Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко свест“ поднесе Приговор до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), барајќи поништување на дозволите за користење на вода за малите хидроелектрани (МХЕ) „Баров Дол“ и „Папрад“ на реката Дошница.

По добивањето и деталната анализа на спорните дозволи, „Еко свест“ утврди повеќе суштински и процедурални прекршувања на Законот за водите, Законот за животната средина и Законот за општа управна постапка. Овие прекршувања ја доведуваат во прашање не само законитоста на актите, туку и заштитата на уникатниот речен екосистем.

Анализата на дозволите покажа серија сериозни прекршувања на законите и пропусти во постапката, меѓу кои:

Процедурални прекршувања и спречување на јавноста

  1. Пробиени рокови: Барањата за дозволи од инвеститорот биле поднесени со задоцнување од осум месеци, спротивно на Одлука на Владата.
  2. Спречување на јавноста: МЖСПП не ги објавило барањата на својата веб-страница и доцнело со објавата во весници цели шест месеци. Со ова е прекршено правото на јавноста активно да учествува во донесувањето на одлуки поврзани со животната средина, согласно Законот за водите и Архуската Конвенција.
  3. Задоцнета одлука: Дозволите се издадени дури една година по поднесувањето на барањата, наместо во законскиот рок од три месеци.

Загрозување на биодиверзитетот


Најголемиот проблем е што дозволите се базираат на несоодветни Елаборати за животна средина кои целосно ги игнорираат природните вредности на реката Дошница.

  • Во реката живеат строго заштитени и ендемични видови (како балкански ендемични пролетници и рибите Salmo macedonicus и Barbus balcanicus), што ја прави регион со потенцијал за заштита (Натура 2000 подрачје).
  • Планираниот 10% биолошки минимум на вода, кој треба да тече низводно, е недоволен и ќе предизвика деградирање на еколошкиот статус на реката.

Поради сите овие прекршувања, „Еко свест“ смета дека издадените дозволи за вода се ништовни, а со тоа е невалиден и Договорот за концесија.

Нашето барање до МЖСПП е јасно: Во рок од 15 дена да ги прогласи дозволите за ништовни и да предложи до Владата поништување на Договорот за концесија, со цел трајна заштита на реката Дошница од непоправливо уништување.

Share This

Share this post with your friends!