Субвенции за енергетска ефикасност

Истражувавме како институциите ги поддржуваат граѓаните да заштедат енергија.

Се доделуваат средства за топлински пумпи на принципот воздух-воздух, приклучок за гас и субвенции за цената на потрошен гас.

Општина Куманово субвенционира само приклучок кон гасната мрежа. Минатата година има огромен пад на интересот за гасен приклучок и покрај зголкемената сума од 15000 на 25000 денари.

Општина Струмица поддржала гасен приклучок за 1 домаќинство во 2024 година. Но, одвоила од буџетот 17000 евра за поддршка на околу 60 домаќинства за потрошувачка на гас.

Град Скопје секоја година објавува оглас за поддршка на домаќинства за набавка на инвертер клими со услов печките на фосилни горива да се отстранат од употреба.

И Општина Куманово го прави истото со тоа што доделува поддршка од 20 000 денари, а во 2025 година поддржала дури 102 домаќинства.

  Министерството за енергетика е шампион во поддршката за енергетска ефикасност со над 2,4 милиони евра за ранлива категорија на домаќинства кои набавиле и инсталирале високоефикасен климе инвертер. Истовремено, Министерството поддржува и ранливи категории на домаќинства со финансиска поддршка за дел од сметката за електрична енергија, во износ од 1000 денари по домаќинство.

 Да ги разгледаме алтернативите за загревање на домаќинставата- топлински пумпи наспроти природен гас.

Карактеристики на топлински пумпи воздух-воздух

Висока енергетска ефикасност: Топлинските пумпи можат да бидат 3-5 пати поефикасни од традиционалните котли на гас. Ова значи дека трошат помалку енергија за да произведат иста количина на топлина, што резултира со пониски сметки за енергија.

Помали сметки за енергија: Зголемената ефикасност доведува до помала потрошувачка на електрична енергија, што резултира со значителни заштеди на трошоците за греење.

Пониски трошоци: Во комбинација со обновливи извори на енергија како што се соларните панели, оперативните трошоци може дополнително да се намалат.

Еколошки придобивки: Топлинските пумпи ја намалуваат зависноста од фосилни горива, придонесувајќи за помал јаглероден отпечаток и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Предизвици од користењето на фосилен гас

Флуктуации на цените: Цените на гасот се предмет на флуктуации поради глобалните настани, што потенцијално може да доведе до непредвидливи трошоци за греење.

Ограничувања на ефикасноста: Иако котлите на гас се чест метод за греење, тие се помалку ефикасни од топлинските пумпи, што значи дека трошат повеќе енергија за да генерираат иста количина на топлина.

Еколошки проблеми: Природниот гас е фосилно гориво, а неговото согорување придонесува за емисии на стакленички гасови и климатски промени. Истивремено, гасот негативно влијае и врз здравјето на луѓето.

Трошоци за инсталација: Додека трошоците за инсталација на котел на гас можат да бидат пониски од оние за топлински пумпи, иницијалните трошоци за приклучување на инсталацијата и тековните оперативни трошоци често ја поништуваат оваа првична предност.

Заклучок

За мало домаќинство во Македонија, топлинските пумпи воздух-воздух претставуваат поекономично и еколошки поприфатливо решение за греење во споредба со природниот гас. Иако првичната инвестиција може да биде повисока, долгорочните оперативни заштеди и еколошките придобивки ги прават топлинските пумпи исплатлив избор, особено за оние кои сакаат да ја намалат својата потрошувачка на енергија и јзагадувањето.

Препорака

Со оглед на тоа што придобивките од системите кои се енергетски ефикасни, како што се инвертер климите се значително поголеми од оние на фосилните горива, институциите треба исклучиво да поддржуваат мерки за енергетска ефикасност. Воедно, треба да се разгледа можноста Фондот за енергетска ефикасност да ги преземе и централно да ги администрира сите субвенции за домаќинства, наместо тоа да го прават општините и Министерството, за да се обезбеди еднаков пристап и можности за сите граѓани во државата.

Share This

Share this post with your friends!