На 27 јули 2026 година, на седница на Советот на Општина Демир Капија е прифатена Студијата за валоризација на идното заштитено подрачје во категорија III- Споменик на природата. Со оваа одлука сме чекор поблиску до прогласувањето на заштитеното подрачје кое се прогласува поради посебните природни и геолошки вредности на клисурата на реката Вардар со впечатливи варовнички клифови и карстни појави, како и особените хидролошки и биолошки специфики на притоките на реката Вардар и екосистемите на оваа територија.
Процесот за прогласување на ова заштитено подрачје започна пред 4 години, кога Еко-свест ги постави основите на соработката со локалните чинители. Во последните две години интензивно се работеше на изготвување на тематските извештаи за студијата за валоризација на вредностите на идното подрачје. Истовремено, преку соработка со истакнати културни, уметнички и едукативни колективи од земјата, беа реализирани бројни едукативни и промотивни активности, поттикнувајќи силно учество и ангажман од локалната заедница и Општината. Нашата иницијатива беше и регионално препознаена и доби поддршка од мрежата за заштита на реките на Балканот United for Rivers.
Прогласувањето на ново заштитено подраче во нашата земја е огромен позитивен напредок кон заштитата на нашата природа. Особено е важно што нашите инстуции, на локално и централно ниво ја препознаваат потребата од ново заштитени подрачје. Ова е првото заштитено подрачје кое ќе штити и дел од реката Вардар, а со тоа ќе ја демонстрира и потребата за посилна заштита на нашите реки.
Оваа иницијатива е партнерска и освен локалните чинители, Општината и Министерството за животна средина и просторно планирање, вклучи и голем број на регионални и меѓународни партнери. Особено сме благодарни на несебичната поддршка од The Nature Conservancy, the Hans Wilsdorf Foundation и Кралството на Шведска за долгогодишната поддршка.
Следниот чекор е изготвување на Закон за прогласување на заштитеното подрачје- Споменик на природата Демир Капија и изготвување на План за управување. Еко-свест, со својата нова канцеларија во Демир Капија ќе продолжи да ја поддржува Општината во напорите интегрално да управува со новото подрачје.








Најнови коментари