Во Собранието состанок со зелената парламентарна група: Потребен е Фонд за животна средина со кој ќе се финансира декарбонизацијата на Македонија
Ни треба Закон за климатска акција и Фонд за животната средина преку кој ќе се финансира декарбонизацијата на државата. Ваквата правна рамка придружена со финансиски мерки треба да овозможи економски развој, но истовремено и да се зачува природата, да се намали загадувањето, да се подобри квалитетот на животот на луѓето и да се зголеми отпорноста на промените предизвикани од климатската криза.
За овие иницијативи на Еко-свест денес се дискутираше во Собранието на состанокот со зелената парламентарна група составена од пратеници од повеќе политички партии.



Со законот за климатска акција треба да се воведе начин за надоместување на испуштањето на јаглерод во атмосферата од страна на индустријата и енергетскиот сектор. Тоа ќе биде и една од обврските на земјата во пристапувањето кон Европската Унија. Надоместок за емисиите на јаглерод при производството на индустриските производи ќе биде еден од условите за да можат нашите компании да имаат пристап до светските пазари.
Надоместоците пак кои досега се плаќаат по разни основи и такси за животната средина, од секој литар гориво, од големите индустриски инсталации, досега не се транспаретни и јавни и лесно достапни ниту според начинот колку, како и од каде се собираат, ниту според начинот на кој се трошат. Забележливо е дека голем дел од овие надоместоци за животната средина засега не се трошат на проекти кои се однесуваат на заштита и унапредување на животната средина и енергетската ефикасност. Затоа Еко-свест и експертите кои ги анализираа тековите на овие пари презентираа анализа со која се разгледува оправданоста и по примерот на многу други земји се предлага формирање на Фонд за животната средина во кој ќе се влеваат сите надоместоци за животната средина. Карактеристика на еден ваков фонд треба да биде и тоа што парите во него, според примерот на земји членки на ЕУ, би се оплодувале со тоа што фондот ќе издава т.н. „меки кредити“, а распределата на средствата да го врши стручно и независно тело.
На средбата се дискутираше за различни модели како овој фонд може да функционира и потоа да ги распределува парите од еколошките такси на проекти кои ќе се однесуваат на енергетска ефикасност, заштита на шумите, справување со отпадот, намалување на загадувањето на воздухот, мерки за прилагодување кон климатските промени и сите големи предиизвици со кои се соочува нашето општество во овој поглед а за кои моментално немаме доволно финансиски средства.
Пратеничките и пратениците од различните партии ги споделија своите видувања особено во однос на тоа како да се обезбеди стручност и транспарентност во раководењето со еден ваков фонд и контрола врз неговата работа. Дискутантите се согласија околу потребата за Закон за климатска акција и за формирање на Фонд за животната средина и потенцираа дека оваа дискусија треба да биде прв чекор кон нивно спроведување.
Најнови коментари