На почетокот на јуни 2026 година, на владината платформа ЕНЕР беше објавен предлог-текстот на новиот Закон за природа. Ние во „Еко-свест“ ја поздравуваме оваа иницијатива бидејќи нов, модерен закон за заштита на природата ни е повеќе од потребен.
Токму денес, на 11 јуни, денот на Балканскиот рис мораме да потсетиме дека нашето природно наследство и нашата природа зависат од доследното спроведување на законската рамка! По детална анализа на нацрт-законот, забележавме сериозни пропусти и затоа доставивме официјални коментари и конкретни предлози до надлежните, со цел законот навистина да ја штити природата, а не да биде само мртво слово на хартија.
Што е проблемот со предложениот закон?
Најголемиот недостаток е што законот ја одложува вистинската заштита на природата за во иднина. Еве ги клучните точки на кои реагираме:
Чекање на влез во ЕУ на штета на нашата природа: Предлог-законот предвидува заштитата на европската мрежа на заштитени подрачја (позната како „Натура 2000“) да започне дури откако Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Ова е погрешен пристап. Тоа значи дека нашите највредни природни подрачја и видови ќе останат без заштита и изложени на уништување уште со години.
Игнорирање на европските правила: Текстот не е целосно усогласен со европските директиви за птици и живеалишта. Недостигаат клучни алатки, како што е т.н. „соодветна проценка“ – механизам кој треба однапред да каже дали некој проект ќе и наштети на природата.
Што бара „Еко-свест“?
Законот мора да се подобри веднаш. Нашите главни барања и предлози се:
Стоп за индустријата во заштитените подрачја: Бараме јасни и строги забрани за рудници, хидроцентрали, тешка индустрија и големи инфраструктурни проекти во националните паркови и сите други заштитени подрачја.
Заштита веднаш, а не по десет години: Природата не може да го чека нашиот влез во ЕУ. Заштитата мора да започне сега, базирана на современи научни методи и европски стандарди.
Крај за изговорите со „јавен интерес“: Бараме точно и прецизно да се дефинира што е тоа „преовладувачки јавен интерес“, за да не може овој израз да се злоупотребува за приватни бизнис интереси на штета на природата.
Нашата порака е јасна: Потребен ни е закон кој проактивно и навремено ќе го штити нашето природно богатство. „Еко-свест“ останува на линија на одбрана на природата и будно ќе го следи целиот процес на донесување на овој закон. За природата.
За рисот.
За нас.
Целиот текст на коментарите по законот може да ги преземете на следниот линк.
Со големо задоволство ви го претставуваме нашиот Годишен извештај за 2025 година. Изминатата година беше период на интензивна работа, храбри акции и значајни победи за животната средина во Македонија. Преку истражување, информирање и директно делување, успеавме да го трансформираме јавниот наратив и да поставиме нови стандарди во заштитата на природата.
Еве ги клучните столбови на нашиот успех во 2025 година:
⚡ Енергетска трансформација со грижа за луѓето
Направивме голем чекор кон енергетска независност на граѓаните. Ја лансиравме платформата prosumer.mk, а нашата методологија за паметно планирање стана дел од националните закони. Горди сме што гласот на заедницата во Битола стана центар на процесот за праведна транзиција преку официјалниот национален Форум.
🌡️ Климатска акција и евроинтеграции
Нашите кампањи допреа до над 1 милион граѓани. Успеавме да обезбедиме место за граѓанскиот сектор и младите во Националниот координативен совет за клима и го подготвивме клучниот „Извештај во сенка“ за напредокот на државата кон ЕУ (Поглавје 27).
🌊 Слободни реки и заштитена природа
Вративме во живот 72 километри речен тек на Крива Река и Пчиња преку отстранување на физички бариери. На меѓународна сцена, како членка на IUCN, Еко-свест иницираше и обезбеди усвојување на Глобална резолуција за граѓанска наука во Абу Даби – успех кој го позиционираше нашето здружение како светски лидер во оваа област.
⚖️ Активно граѓанство и правна поддршка
Го формиравме првиот специјализиран сектор за правна поддршка, помагајќи им на локалните заедници да ги заштитат своите ресурси. Преку нашиот Зелен телефон, одговоривме на над 40 пријави од граѓани, докажувајќи дека правото на чиста животна средина е неспорно.
“Нашата мисија е јасна – создаваме решенија во кои природата и луѓето напредуваат заедно. Овој извештај е доказ дека со визија и заедничка акција, промените се можни.”
Локации: Тресонечка Река, Галичка Река (НП Маврово) и река Бистрица (НП Шар Планина)
1. Вовед и цел на повикот
Еко-свест објавува повик за изразување интерес од специјализирана компанија/конзорциум за изведба на теренски реставраторски активности. Наместо традиционални тешки инженерски зафати, овој проект се фокусира на решенија базирани на природата (Nature-based Solutions) со цел обновување на хидроморфологијата, рипариските појаси и влажните живеалишта.
2. Опсег на работа
Избраниот изведувач ќе биде одговорен за спроведување на сите или дел од пакет мерки поделени во неколку клучни категории:
А. Хидроморфолошка реставрација
Модификација на бариери: Отстранување или техничка адаптација на мали прагови и цевни премини за воспоставување надолжна поврзаност на реките.
Реобликување на корита: Создавање на riffle-pool секвенци (плитаци и вирови) и воспоставување локални меандри за зголемување на хидрауличката хетерогеност.
Поплавни тераси: Оформување на мали странични корита (backwaters) и инсет тераси за поврзување на реката со поплавната рамнина.
Б. Биотехнички и био-инженерски мерки
Инсталација на Large Woody Debris (LWD): Стратешко поставување и закотвување на дрвна маса (стебла, корени) во коритото.
Стабилизација со живи материјали: Користење на живи фашини, плетени ролни од врбови прачки и снопови од автохтона вегетација наместо бетонски заштити.
Камени структури: Поставување на камени блокови и дефлектори (rock vanes) за насочување на текот и заштита од ерозија.
В. Обнова на крајречни појаси и GWDTE системи
Ревегетација: Садење автохтони видови (Alnus, Salix, Populus) во јадрото на крајречната зона (0-10 m).
Re-wetting (Повторно навлажнување): Затворање на штетни дренажни канали и создавање микро-депресии за задржување на водата во влажните ливади.
Г. Поддржувачки мерки
Санација на локални жаришта со отпад и чистење на диви депонии.
Изведба на анти-ерозивни пречки на шумски патишта (cross-drains).
3. Специфични барања и пристап
Изведувачот мора да се придржува до следните принципи:
Минимален отпечаток: Работа со лесна механизација и рачен труд каде што е потребно за да се заштити постоечката вегетација.
Локални материјали: Примарно користење на локален камен, дрво и автохтони растенија.
Фазна имплементација: Спроведување на мерките на приоритетни делници од 1–2 km со можност за идно проширување.
4. Квалификации на понудувачот
Докажано искуство во нискоградба, хидротехнички зафати или еколошки инженеринг.
Искуство во работа во заштитени подрачја (предност).
Располагање со соодветна механизација и стручен кадар (биолози, шумарски или хидро-инженери).
Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република Северна Македонија, и постои најмалку 3 години.
Најмалку 3 ( три) години професионално работно искуство во доменот на работната задача
5. Потребна документација за пријава
Профил на компанијата и листа на референтни проекти.
Писмо за намера: Со назнака за која категорија мерки се пројавува интересот- А, Б, Б или Г (да се наведат сите мерки кои може да ги спроведе понудувачот).
Потпишана изјава за исполнување на критериумите за доставување писмо за намера и понуда (Анекс 1)
Напомена: Изведбата на овие мерки ќе се врши во тесна соработка со стручниот тим на Еко-свест и управите на НП Маврово и НП Шар Планина.
Доставување на документацијата
Повикот е отворен од 04.05.2026 до 12.05.2026 година.
Заинтересираните компании можат да изразат интерес за давање понуда најдоцна до 12.05.2026 година во 16:00 часот.
Изразувањето интерес треба да се достави во електронска форма на [email protected] . Наслов на пораката Изразување интерес за спроведување на пилот-реставраторски мерки.
Заинтересираните понудувачи може да поставуваат прашања до [email protected] најдоцна до 8 мај 2026.
Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот.
Некомплетна документација или документација испратена по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.
Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест.
Критериуми за избор
По истекот на рокот за пријавување, ќе се креира Комисија од 3 члена, која ќе изврши бодување на пристигнатите пријави.
Критериумот за избор на пријавите:
– Искуство на понудувачот и претходно спроведени слични проекти
– Технички капацитет и расположливи ресурси.
Компаниите кои ги исполнуваат критериумите и се избрани од страна на Комисијата ќе бидат поканети да достават финансиска понуда за спроведување на мерки, за кои ќе биде даден детален преглед и опис.
Доверливост
Сите информации кои се поврзани со оценката на понудите нема да бидат споделувани со никој кој не е официјално вклучен во процесот на селекција, дури и по завршување на процесот на избор. Сите податоци ќе се третираат како доверливи и нема да се користат, прибираат, споделуваат за други цели надвор од овој повик и целта на истиот.
Нашиот партнер, здруженоето Макстрипови, инспириран од Еко-хероите, го објавува новиот конкурс за стрип корица!
Тема: Креирај нов „Тим ЕКО“ суперјунак!💡
Осмисли свој оригинален јунак, направи карактер дизајн и нацртај стрип корица со него. На корицата можеш да вклучиш и лого, наслов, па дури и името на јунакот. ✅
„Тим ЕКО“ е стрип серијал создаден од „Еко-Свест“ и „Макстрипови“, напишан и нацртан од Давор Драмиќанин и Здравко Гиров. Досегашните суперјунаци најчесто имаат моќи инспирирани од природата, а преку нивните приказни на креативен начин се пренесува пораката за важноста од инвестирање во обновливи извори на енергија. 🦸🏻♂️♻️
На сликите во прилог ќе можете да видите дел од досегашните „Тим ЕКО“ ликови, како инспирација за вашиот нов херој. 🦾
Награди:
☀️3 награди по 6.000 денари.
💧Избраниот карактер може да стане дел од „Тим ЕКО“ во некоја од следните стрип-епизоди.
🌱Пофалените учесници ќе добијат и подарок-албуми „Тим ЕКО“.
Услови:
1️⃣ Карактерот мора да биде оригинален и да не е копија.
2️⃣ Илустрацијата не смее да биде изработена со AI алатки за генерирање слики.
Првите епизоди од „Тим ЕКО“ можете бесплатно да ги прочитате на веб-страницата на „Еко-Свест“, во делот Публикации → Стрипови. 🔗
Коалиција граѓански организации поднесе официјално барање до Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање за:
Обезбедување целосна транспарентност и јавни консултации во постапката за обновување на А-интегрираната дозвола.
Организирање на јавна расправа, согласно чл. 100 ст. 4 од Законот за животната средина, со оглед на тоа што крајниот рок за поднесување барање за обновување на дозволата од страна на операторот беше 12.03.2026 година.
Барањето е втемелено на уставното право на здрава животна средина, а целта е активно учество на јавноста со предлог мерки. Новата дозвола мора целосно да ги опфати ЕУ стандардите и најдобрите расположиви техники (BAT), имајќи го предвид кумулативното влијание на „ТИТАН УСЈЕ“ врз аерозагадувањето во Скопје.Организациите очекуваат надлежните институции да го почитуваат ова како официјално барање за јавна расправа и да обезбедат транспарентен процес во интерес на заштита на здравјето на луѓето и животната средина.
Министерот за животна средина и просторно планирање во текот на вчерашниот ден објави дека ќе организира јавна расправа за обновата на А инегрираната дозвола за Усје и притоа додаде дека „Граѓанскиот сектор е важен партнер во напорите за заштита на животната средина. А токму преку транспарентни процеси може да се изгради доверба во институциите и да се обезбедат одржливи решенија во интерес на граѓаните“.
Најнови коментари