. Инвестициските мерки може да вклучат изолација на фасада, менување на врати и прозорци, замена на покрив, инсталирање на соларни и фотоволтаични панели, вградување на топлински пумпи и сл. Домаќинствата може да инвестираат во:

  • поставување на фасадна топлинска изолација, со користење на термоизолационен материјал чија функција е да го заштити објектот од надворешни топлински промени и да одржува постојано пријатна температура во внатрешноста на објектот;
  • замена и изолација на покрив значи дека преку топлотната изолација на поткровјето, може да се добие заштита од студот преку зима, но и заштита од прекумерната топлина во лето;
  • изолација на тавански и подрумски простории за намалување на губењето на топлина во таванските или за решавање на проблеми со влага и ладни подови во подрумски простории;
  • замена на дограма (врати и прозорци) особено на надворешните страни на објектот со поставување на нови ефикасни прозорци и врати кои ги намалуваат трошоците за грееење и ладење, а замената е често лесна и брза;
  • инсталирање на фотоволтаични системи претставува користење на обновливи извори на енергија – ова значи поставување на соларни фотоволтаични системи на покриви за производство на електрична енергија;
  • инсталирање ефикасни системи за греење и ладење вклучува поставување на кондензирачки котли, топлински пумпи и соларни топлински системи за домашно производство на топла вода. Користење на високоефикасни климатски единици и имплементација на паметни системи за контрола на температурата дополнително придонесуваат за заштеда на енергија;
  • замена на застарени електрични апарати со ефикасни уреди од понови генерации кои имаат повисока енергетска класа и помала потрошувачка на енергија повторно ќе значат заштеда на енергија во домаќинствата.

Оваа предлог листа може да продолжи и вистински да помогне во поврат на инвестицијата преку намалени трошоци, но и подобрување на квалитетот на живот на домаќинствата. Освен директна корист, ова би придонело за намалување на емисиите на штетни гасови, намалување на увозот на електрична енергија и отворање на нови работни места, што ги прави ваквите инвестиции значајни за стимулација на локалната и на национална економија.

Извори

(1) www.nbrm.mk

(2) S&P GLOBAL FINLIT SURVEY

(3) Извештај за финансиската писменост во Македонија, 2021

(4) Анкета на НБРМ, 2022 (стр.44)

Share This

Share this post with your friends!