Алармантната состојба со водоснабдувањето во Струга, каде што водата од водоводната мрежа е прогласена за неисправна дури и како техничка, не е само локален инцидент. Ова е последен црвен аларм и јасен сигнал дека незаконското работење и издавањето дозволи за деструктивни активности во близина на изворите ќе предизвикаат колапс на водните ресурси во целата држава. Струга денес е жртва на децениско игнорирање, но доколку не се запре овој институционален молк, утре истиот проблем ќе го има секој град во Македонија.
Иако изворот во с. Шум никогаш претходно не бил заматен, денес населението е оставено без основното право на пристап до чиста вода. Директна причина за оваа катастрофа е експлоатацијата на минерални суровини во непосредна близина на изворот, како и постоењето на објекти од цврста градба во строгата заштитна зона – активности кои се експлицитно забранети со Законот за водите (чл. 96-100).
И овој пат, институциите потфрлија во својата основна функција – заштита на здравјето на граѓаните!
Потсетуваме дека согласно чл. 100 од Законот за водите, во заштитните зони е строго забранета секоја активност која може да ја влоши состојбата на водното тело. Дополнително, Кривичниот законик (чл. 219) предвидува затворски казни за секој кој ќе ја направи водата за пиење неупотреблива, со посебни строги санкции за службени лица кои тоа го дозволиле.
УПАТУВАМЕ ИТНИ БАРАЊА ДО НАДЛЕЖНИТЕ МИНИСТЕРСТВА И ИНСТИТУЦИИ:
- ИТНО РЕШАВАЊЕ на состојбата во с. Шум и отстранување на сите нелегални објекти од цврста градба во потесната заштитна зона, согласно законските обврски за експропријација и заштита.
- ИТЕН ПРЕКИН на сите активности во заштитните зони на изворите и реките на територијата на цела држава, вклучително ископи, изградби и експлоатација на ресурси.
- РЕВИЗИЈА на сите досега издадени дозволи за работа кои се наоѓаат во потесните и пошироките заштитни зони.
- ОДГОВОРНОСТ од службените лица во релевантните министерства и Директоратот за животна средина кои со своето недејствување дозволија загрозување на јавното здравје.
Водата е стратешки ресурс и прашање на национална безбедност. Дозволите издадени за „бизнис интереси“ кои ги уништуваат изворите се директен напад врз опстанокот на граѓаните. Струга е првиот фронт – нема да дозволиме целата држава да остане жедна поради нечија небрежност и корупција.
Бараме итна реакција веднаш!
Најнови коментари