Повик за подготовка на дизајн, припрема и печатење на материјали

Повик за подготовка на дизајн, припрема и печатење на материјали

Основни информации

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“има потреба од ангажирање на правно лице за подготовка на дизајн, припрема и печатење на материјали со различни содржини и намени.

Цел и задачи на активностите

Избраната компанија треба да обезбеди услуги за дизајн, припреми за печатење и печатење на следните видови материјали, по барање и насоки од Нарачателот:

1. Публикации А4 и А5 формат во електронска и печатена верзија (текстуален дизајн, дизајн со графикони и табели, дизајн со графикони, табели, инфографици, дизајн на корица, печатење на различни видови на хартија, црно бел печат или полн колор, пласификат на корица, различни видови на поврзување и коричење).

2. Материјали на А0 формат во електронска и печатена верзија (дизајн на плакат, печатење постери)

4. Инфографикони во различен формат (дизајн А3, А4, А5 формат)

5. Електронски содржини за постови за социјални медиуми (Instagram / Facebook)- визуели (дизајн на пост, cover, reel (видео), видео пост, покана)

6. Промоција на социјални медиуми (boost)

7. Други материјали за промоција (рол банер, визит карти, стикери, беџеви, торби, постери, маици, блузони, флаери, брошури, акредитации)

8. Други материјали и услуги кои може да ги понуди добавувачот во насока на исполнување на целите на Еко-свест (фотографирање и снимање настан, анимирано видео итн.)

Содржините, визуелниот идентитет и другите потребни параметри за дизајн, подготовка и печатење на материјалите ќе бидат обезбедени од страна на Еко-свест, заедно со сите потребни насоки за тираж, квалитет и намена на материјалите.

Временска рамка за доставување на понуда

Периодот за  доставување на Понуда е до 22.07.2026 година.

Временска рамка за спроведување на активноста

Со избраниот понудувач ќе биде склучен рамковен договор со трајност од 2 години со можност за негово продолжување.

Потребна документација за пријавување

– Краток опис на компанијата (портфолио);

– Најмалку три референтни проекти слични на бараната услуга;

– Список на клиенти;

– Тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија не постара од 6 месеци;

– Биографија од најмалку едно лице со искуство во дизајнирање кое би било ангажирано за активноста;

– Финансиска понуда во која ќе биде наведена цена за секоја од наведените точки, во завосност од квалитетот и тиражот посебно, како и финална цена за целата услуга со вклучен ДДВ;

– Пополнета изјава (анекс 1).

Компанијата мора да ги исполнува следниве критериуми:

Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република С. Македонија, и постои најмалку 5 години.

Понудите треба да се достават по електронски пат на македонски јазик.

Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест.

Пријавување

Комплетната понуда кандидатите треба да ја испратат на email:[email protected]најдоцна до 22.07.2026 година до 16:00 часот, со назнака Доставување понуда за дизајн и печатење.

Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Пријавите кои ќе пристигнат по наведениот рок или без целосна документација, нема да бидат разгледувани. Повеќе информации или прашања можете да поставите на [email protected] и тел. +38970249785.

Критериум за избор на најсоодветна понуда

Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

– Портфолио и референтни проекти  – 40 бодови

– Биографија на лицето задолжено за дизајн – 20 бодови

– Понудена цена – 40 бодови

Вкупно 100 бодови

Договор ќе биде склучен со оној кандидат кој освоил најголем број бодови.

Еко-свест ќе гo контактира избраниот понудувачи, не подоцна од 7 работни дена од истекот на периодот за доставување на понуда. Во рок од 3 дена од донесувањето на Одлуката, Еко-свест ги информира сите понудувачи за исходот од постапката. Понудувачите имаат право да поднесат Приговор во врска со постапката во рок од 3 календарски дена.

НАПОМЕНА! 

Еко-свест ќе бара од избраниот понудувач пред склучување на договор за соработка да ја достави следната документација: Tековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исполнува критериумите за учество (правно лице).

ДОВЕРЛИВОСТ 

Сите информации кои се поврзани со оценка на понудите нема да бидат споделувани со никој кој не е официјално вклучен во процесот на селекција, дури и по завршување на процесот на избор. Сите податоци ќе се третираат како доверливи и нема да се користат, прибираат, споделуваат за други цели надвор од овој повик и целта на истиот.

Отстранување на еколошка закана од Вевчанска Река на планината Јабланица

Отстранување на еколошка закана од Вевчанска Река на планината Јабланица


Проектното подрачје се наоѓа на планината Јабланица, предел кој придонесува за одржување на локалните хидролошки процеси. Вевчанска Река е витална планинска артерија на Јабланица и дел од хидролошкиот систем што ги храни Вевчанските Извори (заштитено подрачје во категорија III на IUCN), продолжувајќи низводно кон сливот на Црн Дрим. Реката е препознатлива по својата чиста вода и разновидниот воден биодиверзитет. Поради овие карактеристики, таа е клучен дел од локалните слатководни екосистеми.

Во горниот тек на Вевчанска Река се наоѓа локалитетот Јанков Камен, каде што е создадено вештачко езерце со нарушување на природниот тек на реката. Иако целта на ова езерце била да овозможи место за рекреативни активности, бариерата негативно влијае врз речните процеси и живеалиштата на водениот свет.


Вештачката бариера е изградена околу 2010 година за естетски цели, но таа ја нарушува природната хидрологија на реката. Оваа брана создава застоена акумулација која се соочува со еутрофикација, ниско ниво на кислород и непријатни миризби, што го загрозува водниот биодиверзитет и го нарушува квалитетот на водата.

Проектот на Еко-свест за отстранување на оваа бариера и враќање на реката во својата природна состојба претставува дел од нашата стратешка цел за обнова на природата и реставрација на уништените екосистеми.


Примарната цел на проектот е отстранување на браната на Јанков Камен и затворање на нејзиниот подземен систем на цевки за да се врати Вевчанска Река во својот првобитен природен тек. Со отстранувањето на оваа мала брана, проектот има цел да елиминира еден извор на еколошка деградација и да ја врати надолжната поврзаност од изворите на реката па сè до нејзиниот долен тек и влив во Црн Дрим. Се очекуваат повеќе исходи од еколошка, социјална, образовна, економска и политичка перспектива. Проектот ќе обезбеди непречен и слободен тек на реката во должина од 14 километри и ќе спречи загадување на хидролошкиот систем и околните екосистеми во заштитеното подрачје.

Отстратентото езерце ќе го замениме со автентичен планински екосистем, претворајќи го локалитетот во „жива лабораторија“ за локалната заедница и туристите. Исто така, оваа обнова ќе ја заштити долгорочната туристичка вредност на Вевчани, осигурувајќи дека регионот ќе остане дестинација за еколошки свесни туристи. Со овој проект, Општина Вевчани ќе биде лидер во грижата за животната средина и природата, усогласувајќи ја локалната политика со Стратегијата на ЕУ за заштита и обнова на биодиверзитет до 2030 година.

Проектот за обнова на Вевчанска река е поддржан од Open Rivers Programme.

Повик за доставување концепти

Повик за доставување концепти

Еко-свест ја започнува Програмата за грантови за 2026 година, со цел да ги поддржи граѓанските организации и нивните партнери во предводењето на промените кон праведно и отпорно општество. Програмата се реализира со поддршка на Кралството на Шведска и се заснова на моделот на „Обновлива правда“ (Restorative Justice), кој ја нагласува важноста на демократизацијата на експертизата и активното вклучување на граѓаните во креирањето на еколошката иднина.

Зошто ја спроведуваме оваа програма?

Северна Македонија се соочува со еколошка ранливост и институционална стагнација. Граѓанските организации имаат клучен потенцијал да бидат „чувари на јавниот интерес“ и партнери во имплементацијата на системски решенија, но често се ограничени од недостаток на ресурси и техничка експертиза. Оваа програма не само што финансира проекти, туку систематски го гради капацитетот на граѓанскиот сектор.

Цели на програмата

Грантовите се насочени кон постигнување на следните стратешки цели:

  • Техничко застапување: Подобрување на капацитетите за анализа и застапување на еколошки регулативи (усогласени со ЕУ Поглавје 27).
  • Институционален надзор (watchdogging): Обезбедување транспарентност и одговорност во носењето одлуки.
  • Заштита на природата: Управување со заштитени подрачја и обнова на екосистеми.
  • Практични решенија: Имплементација на пилот-проекти за декарбонизација и заштита на природата.
  • Јавна свест: Подигање на климатската писменост и градење на граѓански активизам.
  • Организациска отпорност: Градење на внатрешни управувачки вештини на организациите.

За кого е наменета програмата?

Право на учество имаат граѓански организации регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, кои постојат и се регистрирани најмалку 4 години пред објавувањето на овој повик. Организациите се охрабруваат да формираат партнерства со други локални чинители (други организации, општини, бизниси и др.)

Финансиски информации

  • Вкупен фонд: 21.500.000 денари
  • Износ по грант: Минимум 1.200.000 денари – Максимум 4.300.000 денари.
  • Времетраење: 12 до 14 месеци.

Информации за аплицирање

Процесот се одвива во две фази:

  1. Фаза I (Концепт на проект): Потребно е да се поднесе Концепт на проект со проценка на буџет и соодветна документација до 31 јули 2026 година.
  2. Фаза II (Целосен предлог-проект): Само избраните кандидати од првата фаза ќе бидат поканети да поднесат целосен предлог-проект најдоцна до 30 септември 2026 година, преку електронската платформа на ekosvest.com.mk.

За подетални информации, критериуми и потребна документација, посетете ја нашата веб-страница ekosvest.com.mk и прочитајте ја Програмата за грантови на Еко-свест за 2026.

Во оваа фаза Еко-свест прибира само концепти преку електронскиот Формулар за пријавување,


Почитувани колеги,

Ве покануваме на информативна сесија по повод објавениот Повик за концепти во рамки на нашата Програма за грантови 2026. 

Сесијата ќе се одржи online на 21 јули со почеток во 11 часот. За време на сесијата ќе ги презентираме целите на Програмата и очекувањата од концептите, а вие ќе можете да поставите прашања.

Доколку сакате да се приклучите на оваа сесија, Ве молиме регистрирајте се на следниот линк

:
https://zoom.us/meeting/register/v4uSO7EuTLSRmjgSwVjArA

По регистрацијата на вашиот е-маил ќе добиете линк до самиот настан.

Со почит,

Тимот на Еко-свест

Повик за вработување на Координатор за односи со јавност

Повик за вработување на Координатор за односи со јавност

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје отвара повик за вработување на координатор за односи со јавност.

Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина.

Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции.

Посебни цели и задачи на „Еко-свест“ се:

– Информирање за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и луѓето;

– Промовирање на решенија за здрави и одржливи пракси и политики во областа на заштита на животната средина и застапување на истите во процесите на креирање политики;

– Истражувања и анализи во област на заштитата на животната средина и човековото здравје;

– Промовирање и застапување за учество на јавноста во процесите на донесување одлуки во област на животната средина и поддршка на заедниците за остварување на ова право;

– Информирање и едуцирање на јавноста за можните негативни влијанија и начините за спречување и избегнување на истите врз животната средина и човековото здравје особено кај жените, децата и старите лица;

– Формирање и водење на коалиции и други тела составени од организации, експерти и институции со цел заедничко застапување за заштита на животната средина;

– Активно учество во постапките на измена и донесување на законски акти во област на заштита на животната средина;

– Спроведување на посебни активности во областите на:

  • заштита на климата
  • заштита на природата
  • заштита на медиумите на животната средина (воздух, води, почва)
  • одржлив развој на локалните заедници
  • одржлив транспорт
  • одржливи и паметни решенија за енергетскиот систем
  • одржливо управување со отпадот
  • иновации во заштитата на животната средина
  • паметно просторно планирање
  • поддршка на заедниците и активно граѓанство.

Повеќе информации за областите на делување на Еко-свест: https://ekosvest.com.mk/

Работни задачи и одговорности на позицијата:                                                               

Во согласност со стратешките приоритети, Еко-свест има потреба од ангажирање на Координатор за односи со јавноста кој ќе работи заедно со програмските тимови на комуникација поврзана со теми од областите на делување на организацијата.

Ангажираниот Координатор за односи со јавност ќе ги има следните работни задачи:

  • Развивање и спроведување на комуникациски план и јавни кампањи
  • Одржување комуникација со медиумите (подготовка и испраќање на соопштенија за медиуми, комуникација со новинари, организирање прес конференции, брифинзи и сл.)
  • Креирање и објавување содржин на веб страниците и на социјалните мрежи на организацијата (видео, фото, текст)
  • Осмислување на визуелни идентитети за кампањите и комуникацијата на Еко-свест,
  • Соработка со сите организации и институции кои работат на комуницирање на пораките на Еко-свест преку своите активности (културни организации, артисти, уметници, фестивали, дигитални креатори, агенции за комуникации, дизајнери и сл)
  • Организирање на јавни настани
  • Поддршка за развиврање на електронските платофрми, вклучително и едукативната платформа на Еко-свест,
  • Тесна соработка со останатите вработени во организацијата
  • Одржување врски со релевантните национални и меѓународни чинители и членството;
  • Извршување на работните задачи во согласност со политиките на Еко-свест.

Квалификации и искуство

  • Кандидатот треба да има завршено високо образование (пожелно во доменот на комуникации).
  • Да има минимум 3 години работно искуство во работа со односи со јавност, развој и спроведување на комуникациски планови и кампањи.
  • Претходно искуство во работа со медиуми и ПР агенции, како и организирање настани, работа со веб страници и социјални мрежи ќе се оценат високо.
  • Потребно е да има одлични организаторски способности, способност за тимска работа и работа со крајни рокови.
  • Познавање на Англиски јазик е задолжително, како и работа на компјутер.

Кандидатите треба да ги поседуваат следните вештини и способности:

  • отворена комуникација (усна и писмена) и презентација;
  • брзо прифаќање и прилагодување кон нови задачи;
  • тимска работа во мултикултурно опкружување;
  • извршување повеќе задачи истовремено;
  • уредност и организираност.

Работни услови:                                                                                             

Неделното работно време е 40 часа (од 8 до 16 или 9 до 17 часот). Локација на вршење на работните обврски е во Скопје. Со избраниот/ата кандидат/ка ќе биде потпишан договор за вработување на определено време, со период од 1 (еден) месец кој може да се продолжи врз основа на покажаните квалитети и перформанси. Месечна нето плата, согласно политиката за личен доход на Еко-свест е помеѓу 40 000 и 80 000 денари нето и се утврдува согласно искуството и вештините на кандидатот. Конкретната плата на избраниот кандидат/ка ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување.

Почеток на работен однос од 15 јули 2026 е пожелно.

Начин на пријавување:                                                    

Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:

  • Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
  • Професионална биографија;
  • Професионална препорака/референца е пожелна.

Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Координатор за односи со јавност.

Пријавувањето е отворено од 22.06.2026 до пополнување на работната позиција.

Еко-свест во нова канцеларија!

Еко-свест во нова канцеларија!

Ве информираме дека Еко-свест се пресели во нова канцеларија со следната адреса:

Киро Крстевски Платник, број 6/1.

Локацијата е на истата улица со Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ до детската градинка „13ти Ноември“, наспроти Холандска Амбасада.

Телефонскиот број и е-маил остануваат исти:

Телефон: +389 (0)2 321 7247

Е-маил: [email protected]

Работно време: од 8:00 до 16:00 часот