Отворено писмо до Претседателот на Владата

Отворено писмо до Претседателот на Владата

Почитуван Претседателе на Владата г-н Мицкоски,
Со огромна загриженост ја примивме Вашата неодамнешна најава за можно реактивирање на
проектот за хидроцентралата „Бошков мост“. Како граѓани и заштитници на природното
наследство, должни сме да Ве потсетиме дека овој проект е во спротивност со националните
закони, меѓународните обврски и современите еколошки стандарди и претставува директен и
сериозен ризик за интегритетот на Националниот парк Маврово.
Проектот „Бошков мост“ произлегува од застарен концепт кој одамна ја загуби својата
легитимност поради следниве клучни причини:

  1. Прекршување на меѓународните обврски (Бернска конвенција)
    Република Македонија како потписник на Бернската конвенција има обврска да ги почитува
    препораките на Комитетот за зачувување на дивите видови и живеалишта. Во случајот со
    Маврово, Комитетот уште во 2015 година укажа дека изградбата на „Бошков мост“ директно ја
    загрозува репродуктивната средина и опстанокот на Балканскиот рис, критично загрозен вид
    кој го има своето последно прибежиште токму на оваа локација. Комитетот јасно повика на
    стопирање на сите хидроенергетски проекти во рамки на паркот. Дополнително, Бернскиот
    комитет во 2025 година констатираше дека не е постигнат значаен напредок во
    исполнувањето на препораките, вклучувајќи го и откажувањето на сите концесии и итното
    репрогласување на паркот согласно меѓународните стандарди.
  2. Економска неисплатливост и неодржливост
    Студиите на независни експерти и меѓународните финансиски институции веќе покажаа дека
    овој проект е економски неоправдан. Трошоците за изградба, во споредба со минималното
    производство на електрична енергија и огромната штета врз екосистемот, го прават проектот
    чиста загуба. Во време кога соларната и ветерната енергија се поефикасни и поекономични,
    инвестицијата „Бошков мост“ би значела чекор назад во енергетската политика.

Земајќи ги предвид овие факти, до Владата упативаме конкретни барања:
– Итно спроведување на препораките на Бернската конвенција и отфрлање на сите
планови за хидроенергија во заштитените подрачја, и
– Итно репрогласување на НП Маврово, кое ќе оневозможи идна деградација на
паркот.
Долгогодишното одложување на репрогласувањето на Националниот парк Маврово создаде
правна празнина, која директно овозможува реализација на штетни инфраструктурни и
градежни проекти во срцето на паркот. Наместо исклучок, ваквите интервенции станаа
практика што постепено го разградува интегритетот на едно од највредните природни
подрачја во државата.
Репрогласувањето на Маврово не е административна формалност, туку единствениот
механизам за воспоставување јасна, обврзувачка рамка за заштита, усогласена со IUCN
стандардите и меѓународните обврски на државата. Само со нов закон за НП Маврово може

конечно да се стави крај на практиката на ад-хок одлуки, притисоци и проекти кои го
жртвуваат јавниот интерес и природното наследство за краткорочни цели.
Истовремено, репрогласувањето ќе воспостави рамка за одржлив развој и економска
сигурност на локалното население, преку поддршката на одржлив туризам, традиционални
дејности и зелени економски активности.
Секое понатамошно одложување на репрогласувањето значи продолжување на
деградацијата на Маврово и преземање свесен ризик за едно од највредните природни
подрачја во државата.
Почитуван Претседателе на Владата, Ве повикуваме да покажете лидерство базирано на наука
и јавен интерес, а не од застарени енергетски политики и идеи. Природата на Република
Македонија не е ресурс за краткорочен профит, туку наследство кое сме должни да го
зачуваме за идните генерации.

Со почит,

Ана Чоловиќ Лешоска
Извршна директорка
Центар за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ Скопје

Поведен управен спор – Дошница

Поведен управен спор – Дошница

Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест Скопје, во јануари (2026 г.) поднесе тужба за управен спор до Управниот суд на Република Северна Македонија против Министерството за животна средина и просторно планирање. Предметот се однесува на отфрлање на Решение од страна на МЖСПП, откако Еко-свест поднесе управен приговор кој се однесува на пропуштање на преземање реални акти во постапките за издавање Дозвола за користење на вода за производство на електрична енергија за малите хидроелектрични централи (МХЕ) Баров Дол и Папрад, чија изградба е планирана на реката Дошница во Општина Кавадарци.

,,Со оглед дека управниот приговор беше отфрлен, и покрај наводите укажани од страна на Еко-свест за непочитување на позитивните законски прописи од законот за животна средина и законот за водите, МЖСПП во диспозитивот не се задржа на овие наводи.

Поведената постапка исто така има за цел утврдување на правото на Еко-свест да биде странка во постапката согласно одредбите од Законот за животната средина и Архуската Конвенција, со оглед дека реката Дошница претставува природно богатство т.е. јавно добро кое можат да го користат сите граѓани. Оттука, учеството на јавноста во одлучувањето и пристапот до правда за прашања поврзани со животната средина е неопходно за унапредување на состојбите во животната средина и остварувањето на уставно загарантираните права на граѓаните“, изјави Марко Гучески, правник за животна средина во Еко-свест.

Во својата мисија, Еко-Свест има за цел активно да придонесува кон почитување, заштита и унапредување на позитивните законски прописи од областа на животната средина во Република Северна Македонија.

Писмо до Министерот за животна средина и просторно планирање 

Писмо до Министерот за животна средина и просторно планирање 

До
Министер за животна средина и просторно планирање

Предмет: Барање за донесување на нов Закон за природата

Почитуван г-н Министер,

Ви се обраќаме како заедничка иницијатива на граѓански организации од Македонија, со барање за иницирање постапка за измени и дополнувања на Законот за заштита на природата, односно донесување нов Закон за природата.
Проблемот со неефикасните механизми за заштита на природата за жал е веќе востановена пракса која е неопходно да се промени во најскоро време. Притисокот од инфраструктурните и другите развојни проекти врз природните предели и вредности е огромен, а сепак прашањето за заштитата на природата досега не било третирано како приоритет во нашата држава. Напротив, природата секогаш била предмет на уништување на сметка на профитот и инвестициите. Сведоци сме дека граѓаните сѐ почесто се принудени самостојно да се обидуваат да спречат штетни проекти во нивната средина, бидејќи постојните механизми на актуелниот закон не успеваат навремено да ги идентификуваат или спречат штетите врз природата. На ова значително придонесуваат несоодветните законски решенија, кои не нудат суштинска имплементација и функционална заштита на терен. Дополнително, голем број законски и подзаконски одредби во доменот на заштитата на животната средина се во судир поради дисперзираноста на институтциите надлежни да постапуваат во оваа област. Ваквата ситуација претставува предизвик кој овозможува неконзистентна примена на правните норми во однос на заштита на природата и нивниот ефект е спротивен на духот и целта поради кои се донесени.
Иако измени на Законот за заштита на природата беа направени уште во 2018 година, тие никогаш не беа усвоени. Во меѓувреме, во европското законодавство се усвоија нови Директиви и се променија практиките на управување со ресурсите кои се директно поврзани со Законот за заштита на природата.
Следствено на тоа, неопходно е донесување на нов Закон за природата, кој согласно европските практики ќе претставува конзистентен систем на процедури, решенија и мерки кои несомнено ќе ги подобрат затекнатите услови во областа на заштита на природата.
Како клучен чекор за вистинска заштита на природата, новиот Закон за природа е приоритет поради мноштво причини:
Неопходноста за заштита на реките и езерата, планините и шумите, растенијата и животните.
Нашата природа е светско наследство – нејзината заштита е одговорност кон нас и кон помладите и земјата
Секое одложување на новиот закон за природа придонесува кон уназадување на природата, која веќе е во загрозувачка состојба.

Природата во Македонија се соочува со системски предизвици кои директно ја загрозуваат биолошката разновидност и опстанокот на нашите највредни природни подрачја. Без итна и сеопфатна реформа, ќе продолжи деградацијата и трајното губење на природните ресурси од кои зависиме сите ние. Секое натамошно одложување на донесувањето на новиот Закон за природата значи директно уназадување на природата во нашата земја.

КЛУЧНИ ПРОБЛЕМИ КОИ ЈА ПОТКОПУВААТ ЗАШТИТАТА НА ПРИРОДАТА

  1. Застарена и неефикасна законска рамка
    Постојниот Закон за заштита на природата е застарен, нефункционален и не обезбедува соодветна, долгорочна заштита и управување со нашите природни богатства.
    Недостасуваат јасни забрани: Нема конкретно наведени забранети активности и забрана за изградба на инфраструктурни проекти во заштитените подрачја, оставајќи ги ранливи на штетни интервенции и развој на инфраструктурни проекти.
  2. Институционална слабост и недостиг на стручност
    Политизација на управувањето: Директорите на националните паркови се политички функции, а не стручни кадри, што го поткопува професионалното управување.
    Недостиг на експертиза: Во институциите за заштита на природата и управувачките структури на заштитените подрачја нема доволно стручни кадри (биолози, еколози, хидролози и др.).
    Непостоење на стручно тело: Во Македонија недостасува научно тело – Завод за заштита на природата – кое би вршело оценка, следење и институционална координација.
    Слаба инспекција и надзор: Недостасуваат инспектори за спроведување инспекциски надзор врз природата, а царинските и полициските службеници се недоволно подготвени. Ренџерските служби во заштитените подрачја немаат соодветни овластувања и не постои добра меѓусекторска соработка.
  3. Хроничен недостиг на финансирање и неактивно управување
    Несоодветни капацитети на управителите: Управителите на заштитени подрачја немаат соодветни капацитети и ресурси да обезбедат ефикасна заштита, што резултира со губење на најголемите природни вредности поради нивно искористување за економски цели.
    Нема системско финансирање: Заштитените подрачја немаат системско финансирање од државниот буџет.
    Незаштитени подрачја и неактивно управување: Подрачја кои треба да бидат заштитени според закон, не се прогласуваат, а прогласените подрачја не се активно заштитени поради непостоење на Планови за управување и соодветен кадар.
  4. Биолошката разновидност како низок приоритет
    Низок степен на заштита на биодиверзитетот: Биолошката разновидност нема висок степен на заштита и сè уште не е приоритет во државните политики.
    Недостаток на податоци: Недостасуваат студии за причините за загуба на биолошката разновидност, и веродостојни, систематизирани и отворени податоци за дивиот свет.
    Загрозени клучни видови: Значајните видови како мечката, рисот и волкот немаат соодветна заштита преку национални акциски планови.
    Штетни секторски политики: Политиките за користење на минерални и рударски суровини, хидроенергија, енергија од ветер, патна инфраструктура и слично, директно штетат на природата, и ова претставува проблем кој се влошува дополнително кога нема соодветна консултација со експертите и јавноста.

РЕШЕНИЈА И БАРАЊА ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА
Бараме итна акција од страна на Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање за следните мерки:

  1. Итно донесување на нов Закон за природа
    Потребно е да се донесе нов, современ Закон за природа кој ќе одговори на тековните потреби и долгорочно ќе обезбеди заштита. Бараме Министерството за животна средина и просторно планирање итно да изработи нов текст на Законот за природа.
  2. Забрана за деструктивни активности во заштитените подрачја
    Со новиот Закон за природа да се предвидат забранети активности за секоја категорија заштитено подрачје. Новиот Закон за природа мора да воведе членови со кои ќе се забранат геолошки истражувања, експлоатација на минерални суровини и изградба на хидроелектрани во заштитените подрачја.
  3. Воспоставување на стручно, независно тело
    Итно воспоставување на стручно тело – Завод за заштита на природа.
    Новиот Закон за природа треба да обезбеди воспоставување на Завод за природа со соодветни овластувања за координирање, следење и мониторинг на природата и работата на заштитените подрачја.
  4. Професионализација на управувањето
    Директорите на националните паркови мора да поседуваат соодветна стручност. Управувачката структура на заштитените подрачја мора да вработи биолози, еколози, хидролози и други стручни кадри за сеопфатен мониторинг.
    Новиот Закон за природа мора да содржи јасни критериуми за стручноста на Директорот и кадрите во заштитените подрачја. Исто така, треба да се обезбедат соодветни овластувања за ренџерските служби и зголемување на кадрите за инспекција.
  5. Драстично зголемување на финансирањето и користење на еколошки такси
    Програмата за природа на Министерството за животна средина и просторно планирање треба да обезбеди системски средства за поддршка на управителите, донесување Планови за управување и вработување стручни кадри.
    Потребно е значително зголемување на буџетот за Програмата за природа од државата. Сите еколошки такси треба да се собираат на наменска сметка и дел од овие средства да се насочат исклучиво кон заштита на природата.
  6. Заштита на биодиверзитетот и усогласување на политиките
    Да се воспостави функционален Национален информативен систем за природа со редовно ажурирани податоци. Да се усвојат национални акциски планови за значајните видови како мечката, рисот и волкот, како и на сите други значајни и ендемични видови.
    Природата мора да биде државен приоритет, и сите други политики (рударство, енергетика, инфраструктура) мора да се усогласат со целите на заштитата на природата. Потребно е забрзано комплетирање и усвојување на акциските планови за заштита на мечката и рисот, и започнување на нова иницијатива за заштита на волкот. Новиот Закон за природа мора да гарантира достапност на податоците од Националниот информативен систем и средства за нивно редовно ажурирање.
    Имајќи го сето горенаведено предвид, ние, долупотпишаните организации бараме од Министерството за животна средина и просторно планирање итно да изработи нов текст на Законот за природа. Стоиме на располагање за сите консултации, совети и дискусии во текот на оваа постапка.

Со почит,
Центар за истражување и информирање за животна средина Еко-свест
Центар за климатски промени
Здружение за заштита и унапредување на животната средина Еко Логик Скопје
Здружение на граѓани за промовирање на велосипедизмот Вело Училишта
Здружение за заштита на животната средина Еко Герила Преспа – Ресен
Здружение за значење на еколошкото образование во осовремунување на образовниот процес ЗЕОООП
Здружение Рурална Коалиција Кичево
Здружение на инжинери за животна средина, Скопје
Здружение за истражување, застапување и лобирање на теми од област ана животната средина МАКЕДОНСКИ ЗЕЛЕН ЦЕНТАР, Скопје
Регионален центар за шумарство и руралеен развој – РЕФОРД, Скопје
Здружение за едукација, поддршка и стимулирање на млади и жени во агропрехранбениот сектор, екологијата и биодиверзитетот СИМБИОЗА ЛИНКЕСТИ Битола
Здружение за развој, едукација и еколошка етика ПОЛИМАТ 13
Здружение Сакам Да Кажам Скопје
Натура МК Скопје
Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ

Креативен активизам за едукација на младите

Креативен активизам за едукација на младите

Минатата недела во Демир Капија заврши серијата едукативно-креативни работилници за цијанотипија, реализирани со учениците од ОУ „Димче Ангелов – Габерот“, во соработка со тимот на Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“. Работилниците беа дел од пошироките активности насочени кон вклучување на локалната заедница во процесот на прогласување на заштитено подрачје, со посебен фокус на ангажирање на најмладите како идни амбасадори на заштитата на природата.

Во текот на работилниците, учениците изработија цијанотипски фотографии на најзначајните природни и културни обележја на Демир Капија и стекнаа нови знаења и вештини од областа на алтернативната фотографија.

Изработените цијанотипски фотографии претставуваат автентичен визуелен запис на Демир Капија, виден низ перспективата на децата, и ќе бидат користени за промоција на локалните природни и културни вредности пред пошироката јавност.

ОТВОРЕН ПОВИК ДО КОМПАНИИ ЗА РЕВИЗОРСКИ УСЛУГИ

Барање на понуда за ревизорски услуги

Основни информации

Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест од Скопје, работи на теми тесно поврзани со заштита на животната средина и има потреба од годишна ревизија за 2025 година.

Eко-свест објавува повик за изразување интерес од ангажирање на овластени ревизорски компании.

Цел и задачи на активностите

Цел на активноста е спроведување на ревизија на Еко-свест, подготовка и издавање на ревизорски извештај за организациско и финансиско работење на Еко-свест за периодот од 1 Јануари до 31 Декември 2025 година.

  • Потребно е да се направи увид и проверка на завршната сметка по нејзиното поднесување и потоа да изготви ревизорски извештај кој треба да биде спроведен во согласност со Меѓународните стандарди за ревизија ISA 800/805, ISRS 4400 и ИСА 700 (или Националните стандарди за ревизија доколку се сметаат за еквивалентна на меѓународните стандарди за ревизија).
  • Извештаите потребно е да бидат изготвени на македонски и англиски јазик.
  • Ивештаите од досегашното работење на Еко-свест ке може да се погледнат на следниот линк: Извештаи / Еко-свест (ekosvest.com.mk).

Временска рамка за доставување на понуда

Периодот за изразување на интерес за учество на повикот е 7 работни дена од објавување на отворениот повик.

Еко-свест ќе го контактира избраниот понудувач, не подоцна од 7 работни дена од истекот на периодот за доставување на понуда.

Временска рамка за спроведување на активноста

Периодот за спроведување на оваа активност изнесува најмногу 2 месеци од датумот на потпишување на Договорот, но не подоцна од 30.04.2026.

Буџет

Заинтересираните треба да достават понуди во македонски денари, со посебно назначен ДДВ и вкупен износ на понудата.

Потребна документација за пријавување

При пријавувањето, компаниите треба да достават:

  1. Портфолио на компанијата
  2. Краток опис на кoмпанијата
  3. Финансиска понуда изразена во МКД со вклучен ДДВ.
  4. Тековна состојба не постара од 6 месеци
  5. Пополнета изјава (Анекс 1)

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

Од избраниот понудувач, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува тековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; завршна сметка за 2024 (за правни лица); pотврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исплонува критериуме за учество (правно лице); биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.

Критериуми за понудувачите

  1. Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република Северна Македонија, и постои најмалку 3 години.
  2. Најмалку 3 ( три) години професионално работно искуство во спроведување ревизии на граѓански организации, странски фондации, програми и проекти спроведувани од граѓански организации и странски фондации.
  3. На повикот може да се пријават компании кои ги исполнуваат наведените правни и технички услови.
  4. Договор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број на бодови во сооднос на наведените критериуми.
  5. Комисијата за евалуација на понудите го задржува правото да го информира само понудувачот чија понуда била избрана како најсоодветна за овој повик

Оценка на понудите

За оценка на понудите ќе се формира комисија која ќе ги разгледа и оцени понудите. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми: портфолио на компанијата, капацитет за спроведување на ревизијата (број на лиценцирани вработени ревизори), временска рамка на спроведувањето и завршувањето на активноста, како и на финансиска понуда,

Договор ќе биде склучен со оној понудувач кој ќе биде оценет како најповолен. Еко-свест има право да го одобри или оспори изборот на ревизорот, во зависност од исполнувањето на условите.

Критериуми за избор на најсоодветна понуда

По истекот на рокот за пријавување, ќе се креира Комисија од 3 члена, која ќе изврши бодување на пристигнатите понуди.

Бодувањето на пристигнатите понуди ќе се изврши на следниот начин:

– Портфолио на компанијата (30 поени)

– Капацитет за спроведување на ревизијата ( 30 поени), (број на лиценцирани вработени ревизори),

– Финансиска понуда (40 поени)

Пријавување

Комплетната понуда, изјавување интерес и изјава, понудувачите треба да ја испратат на еmail: [email protected], најдоцна до 30 декември 2025 година до 16:00 часот со назнака. Ревизија: (име на понудувачот).

Некомплетни понуди и понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.

Повеќе информации или прашања можете да поставите на [email protected]

Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и доставени до сите поканети понудувачи и објавени на веб страницата на Еко-свест под повикот.

Еко-свест ќе го контактира избраниот понудувач, не подоцна од 7 дена од истекот на периодот за доставување на понуда.

Доверливост

Сите информации кои се поврзани со оценка на понудите нема да бидат споделувани со никој кој не е официјално вклучен во процесот на селекција, дури и по завршување на процесот на избор. Сите податоци ќе се третираат како доверливи и нема да се користат, прибираат, споделуваат за други цели надвор од овој повик и целта на истиот.