Во рамки на едукативната програмата за деца на Еко свест на 11 и 12 јуни 2024 година беа одржани работилници во Национален парк Маврово и во Демир Капија.
Првата работилницата се одржа во основното училиште во Ростуше и беше фокусирана кон заштита на природата во Националниот парк Маврово со особен фокус кон реките од овој регион. Истата беше насочена кон зголемување на свесноста за тоа како човекот може да допринесе кон заштитата на овие заеднички добра кои имаат директно влијание врз здравјето и благосостојбата на целиот регион. Ставајќи ги учениците во улога на самураи заштитници, со четки во рацете наместо мечови, истражувајќи во областа на графиката преку насочена работа во група постигнаа извонредни резултати претставувајќи ја ноќта во националниот парк Маврово. Работилницата резултираше со ликовни графики -монотипии кои ќе се користат за изработка на џебна книга чија цел ќе биде понатамошно да делува во освестување на заштитата на заедничките добра од национално значење. Учејќи индиректно преку игра и визуелен приказ децата полесно стекнуваат увид и природно ја интегрираат улогата на свесни чинители во средината во која живеат. Организираната работилница е дел од проектот „Заштита на реките преку воспоставување на мониторинг и практики за обновување на речните живеалишта во заштитени подрачја“, поддржан и финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT).
Во Демир Капија се одржа работилница која беше посветена на значењето на реките во овој регион за опстанокот на ендемските видови како египетскиот мршојадец и белоглавиот мршојадец. Преку игри, цртање и боење учениците од основното училиште во Демир Капија директно се запознаа со значењето на овие видови во поширок контекст. Визуелноста и едукацијата преку игра се најблиски до децата овозможувајќи им да интегрираат здрави навики кои во фокус го ставаат значењето на средината од која доаѓаат. Материјалите добиени од работилницата ќе бидат искористени за боенка која со понатамошна дистрибуција ќе продолжи да врши едукација и инспирација за деца. На почетокот на работилницата беше промовирана и џебна книга „Да ја заштитиме Демир Капија” која со своите бои и несекојдневен визуелен пристап предизвика особена радост и интерес. Оваа работилница е дел од регионалната иницијатива „Заедно за реките“ која е поддржана од The Nature Conservancy, а се спроведува во соработка со пет граѓански организации од регионот.
Децата учат преку игра. Ова е факт докажан со толку многу истражувачки трудови, а сепак често се игнорира при развивање образовни програми. Со фокусирање на фактите, резултатите од учењето и способностите, сакајќи децата да постигнат резултати што е можно поскоро, недоволно се посветуваат време и мисли за тоа „како“ да се стигне до таму. Токму таму лежи клучот на успехот. Улогата на возрасните е да ги искомбинираат знаењата и вештините што сакаме да ги стекнат во играта. Овој „магичен трик“ функционира со секој предмет, дури и секоја возраст и е вистинското решение за еколошко образование. Ако, згора на тоа, имате природна околина која може да се искористи како училница на отворено, магијата е целосна. Имате можност секој двор, градски парк, рид, поток или дел од шума да го претворите во највозбудливото место за играње и учење. Децата учат преку игра. Па, нека си играат.
Еко-свест со цел поврзување на децата со природата уште од најмала возраст, а особено низ игри и учење на отворено, изработи три нови Едукативни прирачници посветени на Споменикот на Природа Вевчански Извори.
1. Споменик на Природа Вевчански Извори – Експериментално поле за млади научници Практичен водич за наставници од повисоки одделенија за спроведување активности во природа
Eдукативните прирачници опфаќаат три возрасни групи, од претшколска возраст, пониските како и повисоките одделенија во основно училиште.
Овие прирачници може да се применуваат на различни начини:
-Во училница: Како дел од редовната настава, за да се воведат теми поврзани со природата и екологијата.
-Надвор од училница: За организирање на екскурзии, настава во природа или научни денови во природа, кадешто учениците ќе можат практично да го применуваат наученото.
-Во еко-секции: Како водич за активности кои ги поттикнуваат учениците да размислуваат и дејствуваат еколошки свесно.
-Дома: Родителите можат да ги користат прирачниците за забавни и едукативни активности со своите деца.
Прирачниците одработуваат различни теми поврзани со природата и екологијата, вклучувајќи:
-Разновидност на флората и фауната: Запознавање со локалните видови на растенија и животни.
-Заштита на природата: Важноста на одржувањето и заштитата на природните ресурси.
-Набљудување и истражување: Техники за набљудување и документирање на природните појави и елементи.
-Научни експерименти: Спроведување на едноставни експерименти за полесно разбирање на природните појави и процеси.
Секој од прирачниците е прилагоден за возраста на децата за кои е наменет, со активности кои се забавни и интерактивни.
Прирачниците се изработени од Еко-свест како дел од проектот Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори, спроведуван од преку локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONТ.
Според Законот за животната средина (ЗЖС), за вршење на активностите на индустриските инсталации, операторите мора да добијат соодветна дозвола за тоа – Интегрирана еколошка дозвола (ИЕД). Со ИЕД се врши соодветно регулирање на капацитетот на работа на индустриските инсталации, но и последователно мониторирање, контролирање и санкционирање од страна на државата.
Во однос на операторите на инсталациите кои согласно ЗЖС се дефинирани како постојни, односно кои почнале со работа пред 01.07.2007, е предвидено да обезбедат Дозвола за усогласување со оперативен план (ДУОП). Тоа е услов за продолжување, односно започнување со работа на инсталацијата, до исполнување на условите за добивање на интегрирана еколошка дозвола, вид на преодна фаза. Постапките за издавање на ДУОП, како и самиот оперативен план кој е составен дел од дозволата, се од голема важност заради соодветно функционирање и причинување на што помала штета на животната средина согласно начелото на претпазливост.
Вклучувањето на јавноста во постапките и овозможување пристап до правда е од исклучително значење, но и законска обврска, имајќи ги во предвид начелото на учество на јавноста и пристап до информации и правото на пристап до правда пропишани како во националното законодавство, така и во Архуската конвенција која е ратификувана од страна на РС.Македонија.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) донесува решение со кое се издава А-интегрирана еколошка дозвола (А-ИЕД), кое се објавува на интернет-страницата на МЖСПП, и во најмалку еден дневен весник достапен на целата територија на државата. Жалба против решението за издавање на А-ИЕД може да се поднесе од страна на засегнати правни и физички лица, како и од здруженија на граѓани основани заради унапредување и заштита на животната средина, во рок од 15 дена од објавувањето на решението.
Согласно предвидените законски одредби при издавање на ДУОП, учеството на јавноста е делумно предвидено и запазено во постапката. Пристапот до правда, пак, директно не е предвиден бидејќи ЗЖС изречно не регулира дека ДУОП се издава со решение. Но, во членот 134 став 2 е пропишано дека доколку не е регулирано поинаку, во постапката за добивање на ДУОП соодветно ќе се применуваат одредбите што го регулираат издавањето на А-ИЕД.
Заклучно на претходно наведеното, начин на издавање на ДУОП и пристап до правда е издавањето на ДУОП да се врши со решение, на кое јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од неговото објавување. Следствено, неносењето решение со кое се издава ДУОП значи оневозможување на засегнатата јавност да поднесе жалба и да го оствари своето право на пристап до правда. Во ваков случај, кога има ДУОП а не е издадено решение, на засегнатата јавност ѝ преостанува да го оспори управниот акт кој може да го добие преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Претставници на Еко-свест учестуваа на Шестото и последно генерално собрание на проектот ЕНКЛУД, поддржан од програмата Хоризонт 2020, заедно со соработници кои доаѓаат од универзитети и истражувачки центри кои работат на полето на енергија, енергетска трансформација, одржливост и демократски граѓански општества од Австрија, Белгија, Велика Британија, Грција, Ирска, Канада, Романија, Франција, Холандија и Швајцарија. На средбата во Атина во периодот од 22 до 24 мај 2024 година се разговараше за напредокот во сите проектни компоненти, за постигнатите истражувачки резултати и се планираа идните настани. Една од студиите на случај како успешна приказна за развој на рурална енергетска заедница од Македонија, во село Белица, Кичевско, е веќе дел од продуктите и документите кои се подготвени и ќе се користат во иднина како водичи и ресурси на идните енергетски заедници кои ќе се развиваат со активно вклучување на граѓаните и останатите засегнати страни.
Целокупната визија на проектот „Horizon 2020 Energy Citizens for Inclusive Decarbonization (ENCLUDE)“ е да ѝ помогне на ЕУ да ги исполни своите ветувања и намери за праведен и инклузивен пат кон декарбонизација преку споделување и заедничко создавање на нови знаења и практики кои го максимизираат бројот и различните групи на граѓани кои се подготвени и способни да придонесат кон енергетската транзиција.
Во трансформацијата на енергетскиот систем, граѓаните стануваат сè поважни како ангажирани учесници кои се директно вклучени во обликувањето на системот. Оваа улога на партиципативни потрошувачи на енергија се рефлектира во терминот „енергетски граѓанин“. Овој трансдисциплинарен проект создава типологија на концептот за енергетско граѓанство за различни заедници на граѓани преку истражување на студии на случај на постоечки активности насочени кон декарбонизација.
Во рамки на средбата беше организирана и посета кај градоначалникот на Атина Харис Дукас и претставници на локалната администрација на Градот Атина кои работат во делот на заштита на животната средина, енергија и клима. На средбата проектниот тим ги презентираше клучните постигнувања на проектот ЕНКЛУД, а домаќините зборуваа за мерките за ублажување (митигација), адаптација и отпорност кои Градот Атина ги презема како одговор на климатските предизвици и начините како ги вклучува граѓаните во својата работа.
Опис на услугата Задачата во рамки на повикот е набавка и достава на два 3Д печатари (FDM технологија) кои што може да печатат со ПЕТ пластика.
Основни информации Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест преку локалната канцеларија во Вевчани во партнерство со Јавното претпријатие за комунални дејности и облагодарување на природните ресурси Еремја – Вевчани го спроведува проектот „Собери, рециклирај, креирај – Од рециклирана пластика до иновација“ со цел унапредување на управувањето со отпадот во општина Вевчани. Повеќе информации на www.ekosvest.com.mk
Цел на услугата Главна цел на оваа задача е воведување на 3Д печатањето како начин на рециклирање и реупотреба на отпадот од пластика. Еко-свест, како дел од проектот ќе донира два 3Д печатари во локалните основни училишта. Младите ќе имаат можност да се запознаат со иновативен третман на отпадот од пластика и да научат како да ракуваат со 3Д печатар.
Обем и детален опис на услугата Избраниот понудувач ќе биде задолжен за:
Набавка на два 3Д печатари; · 3Д печатарите треба да работат на методот Fused Deposition Modelling (FDM); · 3Д печатарите треба да имаат можност да печатат со ПЕТ пластика, односно на температура од 220-260⁰C · 3Д печатарите да можат да се испорачаат 10 дена од склучувањето на договорот.
Достава на 3Д печатарите до локалната канцеларија во Вевчани
Временска рамка Задачата за набавка на два 3Д печатари ќе биде финализирана 15 дена од склучување на договорот, но не покасно од 10.06.2024 година.
Буџет Вредноста на договорот не може да надмине 2150 САД$, односно 122.700 денари, според курсот на проектот „Собери, рециклирај, креирај – Од рециклирана пластика до иновација“.
Потребна документација за аплицирање · Краток опис на компанијата (портфолио); · Тековна состојба не постара од 6 месеци; · Финансиска понуда; · Техничка спецификација за уредот и информација за гарантни услови; · Пополнета и потпишана изјава дека понудувачот не запаѓа во ситуација која е основа за исклучување од учество во набавката (Анекс 1).
Компанијата која аплицира мора да ги исполнува следниве критериуми: · Активна компанија која е формирана со согласно Законите во Република С.Македонија, и постои најмалку 2 години.
Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.
Во понудата задолжително: · Да се наведе единечната цена за производот без ДДВ; · Временски рок за извршување на набавката; · Начин на плаќање.
Од избраниот понудувач, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува тековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; завршна сметка за 2023 (за правни лица); потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси, изјава за неосудуваност од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исполнува критериумите за учество (правно лице); биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.
Евалуација на кандидатите Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми: · Краток опис на компанијата (портфолио): 20 бодови; · Време потребно за достава на 3Д печатарите: 20 бодови; · Техничка спецификација и гаранција: 20 бодови; · Понудена цена за 3Д печатарите: 40 бодови.
Евалуационата комисија ќе ја извести само онаа компанија чија понуда ќе биде избрана. Договор ќе биде склучен само со онаа компанија чија понуда ќе биде оценета како најповолна, однодно освоила најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.
Услови за поднесување
Комплетната понуда апликантите треба да ја испратат на email: [email protected] , со назнака „Понуда за набавка на 3Д печатари“. Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Краен рок за достава на понуди е 27/05/2024 година. Некомплетни понуди нема да бидат земени предвид.
Надзор на проектот Еко-свест ќе биде одговорен за надзорот на спроведувањето на активноста и почитување на договорите и договорните задачи. Контакт лице Леонора Велкоска, [email protected]
Контакт лице За повеќе информации, ве молам контактисрајте со Леонора Велкоска, [email protected] или на +389 78 300 219
Анекс 1: Изјава од понудувач
ИЗЈАВА
Јас, долупотпишаниот ____________________________________(име и презиме) во функција на овластен застапник на__________________________(име на правното лице) со целосна морална и материјална одговорност изјавувам дека правното лице кое го застапувам нема ограничувања да биде понудувач во овој повик и дека поконкретно
→ Правното лице не се наоѓа во стечајна постапка, банкрот или судски спор, правното лице нема склучено договор со доверители без можност да ги сервисира обврските кон кредиторите, и истото нема суспендирање на деловните активности на правниот субјект, односно активностите на правното лице не се предмет на постапка во врска со овие прашања или не се во било каква аналогна ситуација што произлегува од слична постапка предвидена во националното законодавство и регулативи;
→ Правното лице и овластениот застапник не се осудени за прекршок по основ на непрофесионално однесување, со пресуда која има сила на res judicata;
→ Правното или физичко лице застапник не е обвинето за тежок прекршок и/или недолично професионално однесување, по било кој основ докажано како праведно обвинето;
→ Правното или физичкото лице застапоник не се утврдени за виновни со правосилна пресуда или со правосилна административна одлука за тешко недолично професионално однесување прекршувајќи ги важечките закони и прописи или етичките стандарди апликативни за професионалната област во рамки на која субјектот делува, или соучествувајќи во било какво несоодветно однесување кое има влијание врз неговиот професионален кредибилитет и кога таквото однесување укажува на погрешна намера или груба небрежност, вклучително и особено кое било од следното: измама или небрежно погрешно прикажување на информации потребни за проверка на отсуството на основи за исклучување или исполнување на критериумите за избор или спроведување на договорот, вршење притисок или влијание при процесот на донесување одлука, или обид да се добијат доверливи информации за предности во постапката на набавка;
→ Правното лице ги исполнува обврските за плаќање на придонеси за социјално осигурување на вработените или плаќање даноци согласно законските одредби на земјата во која правниот субјект е основан или со одредбите важечки за земјата каде треба да се спроведе договорот;
→ Правното лице не е предмет на пресуда која има сила на res judicata за измама, корупција, инволвираност во криминални дејствија или која било друга незаконска активност штетна за финансиските интереси на организацијата и донаторите.
На ден________________година Име и презиме на застапникот
Најнови коментари