На 16 април во Скопје Еко-свест ја организираше Националната конференција за природа која ги собра на едно место локалните заедници, одржливите бизниси и експерти за да одговорат на главното прашање- Дали во Македонија е можно истовремено да се постигне економски развој и заштита на животната средина?
Во своето поздравно обраќање директорката на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска, истакна дека овој настан е одговор на барањето на учесниците на минатогодишната Меѓународна конференција за природа: „Увидовме дека има потреба на едно место да им дадеме можност на локалните заедници отворено да говорат за своите напори да ја заштитат средината во која живеат од девастацијата причинета од инфраструктурниот развој. Воедно, сметавме дека е многу важно да се споделат и позитивни примери и да се поврзат заедниците меѓу себе, за да можат да учат едни од други како да развијат локална економија во функција на заштитата на природата.“
На настанот се обрати и Министерот за животна средина и просторно планирање, г-н Мухамед Хоџа, кој истакна дека е важно граѓаните да се вклучат во создавањето на новиот Закон за природа. „Новиот Закон за природа овој месец ќе биде поставен на ЕНЕР и Ве повикувам да коментирате и давате предлози, да учествувате во јавните дискусии бидејќи Вашиот придонес е значаен- Вие ја познавате природата на терен и ги унапредувате вредностите кои законот треба да ги заштити“, изјави министерот Хоџа.
Низ три панел дискусии, присутните можеа да ги разменат своите искуства и да научат едни од други за нивната борба и да се поврзат, за во иднина да се развијат нови соработки и поддршки помеѓу заедниците. Меѓу говорниците беа докажани борци за животната средина и претставници на локалните заедници кои делуваат против уништувањето на природата од инфраструктурни проекти.
Локалните граѓански иницијативи кои се создадени и водени од граѓани кои самостојно сакаат да ја заштитат животната средина беа дефинирани како рецепт за успех, но, тие стравуваат дека инфраструктурните проекти кои ја уништуваат природата се моментално паузирани, а не стопирани засекогаш. Таков е примерот со бројните мали хидроцентрали планирани во недопрената природа, каде овие заедници живеат и од која зависат.
Меѓу панелистите се најдоа и експерти од областа кои ги дадоа своите препораки и ја истакнаа потребата од долгорочна визија за одржлив локален развој, интензивна меѓусекторска соработка, како и вклучување на локалните заедници во носењето на одлуките на сите нивоа.
На крајот од конференцијата беше промовирана и интерактивна видео игра која е дизајнирана од „Изгради“ во соработка со Еко-свест со цел да им овозможи на локалните жители да ги истражат можностите за локален развој кој ја поддржува заштитата на природата.
Еко-свест и на овој настан даде простор на Еко-културата. За време на конференцијата, посетителите можеа да ја погледнат и изложбата на цијанотипски фотографии, кои претставуваат автентичен визуелен запис на природните убавини на Демир Капија, а беа изработени од ученици во рамки на работилница на фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“, поддржана од Еко-свест.
Еко-свест со гордост ја најавува третата Еко трампа „На ти го, дај ми го“, уникатен настан посветен на одржливост, заедништво и креативна размена. Настанот ќе се одржи на 18 април во Лабораториум, со почеток од 12 часот, и е отворен за сите кои сакаат да им дадат нов живот на старите предмети што веќе не ги користат.
Концептот е едноставен, но инспиративен – секој учесник може да донесе до три предмети (облека, книги, модни додатоци, ситни апарати или други употребливи предмети), а може да земе колку сака од предметите кои другите учесници ги донеле.
Сите предмети треба да бидат чисти, зачувани, а доколку станува збор за електронски уреди – функционални. Како мал знак на благодарност за учеството, секоj учесник ќе добие бесплатно кафе – затоа што секоја добра размена започнува со пријатен разговор и топол пијалок.
„Интересно е што идеите за проширување и подобрување на настанот Еко-трампа произлегуваат од самите учесници. Така, инспирирани од втората Еко-трампа на која се учесниците носеа играчки и предмети за миленици, на оваа трета по ред Еко-трампа отвораме ново катче за миленици. Ги повикуваме сите граѓани кои имаат вишок предмети за миленици или играчки да дојдат и да се заменат. Се радуваме што Еко-трампа се развива паралелно со потребите на нашите сограѓани и тоа дава дополнителна убавина за постоењето на истата“ вели Милијана Богданоска од Еко-свест.
Овој настан е инспириран од слични практики ширум светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил. Со „На ти го, дај ми го“, Еко-свест има за цел да ја внесе оваа позитивна навика и во македонското секојдневие.
Еко трампата е повеќе од обична размена – таа е можност да се запознаете со луѓе кои размислуваат слично, да најдете неочекувани модни парчиња или предмети со приказна, и да дадете свој мал придонес за позелена иднина.
Прекрасната емотивна сликовница за деца „Каде оди реката?“ беше промовирана минатиот викенд во Скопје. Промоцијата беше проследена од неколку десетици посетители на КСП Центар – Јадро, каде збор зедоа Ѓорѓи Митревски од Еко-свест, и авторките Хана Корнети и Марија Трајаноска.
„Кога Лука копнее да го види светот, скриен зад далечниот хоризонт низ кој тече реката, снешкото Магелан решава храбро да скокне во изворот и да отплови наместо него. Пловејќи низводно, Магелан ги открива волшебните убавини на природата и нејзините фантастични жители. Но она што почнува како весела авантура, набрзо се претвора во откритие на длабоките лузни што човекот ги оставил со својата негрижа. „Каде оди реката?“ е лирска екоприказна за пријателството, одговорноста и надежта. Таа нè учи дека секој наш свесен избор е чекор на патот кон зачувување на хармонијата меѓу човекот и природата“, е наведено во сижето на сликовницата.
Ова издание на Чудна шума е во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Скопје. Содржините во изданието се инспирирани од нивната работа во областа на заштитата на реките и се темелат на резултатите од истражувањата за притисоците врз реките и речните екосистеми.
Промоција на сликовницата „Каде оди реката?“ од Хана Корнети и илустрации на Марија Трајаноска, издание на „Чудна шума“ во соработка со Еко-свест.
Промоцијата ќе се одржи на 5 април, недела, во 12 часот, во КСП Центар – Јадро.
Кога Лука копнее да го види светот, скриен зад далечниот хоризонт низ кој тече реката, снешкото Магелан решава храбро да скокне во изворот и да отплови наместо него.
Пловејќи низводно, Магелан ги открива волшебните убавини на природата и нејзините фантастични жители. Но она што почнува како весела авантура, набрзо се претвора во откритие на длабоките лузни што човекот ги оставил со својата негрижа.
„Каде оди реката?“ е лирска екоприказна за пријателството, одговорноста и надежта. Таа нè учи дека секој наш свесен избор е чекор на патот кон зачувување на хармонијата меѓу човекот и природата.
Сликовницата е издадена во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Скопје. Содржините во изданието се инспирирани од нивната работа во областа на заштитата на реките и се темелат на резултатите од истражувањата за притисоците врз реките и речните екосистеми.
Викендов во Вевчани ни гостуваа волонтерите од Еко волонтерскиот клуб на Еко-свест од Скопје, со кои поминавме два интензивни дена на терен.
Што сè научивме и искусивме? 🏔 Планинска подготовка: Како правилно да се опремиме и безбедно да се движиме низ планинските предели. 🌳🏞Богатството на Јабланица: Разговаравме за клучното значење на шумските и речните екосистеми на планината Јабланица и зошто нивната заштита е приоритет. 🐾Мониторинг на месојади: Научивме како се следат крупните месојади и која е нивната улога во одржувањето на природната рамнотежа. 🌿Природата во фокус: Видовме како изгледа практичната заштита на терен и на што сè работи Еко-свест во Вевчани. Трајна поставка: Ја посетивме поставката за природа, каде што го заокруживме знаењето за биодиверзитетот на овој крај. Заедно учиме како подобро да го чуваме она што е највредно. Погледнете ја галеријата на следниот линк.
Најнови коментари