by Elena Nikolovska | Aug 16, 2019 | Клима, Повици
Во рамки на шемата за регрантирање која е дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ финансиран од Европската Унија и спроведуван од Еко-свест, ЦНВП Македонија и Движењето на екологистите на Македонија, на принцип на јавен повик за доделување на мали грантови за граѓански организации избрани се 10 подгрантисти.
Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ како општа цел има зајакнување на влијанието и вклученоста на граѓанското општество во процесите на донесување на одлуки и во клучните реформи за поддржување на процесот на пристапување кон ЕУ.
Информираме дека заклучно со истекот на рокот за пријавување на 31.05.2019 пристигнаа вкупно 63 проектни апликации. Комисијата за избор составена од пет члена ги селектираше следните 10 апликации:
- Здружение за заштита, едукација и промоција на храна Слоу Фуд Водно – Скопје, проект „Храна за промени“,
- Движење за околината Молика – ДОМ Битола, проект „Иднина за климата – одлучи и дејствувај“,
- Здружение за одржлив развој и заштита на животна средина ГОУ ГРИН Скопје, проект „Училишта на сончева енергија“,
- Здружение за слободен развој на мислата Сакам да кажам – Скопје, проект „Сакам Зелено“,
- Еколошко Здружение – Движење Еко Герила Тетово, проект „Полог против климатските промени“,
- Национално здружение на сопственици на приватни шуми Берово, проект „Зборувај гласно делувај јасно“,
- Балканска фондација за одржлив развој – Скопје, проект „Да зборуваме за климатските промени и иднината на виновата лоза и виното“,
- Здружение за екологија и заштита на животната средина Еко Тим Исток – Кочани, проект „Селектирај пластичен отпад од земјоделството и дај свој придонес за борба против климатските промени“,
- Здружение на пчелари „Трмка“ – Старо Нагоричане, проект „Со пчелите и медоносната флора во борба со климатските промени“,
- Зелената Арка – Скопје, проект „Агриколаб – платформа за колаборативни агроеколошки пракси“.
Избраните подгрантисти делуваат во 6 различни плански региони во
земјата, а проектите опфаќаат повеќе аспекти релевантни за климатските
промени – храна, прилагодување кон климатски промени, млади, медиуми,
води, шуми, земјоделие, отпад, урбана екологија.
Подгрантовите ќе се спроведуваат во наредните 6 до 12 месеци, а
средствата доделени по организација се движат помеѓу 8000 и 12000 евра
за целиот проектен период.
Им честитаме на организациите добитници на грантовите и им посакуваме успешно спроведување на проектните идеи!
by Elena Nikolovska | Jul 29, 2019 | Активно граѓанство, Енергија, Клима, Соопштенија
Зелениот акциски план за градот Скопје кој во моментов е во фаза на изработка се работи зад затворени врати. Граѓанските организации активни во секторот животна средина, иако официјално побараа, не беа поканети на ниту една од работилниците. Носење на план од значење за квалитетот на живот на жителите на главниот град на нетранспарентен начин може повторно да значи погрешно потрошени пари без никакво подобрување.
Оваа година градот Скопје стана еден од 29 градови во светот кои добиваат поддршка од Европската банка за обнова и развој да изработат Зелен акциски план (Green City Action Plan) со цел да започнат со решавање на најитните еколошки проблеми. Овие зелени акциски планови би требало да се носат на транспарентен начин со учество на граѓанските организации и граѓаните уште од фазата на идентификација на проблемите, меѓутоа сите презентации и работилници кои досега се одржаа како дел од овој процес во Скопје беа само со покани, а граѓанските организации и граѓаните не беа поканети.
Во април годинава Еко-свест испрати барање за учество во процесот заедно со список на граѓански организации кои би можеле да придонесат во лоцирање на проблемите и изработката на зелениот акциски план, но никој не беше поканет на презентациите и работилниците.
„Изработка на акциски план кој би требало да даде насока за справување со најгорливите еколошки проблеми на градот во наредните 15-20 години, без да ги прашате жителите врз кои истиот ќе има најмногу влијание и има моќ да им го промени животот на подобро или полошо е апсурдно и се коси со сите начела на едно современо демократско општество.“- вели Давор Пехчевски од Еко-свест.
Градот Скопје последниве 15 години е жртва на лоши и нетранспарентни политики на властите. Несоодветен и неплански урбанизам, проширување на улици на сметка на загрозување на безбедноста на велосипедисти и пешаци, речиси непостоечки систем за управување со отпадот и уништување на голем дел од зелените површини го сместија главниот град на врвот на листата на градови во светот со високо аерозагадување.
Станува збор за одлуки за квалитетот на живот на жителите на градот Скопје, нивното здравје и безбедноста на нивните домови и затоа се надеваме дека зелениот акциски план ќе се изработува на најтранспарентен начин и со вклученост на граѓанските организации и граѓаните на овој град. Во спротивно ќе сметаме дека властите не се грижат за здравјето на своите граѓани и повторно се обидуваат да заработат на сметка на нашето здравје.
by Elena Nikolovska | Jul 13, 2019 | Активно граѓанство, Природа, Соопштенија
Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион отвора простор за носење штетни одлуки и понатамошно уништување на единственото УНЕСКО подрачје во земјата.
Им укажуваме на предлагачите на Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (Предлог-законот), акој требаше да влезе во собраниска процедура оваа недела, дека текстот на Предлог-законот не е ист со оној кој беше дискутиран на јавната расправа на крајот на 2018 год. и презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку. Предлагачитево него додале член со кој уредувапримена на т.н. Бадентеровото мнозинство (односно двојно мнозинство) при носење напрепораките и мислењата на Советот за Охридскиот регион (Советот)..
Сметаме дека ваквиот начин на носење одлуки на Советот за Охридскиот регион не е во согласност со Охридскиот рамковен договор, бидејќи Бадентеровиот принцип на донесување одлуки се воспостави за да се избегне надгласувањето на помалите етнички заедници за сметка на мнозинството во претставничките тела, како Собранието и советите на локалната самоуправа, каде избрани претставници носат одлуки во името на граѓаните. Во конкретниот случај се работи за стручно тело со советодавна улога, чиј мандат е точно определен во членот 9 од Предлог-законот, односно тело кое дава мислења, препораки и предлози заради зачувување на природата и културното наследство на Охридскиот регион, но не донесува одлуки!
Имено, во членот 8, став 15 од Предлог – законот уредено едека членовите се бираат според нивната функција, односно позиција во одредена релевантна институција, а не согласно принципот на Бадентер, од што произлегува дека не мора да значи дека нејзиниот состав ќе ја одразува етничката структура на државата.
Воедно сметаме дека ваквото законско решение ќе создаде простор за локални моќници директно да влијаат на сите препораки, предлози и мислења што ќе ги носи овој Совет и повторно ќе се реализираатштетни инфраструктурни проекти, а кои ќе значат понатамошно уништување на Охридскиот регион и со сигурност ќе бидат причина за губење на статусот на УНЕСКО во 2020 година.
Затоа:
- Бараме од Министерството за култура, како предлагач на Предлог-законот до Собранието на РСМ да го достави текстот на Предлог-законот кој беше предмет на јавна расправа и кој беше презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Бакуво јуни 2019 год.;
- Бараме од Собранието на РСМ во прво читање да расправа по текстот на Предлог-законотод ноември 2018 год. кој беше консултиран со засегнатите страни и јавноста и кој беше доставен до Комитетот на УНЕСКОво Баку во јуни 2019 год.
- Бараме од Владата на РСМ да ја препознае заканата од уништување на природното и културно наследство и сериозно и доследно да се заложи за спроведување назаконските и подзаконските акти донесени во оваа држава, почнувајќи со Уставот на РСМ, а кои посебно влијаат на природнотото и културното наследство.
Со почит,
Центар за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ Скопје
Движење за околината Молика – ДОМ Битола
EcoGuerila Тетово
Еко Живот Кавадарци
Извиднички Поречански Одред Крсте Јон Струга
Фронт 21/42 Скопје
Центар за климатски промени Гевгелија
Граѓанска иницијатива Охрид SOS
Еко ЛОГИК Скопје
Анима Мунди Скопје
Поддржано од Блупринт групата за правосудство:
Хелсиншки Комитет за човекови права
Фондација Отворено општество – Македонија
Институт за европски политики ЕПИ
Здружение на млади правници
Коалиција сите за правично судење
Институт за човекови права
Центар за правни истражувања и анализи
by Elena Nikolovska | Jun 28, 2019 | Активно граѓанство, Клима, Соопштенија
Земјоделците во моментов се соочуваат со огромни вишоци на сезонско овошје и наместо да се искористи за потикнување развој на зелена економија во земјата, праските од Росоман и јаболките од Ресен завршуваат фрлени како ѓубре.
Фрлањето на свежите производи од страна на нашите земјоделци во знак на револт поради ниските откупни цени почнува да станува наше секојдневие. Ова едноставно е недопустливо бидејќи во производството сме потрошиле вода, енергија и транспорт и сме емитувале стакленички гасови во атмосферата. Производите, наместо на трпеза, завршуваат како отпад кој загадува бидејќи е извор на метан – стакленички гас кој ја менува нашата клима.
Во светот веќе постојат илјадници позитивни примери за развој на зелена економија, а многу од нив доаѓаат од земјите во развој како нашата. Едно од решенијата е стеснување на ланецот на храна преку директно поврзување на малиот локален земјоделец со потрошувачот преку мобилни зелени пазари организирани од општините или пак локализирани продавници во сопственост на земјоделски задруги.
Со цел да обезбедат квалитетни и здрави производи, познатите ресторани и основните училишта од многу земји во светот склучуваат договори за соработка со локални земјоделски фарми и со тоа земјоделецот има загарантиран купувач на неговите производи.
Нашата земја изобилува со традиционални рецепти за џемови, мармалади и сушено овошје кои во многу земји од Западен Балкан веќе достигнуваат висока пазарна цена со соодветно брендирање и етикетирање, меѓутоа и со силна соработка на сите во локалните заедници.
За развој на зелената економија потребни се идеи, креативност, меѓутоа и огромно ангажирање од страна на државата преку националните стратегии и програми како би можеле да ги насочат субвенциите онаму каде е вистински потребно. Потребни се системски решенија кои ќе овозможат локални партнерства и локални акции за локални зелени бизниси за придобивка на земјоделците и потрошувачите, притоа штитејќи ја нашата средина и клима.
Во рамките на регионалниот проект GEAR-Green Economy for Advanced Region, финансиран од Европската унија, Еко-свест во последнава година започна поинтензивно да работи на подигнување на капацитетите на граѓанските организации за предизвиците и можностите за зелена економија со цел зголемување на притисокот кај власта да започне да создава можности за развој на зелена економија во државата.
Најнови коментари