1. Бариери на реките

Зафатите на малите хидроцентрали претставуваат прегради на природните реки. За потребите на овие проекти, на една река може да се изградат голем број на зафати, односно брани кои го оневозможуваат природниот тек на реката.

2. Загуба на шумите

При изградба на малите хидроцентрали, се градат пристапни патишта и се расчистува теренот за идната брана, како резултат се сечат шумите и крајречната вегетација. Иако овие интервенции се ограничени, сепак претставуваат фрагментација на шумскиот екосистем.

3. Загуба на биодиверзитет

Поради флуктуациите на водата во реката при работењето на хидроцентралата и честопати нискиот водостој во реката по зафатот, се губат значителни и ретки, загрозени и ендемични видови кои се таму присутни. На овој начин се уништува поволниот еколошки статус на реката и пределот, а воедно штета претрпува и крајречната вегетација.

4. Геоморфолошки промени

Со изградбата на малите хидроцентрали се врши трајна модификација на геоморфолошките карактеристики на теренот. Ова е особено проблематично во пределите со исклучителна посебност во геоморфологијата, заради што се и заштитени согласно закон.

5. Сушење на реките

За потребите на малата хидроцентрала, водата наместо во реката тече во цевките кои ја носат до техничката зграда каде се наоѓа турбината. Реката по зафатот е најчесто со минимално количество на вода, или сува. Ова придонесува до појава на бактерии и алги несвојствени за екосистемот и уништување на поволниот еколошки статус на реката.

6. Ерозија

Поради градежните активности при изградба, пределот се видоизменува и најчесто не се враќа во првобитната состојба- нема пошумување или мерки против ерозија. Оваа лоша градежна пракса може да доведе до свлечишта и дополнителни штети.

7. Криволов и илегална сеча

Пристапните патишта, освен до зафатите на малите хидроцентрали, водат и до најдлабоките предели на недопрените шуми. Истите можат да бидат злоупотребени за криволов и илегална сеча.

8. Седиментација

Малите езерца кои се создаваат пред зафатите во себе акумулираат седименти. Наместо редовно чистење, истиот се испушта со поголема количина вода во реката, со што се загадуваат водните текови.

9. Финансирање

Граѓаните преку сметките за електрична енергија плаќаат за субвенционирање на производителите на електрична енергија од обновливи извори, со што најголем процент од овие средства завршуваат кај инвеститорите на мали хидроцентрали. На оваа технологија не ѝ е потребна понатамошна поддршка и субвенциите за неа треба да се пренасочат на почистите извори на енергија како сончевата и ветерната.

10. Несоодветна законска рамка

Во нашата држава нема соодветна законска рамка за еколошки проток на реките со која ќе се спречи пресушувањето на реките и уништување на екосистемите од функционирањето на малите хидроцентрали. Наместо елаборати за животна средина, државните органи треба да ги обврзат инвеститорите на овие проекти да изработат студии за оцена на влијанието врз животната средина со што ќе се предвидат соодветни мерки и ќе се обезбеди учество на јавноста, што не е случај во моментот.

Share This

Share this post with your friends!