Панел дискусија за потрошувачите во енергетската ефикасност

Панел дискусија за потрошувачите во енергетската ефикасност

За еден вложен денар може да се создаде вредност како за три. И преполовени емисии на стакленички и загадувачки гасови, а со тоа и намален број на луѓе со здравствени проблеми и намалени трошоци за јавното здравство и намалено влијание врз природата. Тоа може да бидат дел од резултатите од опсежна политика за енергетска ефикасност. Но, и покрај тоа што овој поим со години е присутен насекаде во јавната сфера, тој не е поткрепен со соодветни политики, информации и пред сѐ пари.

Во суштина тоа е една од најефикасните, а најзапоставени начини за справување и ублажување на климатските промени. Енергетската ефикасност овозможува наместо постојано да ја водиме трката за зголемување на производството на енергија за да ги задоволиме растечките потреби, да ги лоцираме местата каде непотребно ја трошиме енергијата која веќе ја произведуваме и од неа да извлечеме многу повеќе вредност. Со тоа можеме да заштедиме на отворање на нови рудници или централи за енергија. А такви места имаме многу и за тоа денеска има и нова достапна технологија.

Ова беа дел од темите на кои се осврнаа говорниците на панел дискусијата „Потрошувачите во срцето на енергетската политика“ организирана од Организацијата на потрошувачи на Македонија – ОПМ и Еко-свест.
„Ние ја сметаме енергетската ефикасност како една од главните, клучни климатски акции, но за жал таа не е многу присутна како тема, ниту како финансиска импликација во буџетите. Таа е занемарена како една од климатските акции кои може да имаат значително влијание врз подобрување на состојбата не само за секое домаќинство, туку, и на целосната економија“ рече Ана Чоловиќ од Еко-свест потенцирајќи дека анализите покажуваат дека енергетската ефикасност има поголем потенција за создавање на „зелени“ работни места споредено со работата во нашите најголеми електрани.

Маријана Лончар Велкова од ОПМ посочи дека домаќинствата и малите потрошувачи се надвор од фокусот на енергетските политики. Споредено со други земји, во Македонија се нудат мали бенефиции и поттици за инсталирање на соларни панели, но и за набавка на нови енергетски ефикасни уреди со кои може да намали уделот во потрошувачката на секој одделно, а преку тоа и заедничката. Клучно, од ОПМ, сметаат дека денеска за потрошувачите кај нас не постои никаков начин на советување или советувалиште кое на заинтересираните граѓаните ќе им ги објасни политиките и достапните мерки и ќе им помогне како да испланираат подобра и поефикасна инвестиција во енергетска ефикасност со ограничените пари што ги имаат на раполагање.

Таа ја презентираше и акцијата на ОПМ за колективно купување на инвертер клима уреди на околу 38.000 потрошувачи од 6 земји, меѓу кои и од Македонија која е достапна на страницата kolektivnokupuvanje.mk . Целта на акцијата преку масовно здружување на организации и на потрошувачи од повеќе земји да се овозможи купување на сертифицираните штедливи уреди за загревање и ладење по најдобро можни услови и со најголем можен квалитет вклучително и на професионална монтажа.

Со каква состојба пак директно ќе се соочи домаќнство на граѓани кои се во социјален ризик наједоставно покажа пресентацијата на студијата на случај на Филип Стојановски од Центарот за климатски промени. Тие анализираа потрошувачката и трошоците на домаќинство во куќа од 45 м2 без изолација во скопско кое во зима се грее на дрва. Домаќинството е репрезентативно за иллјадниците низ државата кои патем постојано се посочуваат како фактори на загадување на воздухот поради тоа користат огревно дрво во стари печки. Со примена на мерки за енергетска ефикасност како изолација на ѕидови, покрив, нови прозорци и инсталирање на топлинска пумпа потрошувачката на енергија и емисиите на загадувачки гасови се намалуваат за три пати. Но, инвестицијата е преголема за домаќинство во социјален ризик, а мерките за поддршка се премногу ретки и мали за да овозможат ваква масовна транзиција и на крајот никој не им нуди советување за да можат да го изберат најповолното за нив.

„Кон енергетската ефикасност треба да се заземе пристапот за заштитата на животната средина и здравјето, наместо економскиот како што е досега. Ако се гледа само од економски аспект повратот на овие инвестиции е на премногу голем период за да биде примамлив за потрошувачите. Влијанието врз животната средина пак е нешто што го оправдува целото вложување и тој е пристапот кој треба да го водат институциите. Мора да зборуваме еколошки, не економски“ сумираше Стојановски.

Сања Поповска Василевска, даде осврт на степенот на усогласеност на законодавството од областа на енергетиката во однос на правата на потрошувачите имајќи ги предвид обврските на Република Северна Македонија кои ги презема со Договорот за основање на Енергетската заедница, статусот на транспонирање на Регулативата за етикетирање, како и транспонирањето и имплементирањето на современа регулатива која се однесува на енергетиката и вклучувањето на потрошувачот/граѓанинот во истата.

Мартина Грнчаревска се осврна и на субвенциите за енергетска ефикасност кои ги даваат само 6 од сите општини во државата, и за кои посочи дека најчесто се без конкретни спецификасии за типовите и квалитетот на опремата која би се набавувала со субвенциите, односно не се бара новите уреди да имаат квалитет што ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија, а со тоа и на загадувањето. Така се случува со субвенциите да се набави опрема која брзо ќе се расипе и со тоа само дополнително да придонесе за загадување наместо за обратното. Воедно даде и краток пресек на Еко-кредитите коишто се нудат од банките и условите за овие кредити.

На законската регулатива и неускладеноста на повеќе правила во легислативата која ги регуира градењето, енергетиката, ефикасноста, енергетските задруги се осврна Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници. Тој посочи низа недоследности во правилата кои кај потрошувачите предизвикуваат конфузија, ги усложнуваат процесите за енергетска транформација и на крајот создаваат и правна несигурност.

Како што заклучува Елена Николовска од Еко-свест, енергетската трансформација не може да се случи без мерките за енергетската ефикасност. Енергетската ефикасност значи размислување за намалување на емисиите на стакленички гасовиво секторот енергетика како највиновен за климатската криза и заштеда на пари за граѓаните.

„Македонија има добра регулатива за енергија, но потребно е навремено транспонирање на ЕУ директивите и олеснување на административните процедури за граѓаните како и капацитетите на институциите и локалните. Потрошувачот треба да има на располагање механизми/процедури за мерки за ЕЕ и ОИЕ како и советодавна, финансиска и административна подршка за да ги реализира овие инвестиции.“.

МЕФ форум: Паметното енергетско планирање – алатка која го помага производството на енергија од обновливи извори

МЕФ форум: Паметното енергетско планирање – алатка која го помага производството на енергија од обновливи извори

На годинешниот Македонски Енергетски Форум кој се одржа на 30 и 31 мај, 2023 во Double Tree by Hilton во Скопје, панелот на тема: „Енергетска трансформација преку локална климатска акција“ беше организиран во соработка со Еко-свест.

Воведните поздравни говори на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, д-р Христина Оџаклиеска и раководител на секторот за развојна соработка при Шведската амбасада во РСМ, г. Микаил Атерхог, ја најавија дискусијата која го задржа и предизвика вниманието на присутните, особено поради нејзината актуелност и условите на комплексни предизвици.

Она што го заклучивме заедно со останатите учесници-панелисти е дека политиките за клима и енергија е неопходно да се носат на транспарентен начин, што подразбира широки консултации со чинителите уште во најраните фази на процесите. Во процесот на консултации потребно е да бидат вклучени сите заинтересирани страни, почнувајќи од носителите на законско-правните рамки, административните капацитети, експертите, научната заедница како и јавниот и невладиниот сектор, бидејќи факт е дека секој од свој аспект може да се вложи во креирањето на овие политики.

Општините, односно локалната самоуправа, се уште еден важен сегмент од овој комплексен процес. Тие мора да бидат вклучени во истиот, нивниот глас треба да биде слушнат кога станува збор за носење на стратешки документи за енергија и клима. Овој баланс може да биде постигнат само со добра комуникација и соработка помеѓу централните и локалните власти, со граѓанскиот сектор како неопходна нишка меѓу двете.

Паметното енергетско планирање е алатка која го помага производството на енергија од обновливи извори и ги штити природните богатства, со цел спречување на каква било штета врз локалните заедници и богатата биолошка разновидност на земјата. Многу пати претходно имаме напоменато, а овој панел не беше исклучок, дека искористувањето на енергијата на сонцето и ветерот како обновливи извори, е поставено како амбициозна цел при креирањето на Националниот план за енергија и клима (NECP).

Крајниот заклучок е дека имаме доволно финансии за спроведување на мерките за енергетска ефикасност, но потребно е планирање и зајакнување на капацитетите на општините со цел нивно искористување. Тие мора да бидат интегрирани во процесот на енергетското планирање доколку сакаме да видиме реални резултати во поглед на одржливиот енергетски развој на земјата.

ПОВИК ДО ФИЗИЧКИ И ПРАВНИ ЛИЦА ЗА ИЗРАБОТКА НА КРАТКИ ВИДЕА

Во рамки на своите проекти во доменот на климатските промени, Еко-свест објавува повик за изработка на пет кратки видеа за информирање и подигнување на свеста кај граѓаните.

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Цел на оваа активност е информирање и едукација на граѓаните во земјава за следните теми:

  • Климатски промени
  • Климатска акција и објаснување на националните климатски цели
  • Влијание на секојдневните активности врз климата.
    Во рамки на кампањата ќе се користат студии, анализи и информации произведени од страна на Еко-свест на соодветната тема.

ЗАДАЧИ
Избраниот понудувач треба:
• Да соработува и да ги следи насоките за изработка на видеата од лицето назначено за комуникација од Еко-свест. Ресурсите и материјалите за изработка на видеата ќе бидат презентирани на избраниот понудувач по потпишување на договорот за соработка;
• Да предложи креативни сценарија кои ќе ги претстават зацртаните климатски цели во координација со тимот на Еко-свест;
• Да подготви и достави нацрт видео содржина за 5 видеа за одобрување од страна на Еко-свест;
• Да ги интегрира насоките и забелешките од Еко-свест во крајната верзија на видеата;
• Да ги предаде кратките видеа во соодветен формат (висока дефиниција 1080 HD и верзија за споделување на социјални медиуми) во договорениот рок.

ПРИЈАВУВАЊЕ
Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 5 мај 2023 г., 16:00 часот, со назнака Апликација за изработка на видео содржина.
Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид.
Еко-свест ќе го извести само понудувачот чија понуда е избрана и со него ќе склучи договор.

Повеќе за повикот овде.

Во Собранието состанок со зелената парламентарна група: Потребен е Фонд за животна средина со кој ќе се финансира декарбонизацијата на Македонија

Во Собранието состанок со зелената парламентарна група: Потребен е Фонд за животна средина со кој ќе се финансира декарбонизацијата на Македонија

Ни треба Закон за климатска акција и Фонд за животната средина преку кој ќе се финансира декарбонизацијата на државата. Ваквата правна рамка придружена со финансиски мерки треба да овозможи економски развој, но истовремено и да се зачува природата, да се намали загадувањето, да се подобри квалитетот на животот на луѓето и да се зголеми отпорноста на промените предизвикани од климатската криза.

За овие иницијативи на Еко-свест денес се дискутираше во Собранието на состанокот со зелената парламентарна група составена од пратеници од повеќе политички партии.

Со законот за климатска акција треба да се воведе начин за надоместување на испуштањето на јаглерод во атмосферата од страна на индустријата и енергетскиот сектор. Тоа ќе биде и една од обврските на земјата во пристапувањето кон Европската Унија. Надоместок за емисиите на јаглерод при производството на индустриските производи ќе биде еден од условите за да можат нашите компании да имаат пристап до светските пазари.

Надоместоците пак кои досега се плаќаат по разни основи и такси за животната средина, од секој литар гориво, од големите индустриски инсталации, досега не се транспаретни и јавни и лесно достапни ниту според начинот колку, како и од каде се собираат, ниту според начинот на кој се трошат. Забележливо е дека голем дел од овие надоместоци за животната средина засега не се трошат на проекти кои се однесуваат на заштита и унапредување на животната средина и енергетската ефикасност. Затоа Еко-свест и експертите кои ги анализираа тековите на овие пари презентираа анализа со која се разгледува оправданоста и по примерот на многу други земји се предлага формирање на Фонд за животната средина во кој ќе се влеваат сите надоместоци за животната средина. Карактеристика на еден ваков фонд треба да биде и тоа што парите во него, според примерот на земји членки на ЕУ, би се оплодувале со тоа што фондот ќе издава т.н. „меки кредити“, а распределата на средствата да го врши стручно и независно тело.

На средбата се дискутираше за различни модели како овој фонд може да функционира и потоа да ги распределува парите од еколошките такси на проекти кои ќе се однесуваат на енергетска ефикасност, заштита на шумите, справување со отпадот, намалување на загадувањето на воздухот, мерки за прилагодување кон климатските промени и сите големи предиизвици со кои се соочува нашето општество во овој поглед а за кои моментално немаме доволно финансиски средства.

Пратеничките и пратениците од различните партии ги споделија своите видувања особено во однос на тоа како да се обезбеди стручност и транспарентност во раководењето со еден ваков фонд и контрола врз неговата работа. Дискутантите се согласија околу потребата за Закон за климатска акција и за формирање на Фонд за животната средина и потенцираа дека оваа дискусија треба да биде прв чекор кон нивно спроведување.

Доделување на грантови во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“

Доделување на грантови во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“

Како дел од нашите активности во секторот климатски промени во текот на минатата недела во хотелот Холидеј Ин во Скопје се одржа настан за одбележување на почетокот на грантовата програма под проектот “Граѓанските организации во акција за климатските промени”, финансиски поддржан од Владата на Шведска, спроведуван од Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници-МЗПМ и Организацијата за поврзување на природните вредности и луѓе-CNVP.

Избраните проекти опфаќаат различни региони во државата, работат на различни локални потреби во секторот климатски промени и ги помагаат мерките предвидени со Долгорочната стратегија за климатска акција на Р. Македонија и останатите политики и стратегии кои се носат во овој сектор.

На настанот имаше обраќање од проектниот координатор на проектот кој ги презентираше досегашните достигнувања како и обраќање од претставник на Шведската амбасада во Скопје кои ја истакнаа важноста од поддржување на активности со кои се ублажуваат или помагаат за прилагодување кон климатските промени во земјата.

Доделени се вкупно петнаесет грантови од кои четири ад-хок, четири акциски и седум институционални грантови, кратки презентации од сите проекти може да погледнете на следниот линк. Проектите ќе се реализираат во периодот од февруари 2023 година до април 2024 година.