Коментари по Студијата за ОВЖС за планираниот рудник за јаглен во Живојно
Еко-свест достави коментари по по Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот „Рударски проект за експлоатација на јагленот од наоѓалиштето во Живојно со површинска технологија“.
Студијата може да се прочита тука.
- Општи коментари по Студијата
Спроведувањето на проектот е спротивно на стратешките определби на државата определени со Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 од 2019 година, со Националниот план за енергија и клима 2021-2030 и Националните придонеси кон ублажување на климатските промени (NDC). Со овие стратешки документи е утврдено дека државата ќе престане со користење на јаглен за производство на енергија најдоцна до 2030 година и ќе отпочне процес на интензивна декарбонизација на енергетскиот сектор. Согласно овие определби, државата доби техничка помош од Европската унија за изработка на Патоказ за праведна транзиција за чие спроведување веќе и изработена и првиот годишен план. Исто така, државата е една од ретките на глобално ниво што стана дел од програмата за Забрзана транзиција од јаглен на Климатскиот инвестициски фонд токму заради амбициозните планови за декарбонизација, при што со значителна техничка поддршка беше изработен Инвестициски план за забрзана транзиција. Дополнително, инвеститорот АД ЕСМ има добиено значителни финансиски средства во форма на заеми кои се условени со придржување до ваквите стратешки определби и неотворање на нови рудници за јаглен. Со евентуално спроведување на овој проект се доведува во прашање интегритетот на државата и реномето пред меѓународната заедница и меѓународните финансиски институции и се става под ризик исплатата на заемите кон Банките и трошењето на јавните пари. На долг рок, ова може значително да го ограничи пристапот до понатамошна финансиска помош која и тоа како е неопходна за процесите за декарбонизација и праведна транзиција.
На неколку места низ Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина се наведува дека експлоатацијата на рудникот ќе заврши пред процесот на декарбонизација на енергетскиот сектор, но недостасува информација кога точно се очекува да биде тоа. Моменталниот утврден рок за престанок на употреба на јаглен е не подоцна од 2030 година. Согласно Студијата, отстранувањето на површинските слоеви почва може да трае подолго од две години што го става датумот на почеток на експлоатација многу блиску до 2030 година. Согласно некои од информациите во студијата пак, животниот век на рудникот се предвидува да биде 14 години, што значи дека неговото затворање ќе се случи околу 2040 година, 10 години подоцна од утврдените рокови за декарбонизација. Студијата мора да понуди јасни информации за животниот век на рудникот и како тоа се вклопува во постојните национални рамки за декарбонизација.
Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина го разгледува проектот како самостоен рударски проект без да ги разгледа неговите влијанија согласно неговата намена и специфичните карактеристики што произлегуваат од тоа. Имено, проектот е предвиден да биде во состав на постојниот Рударско енергетски комбинат Битола со многу јасна намена – ископување на лигнит со површинска технологија за трансформација во енергија во Термо електрична централа Битола. Согласно ова, проектот е предвидено да е важен дел од енергетскиот систем, а не само рударски проект. Овој превид понатаму предизвикува Студијата несоодветно да ги анализира алтернативите и да ги потцени климатските влијанија од него.
Најголем дел од истражувањата за основни податоци се спроведени во 2020 година, што во случај кога спроведувањето на проектот не е започнато, може да се сметаат за застарени. Не е директно поврзано, не дефинитивно се релевантни одредбите од Законот за животна средина со кои Решението за согласност за спроведување на проект престанува да важи за две години доколку не се започне со спроведување на проектот (член 87 став 5). Овој рок може да се продолжи само доколку нема значителни промени на условите во проектното подрачје во тие две години. Во оваа смисла, Студијата во најмала рака треба да понуди објаснување на моменталната состојба на проектното подрачје споредена со основните податоци од 2020 година, односно да докаже дека нема промени, но идеално треба да понуди и нови податоци за важните влијанија како што се влијание врз подземни води и влијание врз квалитетот на воздухот.
- Детални коментари за одредени поглавја во Студијата
Стр. 36 – 3.6. Затворање на рудникот
Со оглед на тоа што се знае дека рудникот има многу краток животен век (наведено е 14 години) и што се отвора откако заложбите за декарбонизација се започнати, за овие вработени кои ќе имаат мошне кус работен век во оваа работна единица е неопходно уште во оваа фаза да се предвидат социјални мерки кои ќе го намалат негативното влијание од затворањето на рудникот врз локалното население по 14 години. Притоа, целата одговорност и трошоци за надоместувањето на отпремнини, дополнителна обука по затворањето и било какви мерки за праведна транзиција за овој рудник мора да биде целосно на товар на ЕСМ и не може да се бара поддршка за овие мерки бидејќи рудникот се отвора спротивно на заложбите на земјата за декарбонизација и спротивно на зеленото сценарио во верзијата на Стратегијата за развој на енергетиката која е на сила во моментот на отворање на рудникот.
Стр. 37 – 4.0. Анализа на алтернативи
Согласно горенаведеното, Студијата треба поконкретно да ги анализира сите можни алтернативи на проектот кои подразбираат други начини за постигнување на целта- производство на електрична енергија. Предлагаме овој дел од студијата да се прошири со сите алтернативни планови за енегетска транзиција во регионот за да може да се добие вистинска слика за влијанијата и трошоците од истите наспроти тие од рудникот. Дополнително, Нултата алтернатива треба подобро да биде анализирана од аспект на нејзините позитивни влијанија на развојот на земјоделството и други економски активности во регионот кои се во согласност со проектите за праведна транзиција. Неспроведувањето на овој проект автоматски не значи неспроведување на вило кој друг енергетски проект и истото треба да се анализира во овој дел од Студијата. Дополнително, согласно ЕУ Директивата за оцена на влијанието на одредени проекти врз животната средина, алтернативите мора да дадат опис на сите разумни алтернативи што се релевантни за проектот и неговите специфични карактеристики и да ги земат предвид ефектите на проектот врз животната средина, а не само економските и социјалните аспекти како што е направено во Студијата.
Стр. 39 – 5.1. Географскa положба на локацијата
Јагленовото наоѓалиште е 20 км2, а проектното подрачје е 11,5 км2. Студијата треба да земе предвид потенцијално проширување на експлоатационото поле во иднина и да даде коментар како тоа може да ги промени влијанијата.
Стр. 40 – 5.2. Климатски и метеоролошки карактеристики на подрачјето
Заради специфичните карактеристики и ризици од проектот, Студијата треба од надлежните институции да обезбеди и анализа и на екстремните временски појави во проектното подрачје, како краткотрајни екстремни врнежи и поплави.
Стр. 68 – 5.7. Квалитет на амбиентен воздух
Анализата на достапни податоци ја опфаќа само националната мониторинг мрежа во која што најблиски мерни места се Битола 1 и Битола 2 кои не се релевантни за да се оцени моменталната состојба во проектното подрачје и влијанијата врз поблиските населени места. Во анализата мора да се вклучат податоците од мерните станици во сопственост на РЕК Битола кои согласно нивната А-ДУОП се поставени во Дедебалци, Рибарци и Гнеотино. Нивните податоци многу подобро ја презентираат состојбата со квалитетот на воздухот во проектното подрачје на долг рок.
Во рамки на дополнителниот мониторинг на квалитет на амбиентниот воздух во проектното подрачје избеганото е мерење на состојбите во период од цели три месеци од крајот на ноември до крајот на февруари. Ова се најзагадените месеци во годината и било кој заклучок за општата состојба е нерелевантен без податоци од овој период. Согласно Правилникот за критериумите, методите и постапките за оценување на квалитетот на амбиентниот воздух, ваквите индикативни мерења треба да се рамномерно распределени низ годината со цел да се опфатат сите карактеристични периоди.
Дополнително, согласно истиот Правилник граничните вредности што се користат за оценување на квалитетот на амбиенталниот воздух при користење комбинирани техники (вклучување на индикативни мерења) се утврдени со горниот праг на оценување што е различен од граничните вредности за фиксни мерења. Имено, прагот за оценување на 24-часовни вредности е 60% од граничната вредност (30 μg/m³) што не смее да се надмине повеќе од 7 пати во календарска година. Според дијаграмите дадени на стр. 78 овој праг е надминат на најмалку 10 дена во рамки на мониторингот. За годишниот просек се користи горен праг на оценување од 14 μg/m³ што е значително надминат на двете мерни места. Согласно ова, дополнително загадување на воздухот не смее да има за да не се надминуваат граничните вредности континуирано во околните населени места.
Стр. 96 – 5.10. Управување со отпад
Најголем дел од основните податоци се однесуваат на комунален отпад што не е релеватно за специфичните карактеристики на објектот. Со оглед на тоа што РЕК Битола веќе има два активни рудници, тука мора да се обработат податоци од создавањето на отпад од нивната работа (отпадни мазива, опасен отпад, третман на јаловина итн.), како и од други субјекти што создаваат сличен отпад во општината. Влијанието од создавање отпад може да се евалуира само од аспект на количината на сличен отпад што ќе се додаде во општината, и како тој ќе се третира. Непотребно е да се споредува со количината и третманот на комунален отпад.
Стр 127 – Табела 5-26: Листа на видови птици присутни во проектното подрачје
Табелата и текстот кој се однесува на значајни подрачја за птици може да се дополни со информации за видовите и заканите за истите од научната анализа Important Bird Areas in Macedonia: Sites of Global and European Importance.
Стр 149 – 6.13.3. Користење на земјиштето
Во овој дел од студијата потребно е да се направи преглед на типот и сопственоста на земјиштето кое директно ќе биде засегнато од страна на проектот, не е доволно да се дадат општи податоци за целата општина бидејќи истата не мора да е репрезентативна за конкретната локација на проектот.
Стр. 183 – 6.4. Влијанија врз површински води
Во Табела 6-33 чувствителноста врз површинските води е погрешно оценета како занемарлива. Ова е спротивно на анализата на нивниот квалитет дадена на стр. 67 согласно која квалитетот на водите во многу параметри надминува трета и четврта категорија. Особено важна е лошата оценка на матноста на водата која што секако ќе биде зголемена со испуштање на механички загадена вода во Црна Река. Иако е предвидено многу мал дел од отпадните води да се испуштаат во реципиентот, тој е веќе под големи антропогени притисоци што значително влијаат на квалитетот на водата и на биодиверзитетот во река. Магнитудата на влијанието е погрешно оценета како мала, пред се затоа што промената на квалитетот на вода што истекува никогаш не е од локален карактер и секое нејзино загадување е кумулативно со притисоци кои се случуваат нагоре по реката, а сите влијанија продолжуваат да се случуваат низводно по течението на реката.
Стр 191 – 6.6. Влијание врз климатските промени
Делот од студијата кој се однесува на климатските промени и емисиите на стакленички гасови предлагаме да се дополни и прошири. Имено, потребно е да се направи анализа на степенот на ранливост на рудникот и неговата инфраструктура од климатските непогоди со цел да се предвидат мерки за ублажување. Истовремено, во делот на емисии, не е доволно да се наведат само емисиите од постапката на ископување и транспорт бидејќи намената на лигнитот е негово согорување. Предлагаме овој дел да се дополни со анализа на емисиите на стакленички гасови и други емисии од согорувањето на предвиденото количество на лигнит во РЕК Битола.
Како дополнување на овој дел сметаме дека е од голема важност да се анализира влијанието од неколку можни сценарија за воведување на јаглеродниот данок, согласно предвидените рокови наспроти планираната временска рамка за работењето на рудникот и РЕК Битола. Од голема важност за проценка на цената на произведената електрична енергија е да се пресметаат сите трошоци поврзани со нејзиното производство и еколошките мерки кои ќе бидат преземени во даден период. Оваа пресметка е важна и во делот на анализа на алтернативите, бидејќи е значајно јавните средства да бидат вложени во најекономичниот начин за производство на електрична енергија, притоа земјаќи го предвид и најеколошкиот начин. Од тие причини е неопходно да се дополни делот на алтернативи со преглед на сите можни проекти, нивните трошоци и нивното влијание врз климата и животната средина.
Стр 176 – 6.3. Влијанија врз подземни води
Студијата не го зема предвид влијанието од радиоактивни емисии кое настанува при истражувања и ископ на јагленови наоѓалишта. Во нашата земја има примери каде истражувањето на јагленови наоѓалишта предизвикално загадување на водата за пиење со радиоактивни елементи, што претставува голем ризик по населението и природата.
Од овие причини сметаме дека овој дел од студијата треба да се надополни со влијанијата од радиоактивните елементи и да се дадат податоци од мерењата во подземните и површинските води.
Стр. 214 – 6.11. Влијанија врз демографијата
Влијанието е проценето како мало или средно, меѓутоа не е земено во предвид дека селата во околината се со многу малку жители кои доколку поради влијанијата од рудникот се иселат од своите живеалишта, населените места ќе останат без население, т.е. ќе се изгубат како населени места. Ова влијание е веројатно и е големо од демографски аспект, такашто предлагаме студијата да се дополни со ваквото влијание и истото да се окарактеризира како влијание со голема демографска значајност, иако истото е на локално ниво.
Стр. 216 – 6.12 Влијанија врз вклучување на засегнати страни
Се напоменува дека „значаен дел од населението кое било консултирано очекува да биде вработено во рудникот и го гледа како можност дури и за миграција во најблискиот град“. Треба да се земе предвид дека ваквиот став е во конфликт со претходниот дел од оваа студија (6.11) каде се надевува дека за рудникот ќе бидат потребни околу 100 работници.
Ваквата дискрипанца помеѓу реалната состојба и очекувањата на локалното население мора да биде благовремено митигирана преку известување на локалното население дека рудникот ќе понуди многу малку нови работни места или (во случај работните места да бидат пополнети со постоечки кадар) нема да понуди нови работни места. Ваквото известување треба да се случи уште во фазата пред одобрување на оваа студија преку отворена дискусија со граѓаните од локалното население. Јавната расправа по оваа студија одржана во с. Новаци на 12 мај 2025 година во ниеден случај не може да се смета за доволно информирање на локалното население за ваквата дискрипанца помеѓу реалната состојба и нивните очекувања или за дискусија на темата.
Доколку ваквата дискусија не се случи, влијанието кое е проценето како неверојатно ќе стане мошне веројатно, такашто предлагаме во табелата 6-67 веројатноста на појавување на влијанието да се промени од „неверојатно“ во „веројатно“.
Стр. 219 – 6.13 Влијанија врз користење, сопственост и пристап на земјиште и имот
Во подпоглавјето „Фаза на формирање усек и експлоатација на јаглен“ на страна 219 во рамки на поглавјето „6.13 Влијанија врз користење, сопственост и пристап на земјиште и имот“ наведено е „ Ограничувањето на пристапот, посебно до дел од земјоделското земјиште може да предизвика одредена тензија кај локалното население. Затоа е потребно населението постојано да се информира за сите активности што ќе се преземаат за изведување на рударските дејности.“
Во ваквата формулација, решение за локалното население за ограничувањето на пристапот не е предвидено, ниту препорачано од страна на изработувачот на студијата. Активностите што се преземаат треба да се променат во континуирано обезбедување на алтернативен пристап, а не само информирање.
Стр. 230 – 6.18. Кумулативни влијанија
Студијата погрешно оценува дека проектот нема кумулативни влијанија со други слични минати, сегашни или идни активности во рамките на набљудуваната област. Имајќи предвид дека во Општина Новаци во моментот има 3 активни рудници за ископ на лигнит, кумулативното влијание од овие проекти е значително големо и треба да биде образложено и анализирано соодветно во овој дел од Студијата. Анализата на кумулативните влијанија мора да ги опфати сите значајни влијанија од ваков тип активности – создавање на отпад, промена на релјефот, емисии во воздухот, водите и почвата, социјалните влијанија, користењето на земјиштето, биодиверзитетот и др. Дополнително во делот кумулативни влијанија од аспект на квалитет на воздухот мора да се разгледаат емисиите на прашина и загадувачки гасови од термоцентралата Битола и од одлагалиштето за пепел кое што има значителни фугитивни емисии на прашина.
—-
Сите горенаведени коментари мора да се адресираат во форма на соодветни мерки во поглавјето 7 и во мониторинг планот.
—–
Стр. 238 – 7.8. Мерки за намалување на влијанијата врз флората и фауната
Влијанијата врз биодиверзитетот, а особено врз птиците и цицачите е многу потценето во Студијата. Во мерките воопшто не е предвидено некако да се намалат влијанијата врз значајното подрачје за птици Пелагонија. Застрашувачки, според Студијата „Не се предлагаат мерки за ублажување на последиците во оваа фаза за мобилните организми како што се птиците и цицачите.“
Ова е целосно несоодветно на претходната анализа на состојбата со биодиверзитетот во разгледуваната област и некакви мерки за ублажување мора да се воспостават за да се намалат влијанијата врз птиците и цицачите. Најминимално, проектната област мора да е оградена и заштитено од преминување на цицачи за да се обезбеди дека тие нема да влегуваат во рудникот и да бидат повредени или убиени како резултат на тоа. Во однос на птиците не може да се занемари дека ќе се изгубат важни хабитати, иако нивната површина не е голема. Влажните живеалишта во рамки на ЗПП Пелагонија (https://datazone.birdlife.org/site/factsheet/pelagonia) секако се малку (под 6%), а овој проект опфаќа токму неколку такви високо сензитивни хабитати. Ова дополнително ќе биде влошено и во околните такви живеалишта со зголемување на бучавата и различни видови загадување (воздух, вода, светлина).
Контакт:
Давор Пехчевски
+389 71 264 087
Ана Чоловиќ Лешоска, Еко-свест
+38972726104






Најнови коментари