Отворен повик за координатор за Кичевскиот регион

Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест од Скопје во рамки на проектот „Децентрализација на праведната транзиција”, објавува повик за ангажирање на Kоординатор за Кичевскиот регион.


Повикот е отворен од 30.01.2022 година за сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат барањата од повикот и ќе ги поднесат следните документи:

  • Биографија (CV);
  • други документи кои ги докажуваат квалификациите и искуството (доколку кандидатот посeдува такви документи).

Позицијата е за 1 лице кое ќе ги задоволи барањата од повикот.

Барања на повикот

Општо за организацијата
Еко-свест е здружение на граѓани основано на 18.09.2002 година. Во 2008 година, Еко-свест го менува својот назив во „Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-свест“ со цел најдобро да ја отслика својата дејност, мисија и визија.
Главната цел за формирањето на здружението лежи во потребата да се зголеми јавната свест за неопходноста од грижа за животната средина во Македонија, преку информирање, едуцирање и застапување.
Еко-свест од самиот почеток работи на темите тесно поврзани со заштитата на животната средина и тоа:
– одржлив транспорт;
– обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност;
– одржливо управување со отпадот;
– заштита од хемикалии и тешки метали;
– заштита од генетски модифицирани организми.


Како хоризонтални прашања кои ги тангира организацијата, но и нејзини главни определби се информирањето и едукацијата на граѓаните во Македонија, учеството на јавноста во донесувањето одлуки од област на животната средина, транспарентното и отчетното работење на јавните институции, јавни пари за јавни придобивки, пристап до правда во област на заштита на животната средина.
Во својата работа, Еко-свест спроведува проекти, јавни кампањи, застапува одредени ставови поврзани со проблематиката и генерално информира врз база на спроведени анализи, истражувања и анкети. Во своето досегашно работење, Еко-свест има спроведено над 60 проекти во Македонија и регионот.
Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина. Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции. Нашата визија е праведно, одговорно и совесно општество каде здрави граѓани одржливо живеат во благосостојба и во хармонија со животната средина.

Квалификации и искуство
За позицијата ќе бидат разгледувани кандидати со следниве квалификации и искуство:
– одлично познавање на Кичевскиот регион со особен осврт кон енергетскиот аспект и основни познавања од областа на енергетската транзиција;
– одлично интегрирани во локалната заедница во Кичевскиот регион, односно да имаат воспоставено добра комуникација со локалните заедници од регионот (клучна квалификација);
– извонредни комуникациски вештини (за орална и писмена комуникација) и способност за работа под притисок;
– одлични организаторски способности, способност за тимска работа и работа со крајни рокови;
– техничка писменост и познавања од работа на компјутери, како и способност брзо да учат и да се надоградуваат;
– познавање на албански јазик ќе се смета за предност;
– да поседува сопствено возило и возачка дозвола Б категорија.


Работни задачи
– Да остварува и одржува контакт со локалните заедници во Кичевскиот регион на редовна основа со цел нивна поддршка во праведна транзиција на регионот;
– Да остварува и одржува соработка со сите релевантни чинители во Кичевскиот регион на редовна основа, како и да ги информира и консултира во врска со праведната транзиција во земјата;
– Да остварува организирани средби со локалните чинители во Кичевскиот регион најмалку еднаш во месецот, како и да доставува записници за истите;
– Да организира две тркалезни маси, како и да пружа поддршка на останатите проектни активности на Еко-свест во Кичевскиот регион доколку има потреба;
– Да изготвува наративни извештаи на барање на Еко-свест, како и финален извештај по завршување на ангажманот;
– Да ги почитува политиките на Еко-свест.

Позиција
Позицијата за која се бара лицето е Kоординатор за Кичевскиот регион (1 лице). Лицето е предвидено да биде надворешен соработник коешто ќе биде ангажирано во периодот од 15.02.2022 до 30.09.2022 година.

Потребни документи
– Биографија (CV);
– други документи кои ги докажуваат квалификациите и искуството (доколку кандидатот посeдува такви документи).

Прашања во врска со повикот
Сите прашања во врска со повикот може да се постават на следната електронска адреса: [email protected] најдоцна до 28.01.2022 година.

Пријава за повикот
Сите кандидати треба бараната документација да ја пратат најдоцна до 30.01.2022 година до 16:00 часот на следната електронска адреса: [email protected] со наслов на пораката: Пријава за координатор за Кичевскиот регион.


Сите поднесени документи во дадениот рок ќе бидат разгледани и најсоодветните кандидати ќе бидат повикани на разговор. Поради ковид мерките, разговорите ќе бидат реализирани преку платформата Zoom.

Ќе бидат контактирани само кандидатите кои ќе бидат избрани за разговор.

Јавни пари за јавен добробит

Јавни пари за јавен добробит

За начинот на користење на јавните, буџетски средства, јавноста, за жал, знае многу малку. Можеби поради фактот што власта настапува нетранспарентно или едноставно, не смета дека за користењето на нашите средства треба да има некаква отчетност и одговорност. Тој однос го гледаме над 20 години и наликува на аматерско управување со јавните пари по принципот „миле ми текна“, а не врз база на стратешко и наменско планирање.

https://libertas.mk/avni-pari-za-aven-dobrobit/

Построги и системски мерки за загадениот скопски воздух

Построги и системски мерки за загадениот скопски воздух

Скопје, 28 декември 2021 – Еко-свест со особено внимание ја следи состојбата со влошениот амбиентален воздух во Скопје, како и јавната дебата која доминантно се води преку призмата на тесно-партиски ставови и обвинувања. Воздухот кој сите ние го дишеме нема партиска позадина, а релевантните чинители и одговорни институции треба да вложат многу позасилени напори и во континуитет да работат на изнаоѓање системски одржливи решенија со кои аеро-загаденоста во Скопје континуирано ќе се намалува, а со тоа ќе се намалат и ризиците по здравјето на Скопјани.

Во таа насока, сметаме дека голем дел од краткорочните мерки и препораки како и нивниот ефект зависи од тоа колку ќе бидат прифатени препораките од индустриите и претпријатијата. Актуелната листа со краткорочни мерки е усвоена во ноември 2017 г. и се применува веќе четири години, а досега се покажало дека има многу ограничен ефект. Ова значи дека
истата треба да се ревидира и да се воведат нови построги краткорочни мерки, во услови кога воздухот е екстремно загаден.

Истовремено, мора посериозно и поинтезивно да се работи на мерките што треба да донесат резултати на среден и долг рок, односно целосно да се реобмисли сообраќајот и урбанизмот во Скопје (и државата).

Потребно е да се започне со децентрализирани системи за греење на обновливи извори, многукратно да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност, како и да се засили контролата на индустриските капацитети, особено на оние капацитети што се уште немаат интегрирана еколошка дозвола.
Сите јавни објекти кои користат нееколошки начин на загревање и со тоа значително придонесуваат кон зголемување на загадувањето, мора да се конвертираат на незагадувачки енергенси. Само на овој начин ќе стигнеме до реално намалување на загадувањето во рамки на законските гранични вредности и зацртани цели.

Истовремено, Еко-свест апелира и ги повикува надлежните институции повторно да ја реактивираат интер-секторската работна група за амбиентален воздух која работеше под закрила на заменик-министерот за животна средина и просторно
планирање. Состојбата со загадениот воздух во Скопје и државата сериозно ќе почне да се решава на долг рок и со лансирањето на долгоочекуваниот Фонд за животна средина, кој властите треба што поскоро да го воспостават како
независен финансиски механизам.

#

За дополнителни информации и контакти:
Кирил Ефремовски, координатор за односи со јавноста
070/355-363, [email protected]

Според Државниот завод за ревизија, голем дел од малите хидроцентрали се нелегални

Според Државниот завод за ревизија, голем дел од малите хидроцентрали се нелегални

Oчекуваме и бараме да отпочнат постапки за утврдување на законитоста на постоењето на малите хидроцентрали, но и утврдување на одговорност за ваквото намерно занемарување на сите законски одредби за заштита на нашите реки.

Скопје, 21.12.2021 година – Еко-свест и Македонското здружение на млади правници ја поздравуваат извршената ревизија на Државниот завод за ревизија во врска со искористувањето на водните ресурси за производство на електрична енергија. Ние како организации, повеќе години реагираме во врска со сериозните прекршувања во постапките за издавање на концесии. Со тоа, голем број од издадените концесии за малите хидроцентрали се издадени надвор од правната постапка, a се констатираат и серизни прекршувања, што ја доведува во прашање законитоста на нивното постоење.

Во извршената ревизија на ДЗР за “Експолоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“, е даден целосен преглед и постапка за издавање концесии за мали хидроцентрали и се утврдени сериозни прекршувања на постапката за издавање на концесии. Се воочуваат низа сериозни прекршувања од постапката на издавање концесии до подготовката на стратешките документи, се до моментот на пуштање во употреба на малите хидроцентрали.

Ревизија воочува сериозни прекршувања на постапката за издавање концесии, од подготовката на стратешките документи врз чија основа се издаваат, до моментот на пуштање во употреба на малите хидроцентрали.

Стратегиите за развој за енергетиката и за искористување на обновливите извори врз чија основа се издадени најголем дел од концесиите се без стратегиска оцена на влијанието врз животната средина.

Комисиите за спроведување на тендерските постапки никогаш не изработувале студии за концесиски проект и не правеле прелиминарна оцена на влијанието врз животната средина, иако тие се законска обврска. За некои од тендерите нема физибилити студија и воопшто нема конечна Одлука за спроведување тендерска постапка. При издавањето на водното право никогаш не е направен преглед наобјектите за зафаќање вода, што е исто така законска обврска. Тие не прооизведуваат правно дејство, и според ова зафаќањето на вода за производство на електрична енергија е исто така незаконско.

„Извештајот на ДЗР уште еднаш го потврди она што со години го повторуваме: дека комплетната постапка за изградба на мали хидроцентрали целосно ги занемарува сите законски обврски за заштита на животната средина, што кулминира со издавањето на елаборатите за малите хидроецентрали без соодветно утврдување на фактичката состојба и влијанието врз животната средина.
Ова доведува до катастрофални последици по животната средина и локалното население.“ изјави Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедниците во Еко-свест.

Овој проблем дополнително се влошува со тоа што инвеститорите ретко се придржуваат и до најосновните мерки за заштита согласно елаборатите, недостатокот на капацитети на Државните инспекторати и, несоодветното разграничување на надлежностите на инспекцискиските служби.

Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници дополни дека „Неспроведувањето на оцена на влијанието врз животната средина при доделувањето концесии за МХЕ дополнително штети на ефикасно реализирање на начелото на учество на јавноста. На овој начин, на граѓаните не им била дадена можност да ги искажат своите ставови при доделувањето концесии за МХЕ, ниту пак институциите можеле ефикасно да го проценат нивното штетно влијание по околината и заштитните мерки кои инвеститорот требало да ги преземе.“

МЗМП во соработка со Еко свест и понатаму ќе ги следи ваквите состојби и ќе ги користи сите расположливи правни механизми за заштита на животната средина, но истовремено им нуди на граѓаните и локалните граѓански организации можност за правно советување за овие прашања преку изготвување на правни мислења за конкретна МХЕ. Дополнително, согласно наодите од ДЗР, очекуваме и бараме да отпочнат постапки за утврдување на законитоста на постоењето на малите хидроцентрали, но и утврдување на одговорност за ваквото намерно занемарување на сите законски одредби за заштита на нашите реки.

За дополнителни контакти и информации:
Ѓорѓи Митревски, координатор во Еко-свест
Тел: 071 232 103
Email: [email protected]
Бојан Трпевски, правник во Македонско здружение на млади правници
Тел: 074 601 004, Еmail:[email protected]

ОТВОРЕН ПОВИК за изработка и спроведување на комуникациска и PR кампања

ОТВОРЕН ПОВИК за изработка и спроведување на комуникациска и PR кампања

Центарот за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест” од Скопје, во рамки на проект финансиран од “The Nature Conservancy(TNC)” има потреба од ангажирање на компанија/или конзорциум од компании за изработка и спроведување на комуникациска и медиумска кампања(PR).

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА

Цел на активноста е спроведување на кампања за информирање и едукација на граѓаните за тековните процеси и потенцијали на енергетско планирање во земјата, согласно актуелната енергетска стратегија. Таа треба да ги комуницира потенцијалните проекти за развој на капацитети за искористување на обновливи извори на енергија (енергија со низок степен на негативно влијание врз природата).

Кампањата треба да влијае кон зголемување на свесноста на граѓаните за важноста од спроведување соодветен процес на енергетска транзиција, кон капацитети со најмало негативно влијание врз животната средина (кампања за енергетско планирање).

Кампањата ќе се користи за комуницирање на заклучоците и анализата (истражување) на ставови на чинителите за развој на капацитети за енергија (обновливи извори на енергија) со пошироката јавност, која ќе и биде презентирана на избраната компанија.

ЗАДАЧИ

Компанијата/организацијата треба:

1. Да соработува и да ги следи насоките за изработка и спроведување на кампањата од лицето назначено за комуникација од страна на Еко-свест;

2. Да изработи креативен визуелен идентитет и пораки на кампањата, со видео инфографици и анимации, дигитални гифови, флеш банери и сл. да достави дигитален маркетинг план, а во согласност со добиените насоки од Еко-свест;

3. Да го презентира дигиталниот маркетинг план и визуелен идентитет на кампањата пред Еко-свест и да го модифицира во согласност со дадените насоки од Еко-свест;

4. Да обезбеди соодветен PR и медиумски пласман на продуктите од кампањата и соодветно претставување според одобрен PR план;

5. Во координација со Еко-свест да организира еднодневен настан до 30лица со релевантни државни чинители и засегнати страни на крајот на месец февруари;

5. Да ја спроведе медиумска кампања во времетраење од три месеци.

ВРЕМЕНСКА РАМКА

Времето на изработка на деталните креативни решенија, вклучувајќи го и дигиталниот маркетинг план е 15 (петнаесет) дена по потпишување на Договорот.

Времето на спроведување на кампањата е три месеци по одобрување на дигиталниот маркетинг и PR план.

Времето на доставување на детален извештај за постигнатите резултати е најдоцна 15 дена по завршување на кампањата.

Вредноста на договорот не може да надмине 615.000 денари во бруто износ.

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

При аплицирањето, компаниите/организациите треба да достават:

  1. Опис на компанијата со портфолио на реализирани кампањи за дигитални медиуми со посебен осврт на теми од животна средина, климатски промени, енергетска транзиција, енергетска ефикасност, енергетска сиромаштија.
  2. Краток опис на предлог креативни решенија и дигитален план;
  3. Тековна состојба не постара од 6 месеци ;
  4. Финансиска понуда по ставки (види Анекс 1)

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

КРИТЕРИУМИ ЗА ПРИЈАВИТЕ

  1. Активна компанија/организација или конзорциум од компании, која е формирана согласно Законите во Република Северна. Македонија и постои најмалку 3 години. Во случај на пријава на конзорциум на повеќе компании или подизведувачи, договор ќе биде склучен со еден носител, во име на конзорциумот.

ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ

Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

– Претходно искуство: 60 поени

– Понудена цена: 40 поени

Вкупно: 100 поени.

Договор ќе биде склучен со онаа компанија/конзорциум со најголем број освоени поени во сооднос квалитет на понуда и цена.

ПРИЈАВУВАЊЕ

Комплетната понуда, заинтересираните треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 30 декември 2021, 16:00 часот со назнака „Пријава за спроведување комуникациска и PR кампања“.

Некомплетни понуди или оние понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.

Повеќе информации можете да добиете на email: [email protected] или на 02 321-7246.