Гасниот интерконектор може да ни зароби над 700 милиони евра и да ја забави обновливата енергија
Со форсирањето на гасниот интерконектор со Грција, Македонија може да се заглави уште повеќе од 3 децении во нова зависност од фосилни горива и да ги потроши парите кои може да се вложат во обновливи извори на енергија.
Со напуштањето на јагленот и нафтата се ризикува да се поврземе за гасот во време кога многу земји од ЕУ забрануваат инсталирање на нови приклучоци поради влијанието врз животната средина и кога се проценува дека цената на овој енергенс само ќе се зголемува поради ризиците во испораката и новите правила на наплата за емисиите на јаглерод диоксид на Европската Унија.
Интерконекторот кој треба да носи гас од Грција ќе ја насочи државата кон комплицирана изградба на гасна мрежа во сите општини што ќе трае долго и според различни сценарија може да чини меѓу 240 и 745 милиони евра. Овие пари може поефикасно да се насочат кон развој на обновливи извори на енергија и забрзување на продирањето на постоечки ефикасни системи за готвење, загревање на вода и на домаќинствата кои користат комбинации од соларни панели и топлински пумпи.
Дополнително, истражувањето на јавното мислење и фокус групите кои ги спроведе Еко-свест, укажуваат дека повеќе од две третини од испитаниците би се приклучиле на гасна мрежа доколку цената на приклучок изнесува до 300 евра. Меѓутоа, проценката на Еко-свест е дека цената на приклучок нема да биде под 700 евра. Оваа цена пак е прифатлива за само 4% од испитаниците.
Проценката е и дека воведувањето на гасот за домаќинствата ќе придонесе за сериозно изместување на пазарот на уреди за готвење, загревање на водата и на грејни тела со оглед на тоа што гасните уреди досега беа многу малку застапени на тој пазар, а со гасификацијата ќе се јави огромна потреба од нив. Тоа дополнително ќе го забави преминот кон обновлива енергија кај домаќинствата.
Дополнително, за проектот за гасниот цевковод од Грција не беше овозможена отворена консултација со сите засегнати страни во врска со неговото влијание врз животната средина. Интерконекторот од необјаснети причини е поделен на три различни проекти во Грција и Македонија што го прави уште покомплициран за изведба.
Гасот како фосилно гориво, енормно ги зголемува емисиите на стакленички гасови, пред сѐ на јаглеродните оксиди. Едно од главните прашања кое се поставува е дали емисиите на стакленички гасови од гасниот интерконектор се во согласност со обврската на земјата да ги намали емисиите на стакленичките гасови до 2030 година, согласно Парискиот договор.
Дали природниот гас е енергетски спасител или скриен извор на ризици? Центарот за истражување и информирање за животната средина, Еко-свест Скопје, во соработка со истражувачката агенција Индаго спроведе анкета која ги открива ставовите на граѓаните во Македонија за гасот како извор на енергија. Поголем дел од испитаниците иако не знаат дека гасот е фосилно гориво кое придонесува значително за глобалното затоплување и климатските промени го сметаат за поевтино и почисто споредено со нафтата, јагленот и огревното дрво. Кај една третина постои сомнеж и страв во поглед на безбедноста на користењето, но сепак доминантен дел би се приклучиле веднаш доколку имаат пристап до гасоводна мрежа. А, пристап до овој енергенс имаат само 12% од анкетираните. Најголема примена на гасот граѓаните гледаат во готвењето и загревањето во домовите.
Природниот гас како енергетска опција
Многумина го сметаат природниот гас за евтино гориво. Но, енергетската криза покажа дека цената на гасот може драстично да варира и сега со сигурност знаеме дека никогаш нема да биде ефтин како во минатото. Според истражувањето, 74% од испитаниците гасот го гледаат како најповолно гориво во споредба со други слични опции, како нафтата и јагленот. Најмалку 67% од граѓаните се согласуваат дека тој е најеколошко фосилно гориво, кое помага во намалувањето на штетните емисии. Од аспект на користењето, 67% го сметаат за подобар избор отколку огревното дрво, што значи помалку чад и ситни честички во воздухот. Точно е дека гасот при согорување не емитува честички прашина и чад, но исто како и нафтата и јагленот е одговорен за емисиите на јаглерод диоксид- причинителот на климатските промени. Оттука можеби посоодветен назив за природниот гас е – Фосилен гас.
Дали граѓаните се свесни за ризиците и безбедноста на природниот гас? На прашањето дали природниот гас е безбеден за животната средина и луѓето, 64% од испитаниците одговорија позитивно, но скоро една третина од испитаниците не е уверена во тоа. Ова може да се толкува како потреба за подобра едукација и свест меѓу граѓаните. А, можеби, некои се неинформирани за потенцијалните ризици и безбедносни мерки при користењето на природниот гас. Можеби е потребно подобро да се запознаат со ефектите од изградбата на гасоводите врз животната средина. Други можеби имаат прашања за евентуалните ризици, како можни експлозии во домаќинствата и индустријата или други хаварии при изградбата на гасоводите. Особено важно е да се нагласи дека безбедноста на гасот за корисниците зависи од правилната инсталација, употреба, но и редовно одржување на инсталираната опрема, што изискува значителни финансиски средства, но и техничкикапацитети на операторите.
Колкав е пристапот на граѓаните до гасоводна мрежа? Анкетата открива и голема разлика во пристапот до гасоводната мрежа, што има важни импликации за користењето на природниот гас како извор на енергија. Скромни 12% од испитаниците се изјасниле дека имаат пристап до гасот како енергенс во нивната општина или околина, додека 81% ја немаат оваа можност. Мора да се земе предвид и дека граѓаните честопати природниот, односно фосилниот гас го поистоветуваат со гасот во таканаречените „плински боци“ или гас кој се користи во возилата. Поради недостиг од традиција во користењето на фосилниот гас во Македонија, граѓаните немаат доволно познавање да ги разликуваат овие значително различни фосилни продукти. Необично, иако 75% од испитаниците кои немаат пристап до природниот гас изразиле желба дека веднаш би се приклучиле, но, само 3% во моментов користат, фосилен гас. Ова може да се толкува на неколку начини. Една од можностите е дека фосилниот гас едноставно не е достапен за домаќинствата во најголем број од нашите општини. Втората можност е дека немаат доволна финансиска моќ за приклучување бидејќи инсталирањето на гасоводната инфраструктура како и замена на главните уреди (греалки, бојлер, шпоет) се скапа инвестиција. Трета можност е постоењето на определен страв или недоверба во однос на безбедноста и употребата на природниот гас.
Ако не гас, кои се алтернативните извори на енергија? Според испитаниците, фосилниот гас би наоѓал разни примени во секојдневниот живот. Голем дел од граѓаните би го користеле во кујната за приготвување на оброк, загревање на вода, како и затоплување на домаќинствата. Во моментот, фосилниот гас во нашата држава се користи главно во индустријата и како енергенс за производство на електрична и топлинска енергија. Поради малиот број на жители, фосилниот гас е најисплатлив за поголемите индустриски капацитети, но не и за поголем број од домаќинствата. Истражувањето дава податоци и за ставовите околу потенцијалните алтернативни извори на енергија, вклучувајќи ги соларната и ветерната енергија, хидроенергијата, биомасата и иновативните методи кои испитаниците ги сметаат за релевантни. Според анкетата, голем број на испитаници (91%) изразиле поддршка за соларната енергија, сметајќи ја за еден од најсоодветните алтернативни извори на енергија за целата држава. Ветерната енергија следува со 76% што покажува значителна поддршка на овие два обновливи извори. Ова е индикатор дека како држава сме подготвени за зелената транзиција кон обновливи извори со кои располагаме, без притоа да создаваме зависност од други држави и од увозот на енергенси.
Анкетата ја спроведоа Центарот за истражување и информирање за животната средина, Еко-свест Скопје, во соработка со истражувачката агенција Индаго, со цел да се истражат ставовите на граѓаните во Македонија за фосилниот гас како извор на енергија.
Скопје, 06.11.2023 г. Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест упатува јавна реакција околу предложените измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште.
Во време кога светот се соочува со климатска криза која го отежнува производството на храна, бараме да се преиспита потребата од законски измени со кои се овозможува трајна пренамена на земјоделските земјишта во градежни земјишта за развој на обновливи извори на енергија.
Нашата загриженост е дека поради предложената можност за трајна пренамена на најплодното земјоделско земјиште за хидроелектрични централи, термоелектрични централи, нуклеарни електрани, ветерни електрани, концентрациони сончеви електрани, електрани на биогориво и површински соларни и фотоволтаични електрани ќе ја ограничи намената на локации со плодна почва во државата за обезбедување на храна за населението. Плодните земјоделски земјишта никако не би смеело да се пренаменуваат во градежни земјишта за енергетски градби или индустриски објекти.
Под влијанија на климатските промени, земјоделското земјиште има негативен тренд на деградација на почвите, со што се намалени приносите на храна и општата плодност на земјиштето, се загрозува егзистенцијата на земјоделците и се напуштаат земјоделски култури.
Предложените измени на Законот се спротивни на актуелните политики за земјоделие и рурален развој на државата како и политиките за климатска акција усвоени во последните три години. Недозволиво е поради заштита на интересите на приватни инвеститори да се нанесува огромна штета на државата, граѓаните и земјоделците. Криминално е и заплашување на цели региони каде најголема економска дејност е производство на храна и локални заедници од страна на институции со цел овозможување на грабање на плодното земјиште во земјата.
Нашата земја има ограничени површини на плодно земјоделско земјиште претежно лоцирано во котлините како ливади, ораници, бавчи, овоштарници и лозја кои се основа за земјоделското производство. Најголем дел од земјоделската површина се пасиштата кои со предложените измени ќе можат да бидат пренаменети во нови енергетски централи за ОИЕ. При непланска изградба на енергетски градби кои користат обновливи извори на енергија се забрзува константното намалување на плодните земјоделски површини, што значи ризик врз производството на храна, зголемен увоз на овошје и зеленчук со непознато потекло и следствено, поголеми трошоци за населението.
Веќе се подготвени повеќе научни студии кои покажуваат дека има многу локации за развој на нови енергетски проекти во области кои ги избегнуваат земјоделските и други квалитетни природни површини и немаат влијание врз животот на локалните заедници. Пример за такви локации се деградирани земјишта од стари рудници, индустрии, одлагалишта на јаловина, стари депонии.
Еко-свест заедно со МАНУ подготви иСтудија за детектирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи имапа на одржливи локации за развој на ОИЕ, насочени првенствено на некорисно и загадено земјиште во земјата. Овие локации не се во области со значителна биолошка разновидност, немаат голема еколошка вредност и не го нарушуваат животот на локалното население. Студијата утврди дека доколку инвестициите се насочат на половина од овие одредени локации, овие проекти би можеле да генерираат скоро 8 пати повеќе електрична енергија од моменталниот инсталиран капацитет во државата.
Измените во политиките треба да се во согласност со Стратегијата за климатска акција и ратификуваниот договор за опустинување и суши и во насока на заштита на почвата од деградација, ерозија, загадување, да предвидат финансиска поддршка и инвестиции за агроеколошки мерки во земјоделието како што е заштита и зачувување на автохтоните раси и сорти на растенија, кои се наоѓаат на земјоделското земјиште, и други мерки за зачувување на почвата.
Врз основа на овие аргументи, бараме измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште да бидат итно повлечени, а надлежното МЗШВ да донесе одлука со која ќе се забрани негова пренамена во градежно земјите за развој на енергетски проекти или други неземјоделски цели.
Еко-свест испрати јавна реакција до медиумите кое може да го преземете тука:
Задачата во рамки на повикот е набавка на канти за селектирање отпад од пластични шишиња и достава до локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани.
Основни информации
Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест преку локалната канцеларија во Вевчани во партнерство со Јавното претпријатие за комунални дејности и облагодарување на природните ресурси Еремја – Вевчани го спроведува проектот „Собери, рециклирај, креирај – Од селектирана пластика до иновација“ со цел унапредување на управувањето со отпадот во општина Вевчани. Повеќе информации на www.ekosvest.com.mk
Цел на услугата
Главна цел на оваа задача е подобрување на инфраструктурата за соодветно одлагање на отпадот од пластични шишиња, со што ќе се унапреди процесот на селекција на пластиката и нејзино рециклирање.
Обем и детален опис на услугата
Избраниот понудувач ќе биде задолжен за:
1. Набавка на 50 канти за селекција на отпад од пластични шишиња
Кантите треба да имаат волумен од најмалку 240 литри, да се изработени од тврда пластика и да бидат подвижни.
На кантите треба да има налепница со слика од пластично шише како и да пишува дека кантата е само за пластични шишиња од вода или сок.
2. Достава на кантите до локалната канцеларија во Вевчани
Временска рамка
Задачата за набавка на канти за селектирање на отпад од пластични шишиња ќе биде финализирана 45 дена од склучување на договорот, но не покасно од 31.12.2023 година
Предложената временска рамка за ангажманот е следна:
Резултат
Краен рок
Избор на канти за селектирање на отпад од пластични шишиња
04/12/2023
Одобрување од страна на Еко-свест
11/12/2023
Достава на канти
31/12/2023
Буџет
Вредноста на договорот не може да надмине 2750 САД$, односно 157.300 денари, според курсот на проектот „Собери, рециклирај, креирај – Од селектирана пластика до иновација“.
Потребна документација за аплицирање
Краток опис на компанијата (портфолио)
Тековна состојба не постара од 6 месеци
Финансиска понуда
Компанијата која аплицира мора да ги исполнува следниве критериуми:
Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република С. Македонија, и постои најмалку 2 години.
Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.
Во понудата задолжително:
Да се наведе единечната цена за производот без ДДВ
Временски рок на извршување на набавката
Начин на плаќање
Евалуација на кандидатите
Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана.
Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
Краток опис на компанијата (портфолио): 30 бодови.
Време потребно за достава на кантите: 30 бодови.
Понудена цена за кантите: 40 бодови
Договор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.
Евалуационата комисија ќе ја извести само онаа компанија чија понуда ќе биде избрана. Договор ќе биде склучен само со онаа компанија чија понуда ќе биде оценета како најповолна.
Услови на поднесување
Комплетната понуда апликантите треба да ја испратат на email: [email protected] , со назнака “Понуда за набавка на канти”.
Краен рок за достава на понуди е 9/11/2023 година.
Некомплетни понуди нема да бидат земени предвид.
Надзор на проектот
Еко-свест ќе биде одговорен за надзорот на спроведувањето на активноста и почитување на договорите и договорните задачи.
На 14.10.2023 година во Демир Капија се одржа настанот „Од визија до реалност: Демир Капија заштитено подрачје” кој е првиот во низата на активности поврзани со процесот на репрогласување на Демир Капија како заштитено подрачје.
Преку низа на едукативни активности, пред заинтересираните присутни беше презентирано значењето на иницијативата за репрогласување на Демиркаписката Kлисура и целосна заштита на реките Бошава и Дошница, заедно со околното подрачје, како и сите наредни чекори во процесот на прогласување на заштитеното подрачје.
Пред присутните се обратија Градоначалникот на Општина Демир Капија г-дин Лазар Петров, Заменик Министерката за животна средина и просторно планирање г-ѓа Христина Оџаклиеска, претставник од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ г-дин Ѓорѓи Митревски и Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот г-дин Љупчо Јаневски, кои несебично дадоа целосна поддршка за оваа иницијатива и ги потврдија придобивките кои може да ги уживаат сите засегнати страни.
Вечерта заврши со концертите на Љубојна и Летечки пекинезери, каде заедно со демиркаписката публика се прослави отпочнувањето на иницијативата.
Најнови коментари