Обука за гаснење и превенција на пожари (2025)

Обука за гаснење и превенција на пожари (2025)

На 28 јуни 2025 година, во Вевчани се одржа обука за превенција и спречување на шумски пожари, организирана од Еко-свест и Europe House Струга. Обуката беше наменета за граѓани и активисти кои сакаат да стекнат практични знаења за справување со шумски пожари и заштита на природата, особено во планинските подрачја.

Под стручна подготовка и водство на Милорад Андријески, обучувач со искуство во полето на заштита од пожари, учесниците добија информации и вештини поврзани со рано препознавање на ризици, мерки за превенција и непосредно дејствување во случај на појава на пожар. Обуката опфати теоретски дел, како и теренска работа со практични демонстрации и вежби на отворено.

На настанот учествуваа претставници од Вевчани и Струга, вклучувајќи членови на планинарски, велосипедски и еколошки друштва, како и претставници од ренџерската служба на Споменикот на Природа Вевчански Извори. , кои ја препознаваат важноста на заедничката акција и соработка во заштитата на природните ресурси на Јабланица.

Оваа активност е дел од пошироки напори за унапредување на еколошката свест и зајакнување на локалниот капацитет за дејствување во кризни ситуации. Темата за зачувување на Јабланица како природно богатство беше истакната како приоритет, особено во контекст на иницијативите за добивање на статус на национален парк. Тоа би значело посветеност на заштита, истражување и одржливо управување со подрачјето, како и вклучување на локалното население во процесите на планирање и спроведување на мерки за конзервација.

Обуката покажа дека постои подготвеност и интерес кај локалните заедници да се ангажираат во заштита на шумите, а Еко-свест ќе продолжи со поддршка на вакви активности кои придонесуваат кон градење на отпорност и еколошка одговорност.

Планинска вело тура – Вевчанска Голина – Локва 2025

Планинска вело тура – Вевчанска Голина – Локва 2025

🚵‍♂️ Повик до сите љубители на планинскиот велосипедизам и природата!
Ве покануваме на уште една незаборавна велосипедска авантура:

„Планинска вело тура – Вевчанска Голина – Локва 2025“
📅 Датум: 6 јули 2025 (недела)
🕘 Почеток: 09:00 часот | Центарот на Вевчани

По успешната тура минатата година со над 130 учесници, оваа година продолжуваме со уште повеќе ентузијазам!

📌Рута: Центар на Вевчани – Вевчански Извори – Есејнца – Смолејца – Јанков Камен – Св. Климент – Горна Белица – Вевчанска Голина и назад преку Средни Рид до Вевчани
⛰️ Вкупна должина: 30 км | Елевација: ~1100 м | Тежина: 8/10

Дополнително: можност за 30-минутно планинарење до глацијалното езеро Вевчанска Локва – бисерот на планината Јабланица. ✨

🎽 За сите регистрирани учесници обезбедуваме:
✅ драјфит маица
✅ освежување
✅ ручек
✅ добра дружба
Учеството е бесплатно!

Пријавување:
🔒 Официјалното пријавувањето за настанот е затворено.
👉 За да можеме навреме да ги изработиме маиците и да обезбедиме сè што е потребно за учесниците, пријавувањето беше затворено на 23.6.2025 година во 11:00 часот. 👕

Сите што не се пријавиле во предвидениот рок ќе можат да учествуваат на настанот, но за нив нема да има стартни пакети (драјфит маици и сл.).
Ви благодариме на интересот, се гледаме наскоро!

⚠️ Секој учесник учествува на сопствена одговорност и се обврзува да ги следи безбедносните насоки на организаторите.

📢 Настанот е организиран од Рупикапра МТБ Струга и Еко-свест Вевчани,
со поддршка од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори“, спроведуван од Еко-свест а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

“Едукација, авантура и креативност во срцето на природата” (2025)

“Едукација, авантура и креативност во срцето на природата” (2025)

Во изминатиот период, Вевчанските Извори станаа вистински центар на едукативни активности, каде ученици од различни училишта се запознаа со природата низ истражување, учење и креативност. Ова место, познато по своето природно богатство, стана инспирација за младите истражувачи кои преку интерактивни работилници го откриваа светот околу нив.

Во рамките на Трајната поставка за природа „Патување низ природните богатства на Вевчански Извори“, учениците имаа можност одблизу да ја истражат уникатната флора и фауна на планината Јабланица. Од импозантната кафеава мечка и нејзината улога во екосистемот, до значењето на заштитените подрачја – секоја тема поттикнуваше љубопитност, дискусии и интеракција.

Дополнително, учевме за рециклирање преку 3Д печатење – како пластичните шишиња да се претворат во едукативни помагала. Учениците се запознаа со целиот процес на подготовка на материјал за 3Д печатење од ПЕТ пластика и научија како функционираат 3Д печатачите. Ова беше одлична можност да се истакне како новите технологии можат да се применат во заштитата на животната средина.

Но, учењето не остана само во затворен простор. Теренските истражувања беа важен дел од програмата. Дел од учениците го истражуваа Белчишкото Блато, едно од најзачуваните мочуришта во Македонија, каде откриваа како водниот екосистем се поврзува со локалната историја и биодиверзитетот. Во исто време, млади истражувачи учествуваа во активности со најнова технологија – мерење трансекти, препознавање растителни и животински видови преку мобилни апликации, и стекнување знаења за тоа како да се заштитат шумите и водите.

Креативноста и одржливоста беа важен дел од ова искуство. Учениците не само што учеа, туку и создаваа! Од стари патокази и истрошени информативни табли изработија клупи за јавни простори, обновија оштетени знаци, и со тоа покажаа како реупотребата на материјали може да придонесе за заштита на природата. Уметноста беше на централно место и во Струга, каде ученици и волонтери создадоа инспиративен мурал, кој носи силна порака за зачувување на живеалиштата на кафеавата мечка.

Планината Јабланица ги пречека авантуристите и истражувачите со својата природа. Во партнерство со Сојузот на извидници на Македонија и нивните гости од Црна Гора и Србија, се организираше планинарење низ Споменикот на Природа – Вевчански Извори. По патот до Голина, Локва и Горна Белица, учесниците учеа за ендемичните видови, изобилството од вода и значењето на Европскиот зелен појас.

Ова не беа само моменти на истражување и учење – ова беше искуство што ја разбуди љубовта кон природата, инспирираше нови идеи и создаде пријателства низ едукативни, авантуристички и креативни активности.

Со секој чекор и со секоја иницијатива, младите истражувачи покажаа дека малите промени носат големо влијание. Благодарност до сите што беа дел од оваа авантура – продолжуваме да растеме со природата!

Креираме Еко-херои со Макстрипови (2025)

Креираме Еко-херои со Макстрипови (2025)

За време на овогодинешниот Стрип Трип Фестивал кој има цел да ја развие и унапреди стрип културата во Македонија, Еко-свест во соработка со Здружението Макстрипови организираше работилница за деца за креирање на Еко-херои.

Инспирирани од моќите на природата, над 20 деца ги цртаа своите еколошки херои со поддршка и насоки од Здравко Гиров, стрип артистот кој заедно со Давор Драмиќанин го создадоа првиот македонски еколошки стрип серијал Тим ЕКО.

Работилницата беше организирана со цел да ја поттикне имагинацијата кај младите и да ја подигне свеста за потребата од акција за заштита на животната средина.

За време на фестивалот, кој се одржа од 6-8 јуни во МКЦ, организиравме и донаторска акција- за секоја донација доделувавме стрип Тим ЕКО. Средствата собрани од акцијата ќе бидат донирани за поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани.

Во продолжение може да ги погледнете некои од најуспешните Еко-херои креирани од младите.

Монодрама „Не денес“

Монодрама „Не денес“

Со силна освестувачка и мотивиркачка порака, длабока емоција и освестување за важноста од личното постапување, Битола го отвори „новото поглавје“ за својата иднина преку два инспиративни настани – премиерата на монодрамата „Не денес“ на актерот Марјан Георгиевски.

Во преполна сала на Центарот за култура, преку единствениот лик публиката ја слушна реалноста што ја говори нашето срце и страшната вистина со кој што никој не сака да се соочи.

„Се гушиме и молчиме. Главните чинители се летаргични во пристапувањето кон прашањето што не засега сите, а ние едноставно ја прифаќаме нивната рамнодушност без побуна. Јагленот се согорува, јагленот е нашиот тивок убиец, Битола е еден од најзагадените градови во светот, а ние молчиме…Прифаќаме, по цена на живот, облеани со страв, молчиме поради изворот на приходи што ни го носи сулфур диоксидот што го дишеме, но не смееме вака да продолжиме – тоа им го должиме на следните генерации, нагласи Георгиевски.

Водејќи се од лични побуди за состојбата со воздухот во Битола, актерот нагласи дека неговата монодрама е длабока и освестувачка и оти неговата цел била секоја поединец да си ги преиспита постапките и да разбере дека сите ние носиме промени, дека всушност промената започнува од нас, занемарувајќи го постапувањето на другите.

„Битола е наш град, тука растат нашите деца, а ние забораваме дека имаме моќ да направиме промени. Секој збор, секоја постапка во правилна насока ќе ни донесе подобра иднина, но ние мора да се избориме за истата. Дијалогот меѓу „мене и моето срце“ е за да го разбудиме во нас „заспаното“, односно да се потсетиме „кои сме и колку можеме“, нагласи Георгиевски.

Истиот ден, во мезе бар „Јагода“, се одржа настанот „Визија кафе“, на кој што битолчани зборуваа за предизвиците на градот и предложија решенија за почиста, поздрава и поразвиена Битола.

„Сите се согласија дека еколошки чиста и економски развиена Битола е обврска како на институциите, така и на сите граѓани. Потребни се и идеи, поддршка и активни граѓани“, истакнаа од „Еко-свест“, Центарот кој ја спроведе иницијативата.

Двата настани се одржаа во рамките на проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од „Еко-свест“ со финансиска поддршка од Шведска.