ОТВОРЕН ПОВИК ЗА ИЗРАБОТКА И СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОМУНИКАЦИСКА И КАМПАЊА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ за своите редовни активности објавува постапка за ангажирање на агенција за односи со јавност во две фази: 1) повик за учество и изразување интерес и 2) барање за доставување понуда. 

Фаза 1: Повик за учество и изразување интерес 

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во рамки на своите редовни активности има потреба од ангажирање на агенција за односи со јавност со цел креирање на кампања за подигнување на јавната свест за штетноста од користењето на фосилни горива, вклучително и природен гас врз животната средина и здравјето на луѓето. Детален преглед со опис на работните задачи се наоѓа во Анекс 1 од овој Повик.  

Повикот за учество и изразување интерес е отворен од 21.12.2023 до 09.01.2024 година. 

Заинтересираните агенции, својот интерес можат да го изразат преку e-mail адресата [email protected] не подоцна од 09.01.2024 година во 12:00 часот со назнака „Изразување интерес за ПР агенција“. 

Документи кои треба да се достават при изразувањето интерес: 

  • Писмо за изразување интерес 
  • Кратко портфолио со спроведени кампањи од сличен карактер 
  • Пополнета изјава за незапаѓање во ситуација која е основа за исклучување од учество во набавката (Анекс 2) 

Пријавите за изразување интерес кои ќе пристигнат по наведениот рок или без целосна документација, нема да бидат разгледувани. 

За сите прашања, контактирајте нѐ на [email protected] најдоцна до 26.12.2023 година, во 16:00 часот. Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и доставени до сите поканети понудувачи и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. 

Фаза 2: Барање за доставување понуди 

Временска рамка за доставување на понуда 

По истекот на Повикот за изразување на интерес, заинтересираните страни кои ќе изразат интерес и ќе испратат целосна документација за овој повик ќе бидат поканети да достават свои понуди за наведените активности на електронската адреса [email protected], со назнака „Понуда за ПР агенција“. Рокот за доставување на понуди ќе биде отворен од 11.01.2024 година, најдоцна до 24.01.2024 година во 23:59 часот.  

Потребна документација за доставување понуди 

Технички дел од понудата:  

  • Предлог маркетинг и комуникациски нацрт план;  
  • Краток опис на компанијата;  
  • Професионални биографии (CV-а) на лица од тимот кој ќе работи на кампањата; 
  • Контакт од референци со кои е остварена претходна соработка.  

Финансиски дел од понудата:  

  • Тековна состојба од субјектот, не постара од 6 месеци; 
  • Финансиска понуда по ставки изразена во македонски денари со вклучен ДДВ. 

Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест. 

Пoнудите кои ќе пристигнат по наведениот рок или без целосна документација, нема да бидат разгледувани. 

Критериуми за избор на најсоодветна понуда  

По истекот на рокот за пријавување, ќе се креира Комисија од 3 члена, која ќе изврши бодување на пристигнатите понуди.  

Бодувањето на пристигнатите понуди ќе се изврши на следниот начин:  

– Предлог нацрт план – релевантност и иновативност на пристапот (50 поени) 

– Портфолио и искуство на предложените членови на тим (30 поени)   

– Финансиска понуда (20 поени)  

Временска рамка  

Периодот на имплементација е помеѓу 1 февруари и 25 ноември 2024 година. По склучување на договорот, избраната страна ќе има период од 10 (десет) месеци за реализација на договорените активности, почнувајќи од месец февруари 2024 година.  

Буџет  

Максималниот буџет достапен за извршување на горенаведените задачи нема да надмине повеќе од 738.000,00 МКД со вклучен ДДВ износ.  

Контакт лице  

Контакт лице за проектот ќе биде:  

Ивица Стојановски  

Е-маил: [email protected]  

Контакт телефон: +389(0)72 25 36 13 

Отворете го Повикот подолу за повеќе информации. 

Еко-свест: „Елаборатите за малите хидроцентрали одат пред Уставен суд”

Еко-свест: „Елаборатите за малите хидроцентрали одат пред Уставен суд”

Скопје, 19.12.2023 г. Еко-свест ги оспори на Уставен суд законските одредби и уредбите кои овозможуваат да се градат мали хидроцентрали само со елаборати за животната средина. 

Иницијативата пред Уставен суд е поради тоа што за одредени проекти, Законот за животна средина предвидува да не се спроведува детална оценка на влијанието врз животната средина ѝ се оневозможува на јавноста и локалните заеднцици да добиваат информации и да учествуваат во постапката. Најчесто, јавноста не знае за проектите сѐ додека не се појават багерите и не почне сеча на шумите за изведба.

„Уставноста и законитоста на наведените акти се оспорува од причина што овој тип на проекти можат да имаат значително влијание на животната средина, природата, биолошката разновидност, еколошката состојба на определени екосистеми и рационалното и одржливото користење на природните богатства. Поради недостаток во постапките за оцена на влијанието врз животната средина, планирањето, управувањето и контролата на економскиот развој со кој се искористуваат ресурсите на животната средина, се соочуваме со негативни резултати во нејзината заштита, како што се континуирано загадувањето на водите, воздухот, загубата на биодиверзитетот и нарушувањето на јавното здравје.“ се вели во иницијативата доставена до Уставен суд.

Веројатно најкарактеристични примери за ова се малите хидроелектрични централи што се изведуваат во заштитени подрачја, или на водотеци со висок квалитет на водата и со значајни ендемични видови. Меѓутоа, има и други примери како што се рудникот за јаглен на локалитетот Забрдо во о. Новаци со кој е уништен значаен археолошки локалитет, гасоводот Свети Николе – Велес кој во најголем дел поминува низ заштитено подрачје од меѓународно значење, концесии за каменоломи во мали региони без да се определи нивното кумулативно влијание, па дури и фотоволтаични централи предвидени на живеалишта значајни за заштита на европско ниво.

„Во реалноста, најголем дел од елаборатите прават несоодветна проценка на влијанијата од проектите, поради што се предизвикува значителна деградација на природата, се нарушува функционирањето на екосистемите, се овозможува загадување и неконтролирана експлоатација на камен, песок, минерални суровини. На овој начин се дозволуваат градежни работи и вршење на дејности врз основа на општи насоки, субјективни толкувања без прецизни и мерливи критериуми, во постапка која не била јавна, без јавна дебата и поднесување на граѓански предлози. Овие законски норми ја нарушуваат темелната вредност на уставниот поредок за уредување и хуманизација на просторот и заштитата на животната средина, но и создаваат односи кои го попречуваат уставното право на здрава животна средина.“- изјави Симона Трајковска од Еко-свест.

Од Уставниот суд се бара да ги земе предвид обврските од ратификуваните меѓународни договори, како што се Архуската конвенција во делот на учество на јавноста во одлучувањето за прашањата поврзани со животната средина, Препораките од Комитетот на Бернската конвенција за зајакнување на процесот на оценка на влијание врз животната средина, како и одлуките на Енергетската заедница на ЕУ.

„Уставниот суд има легитимитет да го обезбеди правото на здрава животна средина преку координирање на сите политики кои обезбедуваат заштита на животната средина. Со иницијативата не бараме само нормативна заштита на правото на здрава животна средина преку обврски, забрани, ограничувања, санкции, туку сакаме да поттикнеме повисок степен на еколошка свесност кај граѓаните од каде доаѓа обврската за надлежните органи да обезбедат нивно информирање и вклучување во донесувањето на одлуките за животната средина “, изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Еко-свест испрати соопштение до медиумите кое може да го преземете тука:

Партнерскиот однос помеѓу граѓанските организации и институциите е пресуден за носењето јавни политики од секторот животна средина и клима

Партнерскиот однос помеѓу граѓанските организации и институциите е пресуден за носењето јавни политики од секторот животна средина и клима

Носењето на политики од јавен интерес во сите сектори, но особено во секторите од значење за заштита на животна средина и климата мора да се случува во процес во кој се вклучени сите засегнати страни, а јавноста и особено локалните заедници се соодветно информирани, беше главната порака од овогодинешната средба на коалицијата за клима на граѓанските организации.

На 15 и 16 декември, 2023 година во Скопје се одржа годишната средба на Националната Коалиција за клима на граѓанските организации кои работат на полето на заштита на животната средина и климатските промени. Целта на средбата беше да ја сумира работата на граѓанските организации од секторите заштита на животна средина и климатските промени во изминатиот период. Се работеше и на информирање на членките за актуелните случувања во сектори клима, како и секторски реформи кои државата ги спроведува во делот на климатските промени.

„Да се биде амбициозен претставува предизвик, но ние тоа го гледавме и сè уште го гледаме како можност која е од корист за нашиот народ и за нашата економија“ – рече заменик министерката Оџаклиеска, додавајќи дека „ние преку сопствениот пример покажуваме дека имањето визија и амбициозните долгорочни и среднорочни цели се остварливи со заедничка и партнерска акција.

„Граѓанските организации се клучен двигател на глобалните напори за постигнување јаглеродна неутралност. Додека владите, бизнисите и академијата имаат важна улога, притисокот да се променат неодржливите практики, да се оттргнат луѓето од нивните комфорни зони и да се комуницира дека има надеж во колективната акција мора да дојде од долу нагоре, а тоа е нешто кое граѓанскиот сектор го прави најдобро“. – рече НЕ. Ами Ларсон Јаин, Амбасадорка на Шведска.

„Коалицијата за клима јасно покажа, особено во минатата година, дека е активна мрежа која постојано ги следи тековните случувања и е подготвена заедно да реагира, како коректор на власта во клучни процеси поврзани со заштитата на животната средина.“ – изјави Ана Чоловиќ Лешоска, Извршна директорка на Еко-свест.

Националната коалиција за клима на оваа дводневна средба работеше на подготовка и усвојување на свои заеднички позиции и барања за тековните случувања во секторите клима и енергија, но и на Стратешкиот план за работа за 2025-2030 на коалицијата и планирање на идни активности и чекори.

Коалицијата за клима претставува најголемата неформална мрежа на повеќе од 70 граѓански организации и експерти кои работат на прилагодување и ублажување на климатските промени.

Работата на Коалицијата за клима на ГО и годишната средба се поддржани преку проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ финансиран од владата на Шведска, спроведуван од Еко-свест, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе (ЦНВП Македонија).

Меѓународен ден на планината – Да го зачуваме нашето природно богатство

Меѓународен ден на планината – Да го зачуваме нашето природно богатство

Планинините се една од најважните креации на природата. Освен возвишени пејсажи кои што го одземаат здивот, планините покриваат речиси 30% од територијата на планетата и се дом на 15% од светската популација на дивиот видови и растенија. Планините во Македонија покриваат 85,5% од нејзината територија. Тие се региони во кои можат да се најдат видови и растенија кои се ранливи и се изложени на ризик од исчезнување. Тие обезбедуваат слатка вода за секојдневниот живот на половина од човештвото, помагајќи да се одржи земјоделството и да се снабдува со храна и лекови поради што се фактор за одржлив економски развој. Луѓето кои живеат и ги посетуваат планините, најдобро ги знаат придобивките кои тие ги имаат за здравјето и животот на човекот.

За жал, денес планините се под закана од прекумерно искористување и загадување, климатските промени, неодржливо земјоделство, рударство, сеча на шуми,  што го зголемува ризикот за животот на луѓето и планетата. Сечата на шумите за земјоделство, градење на населби или инфраструктура може да предизвика ерозија на почвата, свлечишта и со тоа губење на природните живеалишта. Ерозијата и загадувањето му штетат на квалитетот на водата и со тоа ја намалуваат плодноста на почвата. Како што глобалната клима продолжува да се загрева, планинските глечери се топат што влијае на резервите на слатка вода, а луѓето кои живеат на планините се соочуваат со уште поголеми борби да преживеат. Дополнително, прекумерното искористување на земјата и менување на нејзината површина ја поттикнуваат миграцијата на планинските видови, предизвикуваат загуба на биодиверзитетот и деградација на екосистемите. 

Овој проблем не засега сите нас. Мора да го намалиме нашето влијание и да се грижиме за овие природни богатства. Со цел да се покрене свеста за значењето на планините, Обединетите Нации го означија 11 декември како Меѓународен ден на планините. Оваа 2023 година, темата е „Враќање на планинските екосистеми“ и претставува шанса да се зголеми свеста за значењето на планинските екосистеми, тие да се заштитат и да се поттикнат решенија засновани на природата, најдобри практики и инвестиции кои градат отпорност, ја намалуваат ранливоста и ја зголемуваат способноста на планините да се прилагодат на секојдневните закани и екстремни климатски настани.

По повод Меѓународниот ден на планината, пренесуваме порака за заштита на Јабланица- една од најубавите планини во нашата земја. Нејзината заштита и прогласување за иден национален парк во нашата земја е можност за обединување на локалните заедници, научните истражувања и спречување на понатамошна деградација и загуба на планинските екосистеми.

Jабланица се протега во југозападниот дел на Македонија, како една од 13-те планини која е повисока од 2000 м во нашата земја. По сртот на планината се протега македонско-албанската граница, при што источната падина е во Македонија, а западната падина од планината лежи во Република Албанија каде што во 2008 година е прогласена за национален парк Шебеник- Јабланица. Највисокиот врв на Јабалница е врвот Црн Камен со надморска височина од 2257 метри. Јабланица е богата со вода, низ планината течат неколку десетици реки, бројни брзаци, водопади, извори, бистри и чисти планински води. На неа се и најпознатите извори во Македонија, заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански извори. На планината Јабланица се наоѓаат четири глацијални езера, Вевчанско, Подгоречко, Горно и Долно Лабунишко. За жал, ниту едно од овие глацијални езера не е заштитено, што значи опасност од нивно уништување.

Низ целата планина има голем број на растителни заедници и недопрени шуми. Планината е дом на букови шуми, дабови и габерови шуми, костенови шуми кои и даваат посебна уникатност. На Јабланица расте моликата која е ендемски вид за Македонија, како и дивиот костен кој е реликтен вид за ова подрачје. Јабланица е дом на  најстарата ела во Македонија. Во месноста Свети Спас над Вевчани, се наоѓа една од најстарите шумски заедници во Македонија која е под строга заштита во склоп на Споменикот на Природата Вевчански Извори. Остатокот од планината иако законски незаштитен низ годините локалното население успевало донекаде да го заштити, но во последните неколку години, на неколку локации активно се уништува шумата.

Во шумите на планината Јабланица се движат 40 видови на цицачи што е речиси 50% од вкупната фауна на цицачи кои се присутни на територијата на нашата земја. Балканскиот рис, кој во минатото активно го населувал овој предел сега за жал е само спорадично присутен. Еден од најчестите жители на планината е кафеавата мечка, но исто така може да се забележат и волкот, срната, дивокозата, дивата мачка, лисицата, европскиот јазовец, златната куна, невестулката и многу други. На Јабланица може да се најде и балканскиот крт кој е субендемичен вид за Македонија. 

Низ влажните ливади, потоци и глацијалните езера на Јабланица, може да се најдат 13 вида на водоземци, а еден од нив е и македонскиот тритон кој е ендемичен вид, како и дождовникот кој е знак дека водата и воздухот се чисти. Влечугите се застапени со 27 видови, што значи дека на Јабланица живеат повеќе видови на влечуги отколку низ сите држави на Северна Европа.

Низ високите пространства на Јабланица има и еден локален ендмески вид, јабланичкиот каранфил. Македонската кандилка исто така ја има на Јабланица, рамондата, ѕвончицата и шафранот се строгозаштитени видови кои се пристуни на планината. Лековитите растенија се присутни во голем број, како на пример, лунцурата, канатарионот, жалфијата, мајчината душичка, ајдучката трева итн. На Јабланица има и 107 видови на габи, од кои дури 86 од нив може да се користат за исхрана, како што се вргањот, лисичарката, рујницата, јајчарката, сончарката. Но, несовесното собирање на овие печурки и недостигот на нивна заштита ги доведува во опасност од исчезнување.

Низ шумите и падините на Јабланица има 86 видови на птици. Присутен е и сивиот сокол, кој е една од најбрзите птици на светот, достигнува брзина од 320 километри на час. Големиот ушест був и црниот штрк се ретки видови кои се забележани на планината, исто така и планинската карполазачка, која е редок вид низ цела Европа. Со тек на времето, заради недостиг на соодветна заштита, од Јабланица исчезнале Египетскиот и белоглавиот мршојадец. Огромниот број на пеперутки од кои неколку загрозени и ендемични како што се аполоновата пеперутка, балканскиот синец, синоглавата пеперутка, шаренецот, се сигнал дека треба што поскоро да ја заштитиме Јабланица и да ја зачуваме нејзината карактеристична разновидност. Заштитата на ова подрачје е неопходнa за да се спречи уништувањето на природните убавини, дивата сеча на дрва, урбанизацијата и нелегалното градење кои го нарушуваат животот на населението кое што живее во подрачјето на планината Јабланица.

„Илјадници уморни, нервозни, цивилизирани луѓе почнуваат да осознаваат дека одењето во планина е враќање дома; дека природата е неопходност“.

Да ја чуваме планината, за да ја чуваме нашата иднина!

Дали ни е потребна мега фосилна инфраструктура?

Дали ни е потребна мега фосилна инфраструктура?

Во обезбедувањето на независна и сигурна енергија за нашата држава, македонските институции посегнуваат по сите можни енергетски решенија. За нив, приоритет се изградбата на гасната инфраструктура исто колку и продолжувањето на работењето на РЕК Битола на јаглен, како и изградба на нова голема хидроцентрала, но и поставувањето на фотоволтаични и ветерни централи и декарбонизацијата. Очигледно е дека во моментот се пристапува кон енергетскиот сектор како кон „тезга“ со секакви производи, што за жал не е стратешки и одговорно. Енергетскиот сектор бара сериозно планирање и посветена изведба за да даде сакани резултати.

Енергетската и економската криза, во комбинација со зголемената стапка на инфлација, го наметнуваат прашањето дали е оправдано енормно задолжување за изградба на дистрибутивна мрежа за фосилен гас. Иако на него традиционално се гледа како на ‘чист’ извор на енергија, истражувањата и искуствата од користењето на гасот демонстрираат сериозни еколошки штети и климатски хаос.

Едно од најголемите е: ,,Дали е воопшто потребна оваа гасоводна мрежа?‘‘

Според анализите на Еко-свест кои се предмет на најновата студија за економската исплатливост на гасот, за целосна реализација на планот се потребни најмалку 1 милијарда евра. Вложувањето на енормни средства во инфраструктура за фосилни горива значи дека нашата земја ќе мора истата да ја користи и во наредните најмалку 40 години. Истовремено, Евопскиот континент треба да стане јаглеродно неутрален (односно, без емисии на CO2) најдоцна до 2050 година.

Од нашата држава се очекува да го интензивира инвестирањето во нови технологии кои ќе придонесат кон унапредување на општеството како и во енергетска и одржлива трансформација на целиот систем. Сите овие активности во рамки на најавената Зелена Агенда за Западен Балкан на која се обврзаа државниците од сите земји од регионот значат огромни инвестиции и задолжувања и во овој сектор.

Заробувањето на огромни суми средства во фосилни технологии значи дека нема да бидеме во можност сериозно да инвестираме во енергетската трансформација и обновливите извори на енергија што ќе не остави „заглавени во минатото“. Истовремено, бројни приоритетни сектори од општеството како здравството, образованието и заштитата на животната средина ќе останат лишени од соодветна финансиска поддршка, со што ќе продолжи нивното деградирање.

Фосилниот гас упорно се промовира како „магично решение“, иако истражувањата јасно покажуваат дека неговото согорување придонесува кон зголемени емисии на јаглерод диоксид, кој ја влошува состојбата со климатските промени. При согорување на фосилен гас, количината на ослободен СО2 е иста како и при согорување на другите видови фосилни горива како нафтата и јагленот. Со најавените јаглеродни давачки и јаглеродниот прекуграничен даночен механизам на Европската Унија, гасот нема да е толку исплатлив енергенс. Земајќи ја превид и непредвидливата цена на гасот, која никогаш повеќе нема да биде евтина, мегаломанскиот план за гасифицирање на секоја општина е крајно неисплатлив и на штета на државниот и домашниот буџет на граѓаните.

Плановите за гасна инфраструктура мораат сериозно да се преиспитаат и да се доведат во реални рамки, и од економски и од еколошки аспект. Притоа, мора да се разгледаат сите можни алтернативи за снабдување со електрична и топлинска енергија и да се направат економски исплатливи и одржливи решенија кои нема да бидат на товар на државниот и домашниот буџет, а ќе овозможат побрза енергетска транзиција и почиста животна средина за граѓаните.