Анкета: Што мислат граѓаните за природниот (фосилниот) гас?

Анкета: Што мислат граѓаните за природниот (фосилниот) гас?

Дали природниот гас е енергетски спасител или скриен извор на ризици?
Центарот за истражување и информирање за животната средина, Еко-свест Скопје, во соработка со истражувачката агенција Индаго спроведе анкета која ги открива ставовите на граѓаните во Македонија за гасот како извор на енергија.
Поголем дел од испитаниците иако не знаат дека гасот е фосилно гориво кое придонесува значително за глобалното затоплување и климатските промени го сметаат за поевтино и почисто споредено со нафтата, јагленот и огревното дрво. Кај една третина постои сомнеж и страв во поглед на безбедноста на користењето, но сепак доминантен дел би се приклучиле веднаш доколку имаат пристап до гасоводна мрежа. А, пристап до овој енергенс имаат само 12% од анкетираните. Најголема примена на гасот граѓаните гледаат во готвењето и загревањето во домовите.


Природниот гас како енергетска опција

Многумина го сметаат природниот гас за евтино гориво. Но, енергетската криза покажа дека цената на гасот може драстично да варира и сега со сигурност знаеме дека никогаш нема да биде ефтин како во минатото. Според истражувањето, 74% од испитаниците гасот го гледаат како најповолно гориво во споредба со други слични опции, како нафтата и јагленот. Најмалку 67% од граѓаните се согласуваат дека тој е најеколошко фосилно гориво, кое помага во намалувањето на штетните емисии. Од аспект на користењето, 67% го сметаат за подобар избор отколку огревното дрво, што значи помалку чад и ситни честички во воздухот.
Точно е дека гасот при согорување не емитува честички прашина и чад, но исто како и нафтата и јагленот е одговорен за емисиите на јаглерод диоксид- причинителот на климатските промени.
Оттука можеби посоодветен назив за природниот гас е – Фосилен гас.


Дали граѓаните се свесни за ризиците и безбедноста на природниот гас?
На прашањето дали природниот гас е безбеден за животната средина и луѓето, 64% од испитаниците одговорија позитивно, но скоро една третина од испитаниците не е уверена во тоа.
Ова може да се толкува како потреба за подобра едукација и свест меѓу граѓаните. А, можеби, некои се неинформирани за потенцијалните ризици и безбедносни мерки при користењето на природниот гас. Можеби е потребно подобро да се запознаат со ефектите од изградбата на гасоводите врз животната средина. Други можеби имаат прашања за евентуалните ризици, како можни експлозии во домаќинствата и индустријата или други хаварии при изградбата на гасоводите.
Особено важно е да се нагласи дека безбедноста на гасот за корисниците зависи од правилната инсталација, употреба, но и редовно одржување на инсталираната опрема, што изискува значителни финансиски средства, но и техничкикапацитети на операторите.


Колкав е пристапот на граѓаните до гасоводна мрежа?
Анкетата открива и голема разлика во пристапот до гасоводната мрежа, што има важни импликации за користењето на природниот гас како извор на енергија.
Скромни 12% од испитаниците се изјасниле дека имаат пристап до гасот како енергенс во нивната општина или околина, додека 81% ја немаат оваа можност. Мора да се земе предвид и дека граѓаните честопати природниот, односно фосилниот гас го поистоветуваат со гасот во таканаречените „плински боци“ или гас кој се користи во возилата. Поради недостиг од традиција во користењето на фосилниот гас во Македонија, граѓаните немаат доволно познавање да ги разликуваат овие значително различни фосилни продукти.
Необично, иако 75% од испитаниците кои немаат пристап до природниот гас изразиле желба дека веднаш би се приклучиле, но, само 3% во моментов користат, фосилен гас. Ова може да се толкува на неколку начини. Една од можностите е дека фосилниот гас едноставно не е достапен за домаќинствата во најголем број од нашите општини. Втората можност е дека немаат доволна финансиска моќ за приклучување бидејќи инсталирањето на гасоводната инфраструктура како и замена на главните уреди (греалки, бојлер, шпоет) се скапа инвестиција. Трета можност е постоењето на определен страв или недоверба во однос на безбедноста и употребата на природниот гас.


Ако не гас, кои се алтернативните извори на енергија?
Според испитаниците, фосилниот гас би наоѓал разни примени во секојдневниот живот. Голем дел од граѓаните би го користеле во кујната за приготвување на оброк, загревање на вода, како и затоплување на домаќинствата. Во моментот, фосилниот гас во нашата држава се користи главно во индустријата и како
енергенс за производство на електрична и топлинска енергија. Поради малиот број на жители, фосилниот гас е најисплатлив за поголемите индустриски капацитети, но не и за поголем број од домаќинствата.
Истражувањето дава податоци и за ставовите околу потенцијалните алтернативни извори на енергија, вклучувајќи ги соларната и ветерната енергија, хидроенергијата, биомасата и иновативните методи кои испитаниците ги сметаат за релевантни. Според анкетата, голем број на испитаници (91%) изразиле поддршка за соларната енергија, сметајќи ја за еден од најсоодветните алтернативни извори на
енергија за целата држава. Ветерната енергија следува со 76% што покажува значителна поддршка на овие два обновливи извори. Ова е индикатор дека како држава сме подготвени за зелената транзиција кон обновливи извори со кои располагаме, без притоа да создаваме зависност од други држави и од увозот на
енергенси.

Анкетата ја спроведоа Центарот за истражување и информирање за животната средина, Еко-свест Скопје, во соработка со истражувачката агенција Индаго, со цел да се истражат ставовите на граѓаните во Македонија за фосилниот гас како извор на енергија.

Плодните земјоделски земјишта не смеат да служат за производство на електрична енергија

Плодните земјоделски земјишта не смеат да служат за производство на електрична енергија

Скопје, 06.11.2023 г. Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест упатува јавна реакција околу предложените измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште.

Во време кога светот се соочува со климатска криза која го отежнува производството на храна, бараме да се преиспита потребата од законски измени со кои се овозможува трајна пренамена на земјоделските земјишта во градежни земјишта за развој на обновливи извори на енергија. 

Нашата загриженост е дека поради предложената можност за трајна пренамена на најплодното земјоделско земјиште за хидроелектрични централи, термоелектрични централи, нуклеарни електрани, ветерни електрани, концентрациони сончеви електрани, електрани на биогориво и површински соларни и фотоволтаични електрани ќе ја ограничи намената на локации со плодна почва во државата за обезбедување на храна за населението. Плодните земјоделски земјишта никако не би смеело да се пренаменуваат во градежни земјишта за енергетски градби или индустриски објекти.

Под влијанија на климатските промени, земјоделското земјиште има негативен тренд на деградација на почвите, со што се намалени приносите на храна и општата плодност на земјиштето, се загрозува егзистенцијата на земјоделците и се напуштаат земјоделски култури. 

Предложените измени на Законот се спротивни на актуелните политики за земјоделие и рурален развој на државата како и политиките за климатска акција усвоени во последните три години. Недозволиво е поради заштита на интересите на приватни инвеститори да се нанесува огромна штета на државата, граѓаните и земјоделците. Криминално е и заплашување на цели региони каде најголема економска дејност е производство на храна и локални заедници од страна на институции со цел овозможување на грабање на плодното земјиште во земјата.

Нашата земја има ограничени површини на плодно земјоделско земјиште претежно лоцирано во котлините како ливади, ораници, бавчи, овоштарници и лозја кои се основа за земјоделското производство. Најголем дел од земјоделската површина се пасиштата кои со предложените измени ќе можат да бидат пренаменети во нови енергетски централи за ОИЕ. При непланска изградба на енергетски градби кои користат обновливи извори на енергија се забрзува константното намалување на плодните земјоделски површини, што значи ризик врз производството на храна, зголемен увоз на овошје и зеленчук со непознато потекло и следствено, поголеми трошоци за населението.

Веќе се подготвени повеќе научни студии кои покажуваат дека има многу локации за развој на нови енергетски проекти во области кои ги избегнуваат земјоделските и други квалитетни природни површини и немаат влијание врз животот на локалните заедници. Пример за такви локации се деградирани земјишта од стари рудници, индустрии, одлагалишта на јаловина, стари депонии. 

Еко-свест во соработка со МАНУ објави Студија и Методологија за користење на рудници и други браунфилд локации за изградба на соларни и ветерни електрани во Северна Македонија и идентификуваше 5 локации на деградирани земјишта кои што би можеле да се искористат за изградба и развој на производни постројки на електрична енергија од ОИЕ.

Еко-свест заедно со МАНУ подготви и Студија за детектирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи и мапа на одржливи локации за развој на ОИЕ, насочени првенствено на некорисно и загадено земјиште во земјата. Овие локации не се во области со значителна биолошка разновидност, немаат голема еколошка вредност и не го нарушуваат животот на локалното население. Студијата утврди дека доколку инвестициите се насочат на половина од овие одредени локации, овие проекти би можеле да генерираат скоро 8 пати повеќе електрична енергија од моменталниот инсталиран капацитет во државата.

Измените во политиките треба да се во согласност со Стратегијата за климатска акција и ратификуваниот договор за опустинување и суши и во насока на заштита на почвата од деградација, ерозија, загадување, да предвидат финансиска поддршка и инвестиции за агроеколошки мерки во земјоделието како што е заштита и зачувување на автохтоните раси и сорти на растенија,  кои се наоѓаат на земјоделското земјиште, и други мерки за зачувување на почвата.

Врз основа на овие аргументи, бараме измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште да бидат итно повлечени, а надлежното МЗШВ да донесе одлука со која ќе се забрани негова пренамена во градежно земјите за развој на енергетски проекти или други неземјоделски цели.

Еко-свест испрати јавна реакција до медиумите кое може да го преземете тука: