Од визија до реалност: „Демир Капија заштитено подрачје “, е првиот од низата културни настани преку кои јавноста ќе има можност да се запознае со иницијативата за прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на демиркаписката клисура и долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.
Информативниот културен настан ќе се одржи на 14.10.2023 год. (сабота) во Градскиот парк во Демир Капија, со почеток во 14:00 часот. Настанот ќе биде отворен со изложба на фотографии од природните убавини на Демир Капија. Потоа следува свечено отварање и вовед во иницијативата „Заедно за реките“, и најава на следни активности во процесот на прогласување на заштитено подрачје. Во вечерната програма ќе се одржат концертите на групата „Љубојна” и „Летечки пекинезери”.
Иницијативата „Заедно за реките“, има за цел да заштити повеќе од 400 километри реки низ нашиот регион. Иницијативата ја покрена меѓународната организација за заштита на природата The Nature Conservancy, а партнери се Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест “од Македонија, Центарот за заштита на животната средина и здруженијата „Динарика“ и „Нови вал“ од Босна и Херцеговина, Еко-тим од Црна Гора, и Еколошкото друштво „Рзав“ од Србија.
Во рамките на оваа Иницијатива „Еко-свест “, во соработка со Општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, ја започна постапката за репрогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на дел од долното течение на реката Вардар и нејзините чисти и недопрени притоки.
Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје информира дека на ден 12.10.2023 година го раскинува Договорот за доделување на грант број G001014 заверен под архивски број 13-23/0307 од 15.02.2023 со Здружението за еколошко оддржлив развој „Зелен институт“ од Скопје за реализација на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, поради последователно прекршување на одредби од Договорот со сите придружни анекси. Со раскинување на договорот престанува реализацијата на гореспоменатиот проект. Проектот беше финансиски поддржан во рамки на програмата „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводена од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, во соработка со Македонското здружение на млади правници(МЗМП) и Центарот за поврзување на природни вредности и луѓе (ЦНВП Македонија), а финансиски поддржана од Владата на Шведска.
И покрај сите заложби на Еко-свест да ја поддржи реализацијата овој проект, преку укажување за следење на потребните процедури и обезбедување на потребната документација за реализација на проектните активности и следење на напредокот на проектите резултати, со жалење констатираме дека договорната страна не ги испочитува договорните обврски и дека Договорот е прекршен, поради кој е преземен овој чекор.
Мерките превземени од Зелен институт за разрешување на посочените неправилности, за жал, не одеа во прилог ниту на успешна реализација на проектот, ниту на градење на капацитетите на граѓанските организации. Примарна цел на програмата на Еко-свест е градење на силно и енергично граѓанско општество, кое игра значајна улога во заштитата на животната средина и климатските промени. Основните вредности на граѓанскиот сектор се транспарентност, професионалност и отчетност и токму поради нив, ваквите случаи будно ги следиме и одговорно постапуваме по нив.
За сите информации поврзани со ова известување повеќе информации може да се добијат со контакт на [email protected]
Со огромно жалење сакаме да ве известиме дека на територијата на заштитеното подрачје е извршено кривично дело и украдени се две фото замки (камери), кои воедно се нашето основно средство за мониторинг на дивиот свет.
Системот на контиуниран мониторинг на природните вредности со кои се одликува ова заштитено подрачје е научно-истражувачка обврска на Општина Вевчани како управител на Споменикoт на природа „Вевчански извори“.
Преку мониторинг ја утврдуваме состојбата на популациите, ги идентификуваме заканите за опстанок, промените и нивниот интензитет. Врз основа на овие сознанија треба да се предложат соодветни мерки за заштита, да се подобри состојбата со видовите или да се намалат штетните влијанија врз природните процеси. Најчесто истражувањето започнува на избрани локации со цел да се одредат демографските и животните циклусни карактеристики на клучните видови, а преку нив се поврзуваат промените на природата. За таа цел, локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани со поддршка на ПОНТ во соработка со Општина Вевчани го спроведува проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“. Преку проектот се поддржува Општина Вевчани да воспостави систем на контиуниран мониторинг на видови кои се под закана и се значајни, како на локално, така и на национално и светско ниво. Главната определба на мониторингот во заштитеното подрачје “Споменик на природата Вевчански извори” се следниве цели: – Да се добијат статистички факти за статусот на постоење на животинските и растителните видови, вклучително и за типовите на живеалишта. – Утврдување на појавност на клучни видови на животни и растенија. – Утврдување на миграторните рути и репродуктивните локалитети кај видовите. – Утврдување на динамиката на растителните заедници и типовите живеалишта. – Идентификување и следење на еколошките параметри што влијаат врз опстанокот. – Идентификување на заканите и притисоците врз популациите. – Обука на лица надлежни за спроведување мониторинг. Споменикот на природата „Вевчански извори“ е заштитено подрачје бидејќи изобилува со биолошка и природна разновидност. Следењето на активностите со кои ќе се овозможи ефикасна заштита и зачувување на природните вредности на подрачјето ќе се постигне само преку континуиран мониторинг на видови. Сите ние кои живееме на териториторијата на заштитеното подрачје имаме одговорност да придонесеме во зачувување на природните вредности и намалување на директните закани, човекови штетни влијанија, неодржливото користење на природните вредности и нелегалните активности кои неповратно и наштетуваат на природата.
Кражбата е кривично дело. Според нашите законски обврски, за овој настан ги известивме надлежните институции и ги доставивме доказите и видео снимките кои што ги добивме.
Ги повикуваме и лицата кои учествува во ова кривично дело да ја вратат украдената опрема во канцеларијата на Еко-свест или Општина Вевчани.
Опремата (камерите) има налепница на која е внесен телефонски број за контакт во случај на пронаѓање. Ве молиме доколку ги пронајдете или забележите нелегални активности во заштитеното подрачје веднаш да не контактирате на телефонскиот број 070 225 604.
#ЗаедноЗаПриродата за заштита и мониторинг на природното наследство
Во галеријата на Културниот информативен центар во Скопје на 05.10.2023 во 19 часот се отвори изложбата „Животи обликувани од вода”. На изложбата се претставени дела на седум етаблирани фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија.
Преку објективите на седум фотографи од регионот, изложбата „Животи обликувани од вода” раскажува приказна за непрекинатите врски меѓу луѓето и реките. На фотографиите се забележани моменти крај реките, како и различни гласови и идентитети кои ја откриваат комплексноста на нашиот однос со реките.
Изложбата е дел од иницијативата „Заедно за реките”, која има цел да заштити повеќе од 400 километри реки во регионот. Иницијативата е поддржана од една од најважните меѓународни организации за заштита на природата The Nature Conservancy, а се реализира во соработка со Еко-свест од Македонија, како организациите Центар за животна средина, Нови вал и Динарика од Босна и Херцеговина, Еко-тим од Црна Гора и Еколошкото здружение Рзав од Србија.
Преку оваа изложба, членовите на иницијативата сакаат да ја запознаат јавноста со својата работа, со конкретните реки на чија заштита активно работат, како и со гласовите на локалните заедници без кои нема долгорочна и одржлива заштита на реките. Со рано вклучување на локалните заедници и разбирање на нивните потреби, заштитата на природата може да донесе и нови развојни можности за жителите на овие области.
Во рамките на оваа иницијатива, организацијата Еко-свест, во соработка со општината Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, започна процедура за повторно прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на демиркаписката клисура и дел од долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.
Изложбата ќе биде отворена до 15 октомври 2023 година, а влезот е бесплатен за сите посетители.
Еко-свест учествуваше на втората работилница за подготовка на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини, која се одржа во МАНУ на 03.10.2023 година, каде што ги презентираше ставовите и искуствата на граѓанскиот сектор Еко-свест.
Еко-свест официјално ги достави своите забелешки по првиот предлог на Стратегијата и очекува нивно прифаќање од страна на изготвувачите. Оваа значајна стратегија за нашата држава се носи за прв пат и претставува важен дел од нашата економија, но и од општествената трансформација кон одржливо живеење. Министерството за економија во соработка со Македонската Академија на науките и уметностите е во процес на изработка на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини 2025-2045 и се очекува нејзино усвојување во текот на 2024 година. Нашата земја во моментот се наоѓа на крстопат помеѓу сè поинтензивен економски раст и одржлива економска трансформација. Во контекст на заштита на природата, а соодветно на ситуацијата на нарушување на нејзините компоненти, неминовно се наложува потребата од конкретни вложувања во превентива и санација на состојбите во природата.
Една од главните забелешки кон нацрт текстот на Стратегијата беше недоволната усогласеност со глобалните цели за трансформација на општеството во насока на намалување на влијанијата од климатските промени, пред се преку циркуларно искористување на материјалите и суровините. Дополнително, на Стратегијата во сегашната форма и недостасува соодветна корелација со други постојни национални стратегии и закони, и тоа најмногу во идентификувањето на еколошките и социо-економски влијанија настанати од искористувањето и експлоатацијата на минералните суровини.
Еко-свест бара поврзување на одржливото експлоатирање на минералните суровини како примарно економска активност со заштитата на животната средина. Особено бидејќи оваа политика е комплексна поради негативните влијанија кои ги има врз водите, почвата, воздухот, природата, јавното здравје, но и поради тоа што како дејност може во целост да го промени начинот на живеење на локалното население каде што се врши експлоатација. Слабата примена на законодавството од областа на животната средина резултира со неодржлива експлоатација на минералните суровини и затоа Стратегијата треба да се усогласи со останатите национални стратегии и планови кои предвидуваат меѓу-секторска координација и зачувување на овие необновливи минерални богатства.
Дел од забелешките на Еко-свест се кон ревидирање на Стратегијата која треба поголем фокус да даде на националните приоритети и помалку да се надоврзува на потребите на ЕУ за снабдување на критични минерали. Нашата земја има последици од историската експлоатација на минерални суровини во форма на отворени деградирани земјишта што повеќе децении ја загадуваат нашата околина. Стратегијата би требало да вклучи конкретни мерки за ремедијација и пренамена на овие неискористени загадени земјишта во капацитети за производство на енергија од обновливи извори.
Стратегијата мора да се насочи кон промоција на одржлив развој кој ќе ги зачува природните вредности, ќе ја намали сиромаштијата и ќе понуди алтернативи што нема да го успорат економскиот раст и истовремено нема да ја загрози можноста на идните генерации да ги задоволат своите потреби. Ова пред се ќе се постигне со воведување процедури за суштинско консултирање со засегнатите страни, како и обезбедување силни механизми за спречување на понатамошни негативни влијанија врз животната средина.
Еко-свест испрати соопштение до медиумите кое може да го прочитате на линкот:
Најнови коментари