Споделување искуства за праведната транзиција помеѓу Битола и Кожани

Споделување искуства за праведната транзиција помеѓу Битола и Кожани

На 25-ти и 26-ти септември 2024 година, претставници од граѓански организации и универзитети од Битола учествуваа на студиска посета во регионите со јаглен во Грција, со цел да се истражат искуствата на соседната земја во спроведувањето на процесот на енергетската транзиција. Оваа иницијатива беше дел од напорите да се пренесе добрата пракса и знаење од Грција за тоа како земјата се движи кон обновливите извори на енергија, заменувајќи ја употребата на јаглен. Посетата вклучуваше работилници, дискусии и теренски посети, кои даваа практична слика за процесите што се одвиваат во Грција.

Ден 1: Солун и посета на соларна електрана во Касандриа
Првиот ден од студиската посета започна со воведна работилница и предавање во хотелот „Holiday Inn“ во Солун. Г-ѓа Иоана Теодосиу од организацијата Green Tank ги презентираше главните аспекти, предизвици и можности на процесот на енергетска транзиција во Грција. Таа нагласи дека јазот меѓу јагленот и обновливите извори на енергија се зголемува во последните три години, со 85,8% намалување на емисиите на стакленички гасови во 2023 година во споредба со 2005 година.

Г-ѓа Теодосиу го спомена и постепеното укинување на операциите на јаглен, како што е објавено од Грчката државна компанија за производство на енергија – PPC, со затворањето на најновата термоелектрана „Ptolemaida V“ во 2026 година, која започна со работа во декември 2022 година. Овој потег ќе ја забрза транзицијата од јаглен до 2028 година, што укажува на потребата за зголемени инвестиции во технологии за складирање на енергија од обновливи извори како ветерот и сончевата енергија. Уште еден чекор во овој процес на енергетска транзиција се и енергетските задруги кои бројат околу 1600 во Р. Грција.

По оваа презентација, учесниците имаа можност да се запознаат со WEnCoop, првата енергетска задруга во Грција и единствена во Европа која е составена исклучиво од жени. Оваа задруга, основана од 60 жени претприемачи во 2020 година, има инсталирано соларна електрана со капацитет од 1 MW во Касандра, а сега брои 73 членови. Претставничките на WEnCoop споделија како ја започнале оваа идеја, која на почетокот била прифатена со скептицизам, но сега претставува успешен модел на женско претприемништво во енергетскиот сектор. Г-ѓа Катарина Гани, директорка на WEnCoop, објасни дека 1 MW соларната електрана генерира годишен приход од 100.000 евра, со очекување инвестицијата да се врати за шест години. Членовите и директните корисници на WEnCoop се жени од различно потекло кои живеат во ранливи грчки заедници. Нивната цел е не само да го прошират капацитетот на електраната, туку и да ги инспирираат жените ширум земјата да се вклучат во процесите на енергетската транзиција. На крајот, се посети и електраната во Касандра и добивме практичен увид во нејзиното функционирање и позитивното влијание врз климата и родовата еднаквост.

Ден 2: Посета на Универзитетот на Западна Македонија во Кожани и работилница за праведна транзиција
Вториот ден беше резервиран за посета на Кожани, регион кој некогаш беше најголемиот регион за ископ на лигнит во Грција и дом на најголемата електрана на јаглен во земјата. Регионот сега поминува низ значајна трансформација, со затворање на јагленокопите и електраните и нивно заменување со соларни и други обновливи извори на енергија.

Работилницата се одржа на Универзитетот на Западна Македонија – UOMW во Кожани, каде што експерти и професори, како што се проф. д-р Теодорос Теодулидис, проф. д-р Елена Грива и вонр. проф. д-р Лефтерис Топапоглу, ја отворија дискусијата за праведната енергетска транзиција. Презентациите ги истакнаа предизвиците со кои се соочува Западна Македонија, но и напредокот во замената на термоелектраните со соларн електрани, како и плановите за дигитална трансформација и зголемување на енергетската ефикасност во регионот.

Константина Николаиду, докторанд од ENTRA Lab, и вонр. проф. д-р Георгиос Паранас од Научниот комитет на Институтот – UOMW, го презентираа моменталниот статус на транзицијата во регионот и можностите за технолошки имплементации за модернизација на постоечките термоелектрани. Вонр. проф. д-р Никос Плоскас и вонр. проф. д-р Рафаела Елени Сотиропулу од Универзитетот ги презентираа истражувањата поврзани со дигиталната трансформација и паметните градови, енергетската ефикасност, како и квалитетот на воздухот и климатските промени. Истражувањата покажуваат значително подобрување со замена на валканите извори на енергија со обновливи извори енергија, што е потврдено од лабораторијата на факултетот, која е опремена со најсовремени инструменти за следење на квалитетот на воздухот.

Оваа студиска посета претставуваше одлична можност, особено за учесниците од Битола, да видат од прва рака како регионот, кој беше целосно зависен од јаглен, сега со зголемен чекор ги имплементира обновливите извори на енергија и ги користи еколошките, енергетски и социјалните придобивки во процесот на праведна транзиција. Претставниците од Битола, доаѓајќи од регион со слични предизвици како Западна Македонија, се инспирирани од виденото и добија појасна визија за репликација на успешните модели, кои можат да донесат корист за сите засегнати страни во процесот на праведна енергетска транзиција. Оваа студиска посета е важен чекор во зајакнувањето на меѓусебната соработка помеѓу земјите во регионот и унапредувањето на напорите за ублажување на климатските промени и преминот кон одржливи извори на енергија.

Студиската посета е дел од проект финансиран од BMZ „Декарбонизација на Западен Балкан“ во партнерство со Germanwatch e.V., Balkan Green Foundation и Beogradska otvorena škola.

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ПРОЕКТЕН КООРДИНАТОР ЗА ЕНЕРГЕТИКА

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ПРОЕКТЕН КООРДИНАТОР ЗА ЕНЕРГЕТИКА

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје отвoра повик за ангажирање на проектен координатор за спроведување на проектни активности во доменот на енергетиката.

За Еко-свест

Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина.

Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции.

Посебни цели и задачи на „Еко-свест“ се:

– Информирање за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и луѓето;

– Промовирање на решенија за здрави и одржливи пракси и политики во областа на заштита на животната средина и застапување на истите во процесите на креирање политики;

– Истражувања и анализи во област на заштитата на животната средина и човековото здравје;

– Промовирање и застапување за учество на јавноста во процесите на донесување одлуки во област на животната средина и поддршка на заедниците за остварување на ова право;

– Информирање и едуцирање на јавноста за можните негативни влијанија и начините за спречување и избегнување на истите врз животната средина и човековото здравје особено кај жените, децата и старите лица;

– Формирање и водење на коалиции и други тела составени од организации, експерти и институции со цел заедничко застапување за заштита на животната средина;

– Активно учество во постапките на измена и донесување на законски акти во област на заштита на животната средина;

– Спроведување на посебни активности во областите на:

  • заштита на климата
  • заштита на природата
  • заштита на медиумите на животната средина (воздух, води, почва)
  • одржлив развој на локалните заедници
  • одржлив транспорт
  • одржливи и паметни решенија за енергетскиот систем
  • одржливо управување со отпадот
  • иновации во заштитата на животната средина
  • паметно просторно планирање
  • поддршка на заедниците и активно граѓанство.

Заинтересираните треба да ги исполнуваат следните посебни услови

  • Основни познавања за работата на Еко-свест и работата во граѓанска организација или фондација;
  • Комплетирано високо образование во доменот на енергетика;
  • Најмалку 6 месеци работно искуство во оваа проблематика и солидно познавање на енергетскиот сектор во Македонија;
  • Техничка писменост и капацитет за анализа на технички документи и студии во доменот на енергетиката и заштитата на животната средина;
  • Способност за застапување на позициите на организацијата пред донесувачите на одлуки;
  • Способност за теренска работа со засегнати локални заедници;
  • Одлично познавање на македонски јазик, познавање на англиски јазик е задолжително;
  • Поседување на извонредни комуникациски вештини (за орална и писмена комуникација) и способност за работа под притисок;
  • Искуство со административно и канцелариско работење;
  • Докажана способност да работи со компјутери, пред сè одлично познавање на програмите од пакетот на Microsoft office.

Кандидатите/ките треба да ги поседуваат следните општи услови

  • за изразена комуникација (усна и писмена) и презентација;
  • за брзо прифаќање и прилагодување кон нови задачи;
  • за тимска работа во мултикултурно опкружување;
  • за превземање лидерство и предводење на активностите во тимовите;
  • за извршување повеќе задачи истовремено и за испорака во кратки рокови;
  • за уредност и организираност.
  • желба и мотив за работа во граѓанска организација која третира прашања и политики од област на животната средина и граѓанскиот активизам.

Работни задачи и одговорности

  • Кандидатот треба да анализира техничка документација (студии, анализи, извештаи, планови, проекти), закони, стратегии и други документи за потребите на кампањите на организацијата и информациите од овие анализи да ги комуницира со низа засегнати страни- владини тела, локални заедници, граѓански сектор, бизнис сектор и други);
  • Да остварува и одржува контакт со локални заедници каде работи и делува Еко-свест со цел нивна поддршка во заштитата на животната средина;
  • Да остварува и одржува контакт со експерти од различни полиња на делување;
  • Да се обраќа во јавноста преку локалните и националните медиуми за потребите на активностите на Еко-свест;
  • Да спроведува проектни и програмски активности на Еко-свест;
  • Да раководи со проекти, буџети и придружна администрација;
  • Да ги почитува политиките на Еко-свести активно да соработува со персоналот на организацијата.

Работни услови

Неделното работно време е 32 часа со работно време од 9-17 часот. Со избраните кандидати ќе биде потпишан договор за вработување на определено време на 1 месец, а доколку кандидатот соодветно одговори на работните задачи и покаже особен придонес кон работата, договорот може да се продолжи. Месечната нето плата, согласно политиката за плати е во рамки од 40.000 до 55.000 денари. Конкретната плата на избраниот кандидат/ката ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување.

Начин на пријавување и рокови

Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:

  • Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
  • Професионална биографија во EuropassEUформат;
  • Контакт информации за најмаку три лица/организации кои би можеле да дадат професионална препорака.

Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Пријава за проектен координатор/ка.

Пријавувањето е тековно, а огласот е отворен до пополнување на позицијата.

Еко-свест ќе ги контактира само оние лица кои ќе бидат избрани за тестирање и интервју. Нецелосните и неправилните пријави нема да бидат разгледани. Изборот на кандидатите/ките ќе се изврши врз основа на Законот за работни односи. Еко-свест е рамноправен работодавач и ги почитува различностите.