by Elena Nikolovska | Oct 25, 2019 | Повици
Во рамки на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ Еко-свест вработува проектен координатор. Заинтересираните кандидати можат да испратат своја биографија и писмо за мотивација најдоцна до 30.10.2019 на [email protected] со назнака „Повик за проектен координатор“.
Задачите на проектниот координатор се:
- Менаџирање на проектните активности на Еко-свест и партнерските организации, управување со проектот и евалуација на активностите
- Известување до донаторот
- Следење на работата на 10 грантисти во 2020 година
- Управување со финансиите на проектот
- Координација со другите проекти во организацијата
- Правни и административни работи
- Работа со коалиција на организации, надлежни институции, засегнати страни и меѓународни организации за потребите на проектот
- Прибирање финансиски средства за организацијата
- Останати активности во однос на потребите на Еко-свест
Кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови:
- Завршено високо образование
- Минимум 5 години искуство со управување на Европски проекти
- Одлично познавање на англиски јазик (пишување и говорење)
- Способни да работат во тим но и сами да превземаат иницијатива
by Elena Nikolovska | Oct 22, 2019 | Активно граѓанство, Енергија, Клима, Повици
Живееш во Општина Битола, Новаци, Могила? Постојано си изложен на загадување на воздух, вода или почва од согорувањето на јаглен во твоја близина? Тогаш овој повик е за тебе!
Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест организира видео награден натпревар „Кажи ни зошто јагленот ти смета“ (Tell us what is wrong with coal make a video’’) со цел подигнување на јавната свест за влијанието на согорувањето фосилни горива врз локалното население.
Во наградниот натпревар можат да учествуваат поединци (физички лица) или тимови составени од најмногу 3 члена, жители на општина Битола, општина Новаци и општина Могила кои се полнолетни (постари од 18 години) на денот на пријавување за учество во наградниот натпревар.
Покрај наградата за трите најдобро рангирани видеа, сопственикот на прво рангираното видео ќе има можност да соработува со Европската мрежа за напуштање на јагленот како енергенс (Europe Beyond Coal) и Еко-свест во израбоката на професионална новинарска сторија која ќе биде промовирана во глобална кампања против согорување на јаглен.
Време на траење на награден натпревар
Наградниот натпревар трае од 00:00 часот на 23.10.2019 година заклучно до 00:00 часот на 17.11.2019 година.
Учество во награден натпревар
- Во наградниот натпревар можат да учествуваат поединци (физички лица) или тимови составени од најмногу 3 члена, жители на општина Битола, општина Новаци и општина Могила кои се полнолетни (постари од 18 години) на денот на пријавување за учество во наградниот натпревар.
- Секој учесник/ тим може да учествува во наградниот натпревар само во свое име и со учеството потврдува дека сите дадени лични податоци се само негови лични податоци и дека се согласува со овие правила и услови на наградниот натпревар.
- Услов за учество во наградниот натпревар е учесниците да бидат запознаени и да се согласуваат со сите правила на наградниот натпревар. Со учеството во наградниот натпревар се смета дека учесникот се согласил со сите услови и правила во врска со наградниот натпревар.
- Секој учесник во наградниот натпревар треба да го пополни краткиот прашалник.
- Учество во наградниот натпревар се прави со испраќање на кратко видео на [email protected], најдоцна до 17.11.2019.
- Видеото не може да биде подолго од 90 секунди. Секое пријавено видео кое е подолго од 90 секунди нема да биде разгледувано.
- Видеото може да биде на македонски, албански или англиски јазик.
- Видеото кое што е на англиски или албански јазик мора да има и превод на македонски јазик.
- Видеа со навредлива содржина нема да бидат разгледувани (пцовки, вулгарни или навредливи зборови; елементи на агресивен национализам, ксенофобија и антисемитизам; религиозна, идеолошка, политичка пропаганда; расна, културна, социјална, религиозна, етничка и секаков друг вид дискриминација; омраза и нетолерантност)
- Видеото може да биде во било каков формат (Анимација, документарно итн), видеото може да биде без дијалог, вербално или не вербално, во форма на скеч или останато.
Награден фонд на наградниот натпревар
Прво место- вредносен ваучер од 300 евра.
Второ место-вредносен ваучер од 200 евра.
Трето место- вредносен ваучер од 150 евра.
Покрај наградата за трите најдобро рангирани видеа, сопственикот на прво рангираното видео ќе има можност да соработува со Европската мрежа за напуштање на јагленот како енергенс (Europe Beyond Coal campaign secretariat) и Еко-свест во израбоката на професионална новинарска сторија која ќе биде промовирана во глобална кампања против согорување на јаглен.
*Ваучерите можат да се искористат во одредена продавница во Битола за купување на велосипед или електричен тротинет.
Избор на победникот
Главен критериум за избор ќе биде креативноста, оригиналноста и релевантноста на содржината на видеото. Може да има најмногу тројца (3) добитници.
Изборот на добитници на наградниот натпревар ќе се врши на 22.11.2019 година, а добитниците ќе бидат објавени најдоцна до 21.11.2019.
Достапност на правилата на наградниот натпревар
Целосниот документ со правилата на наградниот натпревар можете да ги најдете на следниот линк.
by Elena Nikolovska | Sep 26, 2019 | Води, Природа, Соопштенија
Непропорционално високи субвенции за малите хидроелектрани во Западен Балкан резултираат со големи штети по животната средина, а од нив профитираат богати бизнисмени кои се блиски или се дел од владите во регионот. Истовремено, придонесот кон производството на електрична енергија е незначителен – посочува нова студија објавена вчера од CEE Bankwatch Network.
Поткрепени од дарежливите повластени тарифи поддржани од државите, бројот на хидроелектрани помали од 10 MW во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С. Македонија и Србија е четирикратно зголемен од 108 на најмалку 488 помеѓу 2009 и 2018 година. Во нашата земја бројот на мали хидроелектрани што добиваат повластени тарифи е зголемен тринаесет кратно – од 6 на 79 – во истиот тој период.
Додека во светот соларните и ветерни енергетски проекти растат со огромна брзина, во 2018 година не помалку од 70% од субвенциите за обновливи извори на енергија во регионот се дадени за мали хидроелектрани. И покрај ваквата поддршка, малите хидроелектрани придонеле со само 3,6% од вкупното производство на електрична енергија.
Пипа Галоп од CEE Bankwatch Network и главен автор на извештајот, изјави: „Крајно време е да се престане со давање субвенции за хидроенергија на Балканот. Впечатокот е дека од нив имаат корист само богатите, предизвикуваат големи штети по животната средина и го загрозуваат целиот процес на транзиција кон одржлив и енергетски ефикасен систем“.
Реките и потоците, најчесто во заштитени подрачја или подрачја со исклучителни природни вредности како Националниот парк Маврово, Паркот на природата Стара планина во Србија и Националниот парк Валбона во Албанија, беа пренасочени во цевки со поставување брани, оставајќи суви речни корита и население што зависи од нив без важни извори на вода што предизвика и силни реакции од јавноста во регионот.
Во нашата земја во 2018 година, 95 мали хидроелектрани произвеле само 6,9% од вкупната електрична енергија, а добиле 42% (15 милиони евра) од субвенциите за обновлива енергија. Сите овие средства се директно наплатени од сметките за електрична енергија на граѓаните.
Давор Пехчевски од Еко-свест, ко-автор на извештајот додаде дека: “Субвенциите за хидроенергија се еден од главните двигатели на уништувањето на природните богатства во нашата земја и го загрозуваат пристапот до чиста вода, па така тие треба веднаш да се укинат. Хидроенергијата е зрела технологија што би требало да е конкурентна на пазарот и без субвенции, но исто така веќе имаме изградени повеќе од доволно мали хидроелектрани и со секоја наредна само се зголемува притисокот на екосистемите. Само технологиите што се уште се пробиваат на пазарот и чија цена се очекува дополнително да паѓа во иднина, како што се соларна и ветерна, треба и понатмау да се субвенционираат“.
Фаворизирањето на хидроенергијата од страна на Владата дополнително се зголеми во 2019 година кога воведе покомпицирани процедури за субвенционирање на соларна и ветерна енергија, но го задржа „прв дојден-прв услужен“ системот со повластени тарифи за малите хидроелектрани што повлече и жалба до Енергетската заедница од граѓанските организации во јули оваа година. (1)
Александра Бујароска од Фронт 21/42 додаде: „Постоечките договори за концесии за мали хидроелектрани лоцирани спротивно на начелата за Законот за заштита на природата и Законот за води мора да бидат раскинати, а во идните повици за концесии, ваквите локации да бидат исклучени. Онаму каде што таквите проекти се веќе реализирани и штетата е веќе направена, како хидроцентралите во Националниот парк Маврово, институциите треба редовно да ги контролираат и ригорозно да ги казнуваат. Државата треба да воведе систем каде дел од казната за овие централи ќе биде сериозно намалување на повластената тарифа или губење на истата“.
Шемите за поддршка го губат кредибилитетот кај јавноста затоа што од нив бенефицираат добро поврзани бизнисмени. Кај нас Вице-премиерот за економски прашања Кочо Анѓушев поседува најмалку 27 мали хидроелектрани, а претседателот на најголемата опозициска апртија Христијан Мицкоски има најмалку 5 концесии. Во соседна Србија кумот на претседателот Александар Вучиќ, Никола Петровиќ, е меѓу најприсутните во бизнисот со малихидроелектрани. Во Црна Гора субвенциите главно се слеваат кај луѓе блиски до преседателот Мило Ѓукановиќ.
„Државата воведе потранспарентен систем за субвенционирање на ветерни и соларни електрани базиран на аукции и премии, но го задржа ситемот со повластени тарифи за хидроенергијата – спротивно на европските правила направени да овозможат пропорционално субвенционирање со најниска цена за граѓаните“, објасни Пехчевски. „Со оглед на тоа дека кабинетот на Кочо Анѓушев е директно вклучен во изготвувањето на легислативата, се чини дека одлуките се носат за поддршка на приватни интереси наместо на јавниот интерес“.
Дополнителни информации:
[1] Детали за жалбата до Енергетската заедница: https://bankwatch.org/press_release/north-macedonia-complaint-challenges-unfair-subsidy-advantages-for-hydropower
Извештајот е достапен на следниот линк: https://bankwatch.org/wp-content/uploads/2019/09/who-pays-who-profits.pdf
by Elena Nikolovska | Sep 19, 2019 | Клима, Соопштенија
Екстремните временски услови предизвикани од климатските промени стануваат се поочигледни. Соочени сме со избор – Ќе го смениме начинот на кој сме ги правеле работите досега или ќе стравуваме за свет без иднина.
По повод Европската недела на мобилност и Неделата за иднината повелете на проекција на филмот “This Changes Everything” овој 21 септември на Школка во градскиот парк во Скопје со почеток во 20:00 часот.
Филмот зборува за седум локални заедници од различни страни на светот кои застанале на фронтот на борбата со фосилните горива и климатската криза. Можеме ли да ги запреме климатските промени и да го трансформираме пропаднатиот економски систем во нешто подобро?!
Да бидеме генерациите што ќе ја зачуваат иднината!
Настанот е дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ спроведуван од Еко-свест, ЦНВП и ДЕМ. Проектот е финансиран од Европската унија.
Проекцијата се одржува на отворено и влезот е бесплатен. Понесете си нешто за седење и топла облека.
Се гледаме!
by Elena Nikolovska | Sep 19, 2019 | Клима, Соопштенија
Климатските промени се проблем кој не можеме повеќе да го игнорираме. Нашата земја ги трпи последиците од климатските промени – долги сушни периоди, бури со силни ветрови и град и нема финансиски средства да се справи со нив.
Климатските промени и мобилноста на граѓаните, особено во градот се тесно поврзани меѓу себе. Транспортниот сектор во земјава учествува со 13% во вкупните национални емисии во 2014 година, а одтогаш имаме растечки тренд поради се поголем број на луѓе во градовите. Од друга страна пак климатските промени директно влијаат на мобилноста на граѓаните, правејќи го неможно движењето на луѓето и добрата во услови на екстремни временски услови како топлотни бранови и бури.
Сообраќајот влијае и врз здравјето на луѓето и квалитетот на живот, предизвикувајќи загадување на воздухот и бучава.
Потребно е да размислуваме како да го прилагодиме секторот транспорт на екстремните временски услови и во исто време да влијаеме на ублажување на климатските промени преку фаворизирање на форми на транспорт со низок јаглероден отпечаток.
Повеќе велосипедски и пешачки зони во градот со функционално зеленило со цел олеснување на движењето во услови на високи температури. Автопати за велосипеди кои ќе ги поврзуваат градовите.
На 21 Септември како дел од Европската недела на мобилност и дел од настаните на Недела за иднината придружете ни се на велосипедско возење низ градот кое ќе заврши со проекција на филм за климатски промени во Градскиот парк.
Старт: 19:00 во паркот Жена Борец кај споменикот на Питу Гули
Крај: 19:30 пред Школка во градски парк
20:00 Филмска проекција под отворено небо
Секој велосипед носи транспарент со порака за клима или подобрување на мобилноста во градот.
Ние немаме повеќе време да размислуваме дали може да се направи- градот може и треба да се развива одржливо и дека само на овој начин ќе се подобри квалитетот на живот и здравјето на урбаните жители.
Да бидеме генерациите што ќе ја зачуваат иднината!
Настанот е дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ спроведуван од Еко-свест, ЦНВП и ДЕМ. Проектот е финансиран од Европската унија.
Најнови коментари