Започна приказната за #SaveJablanica: Младите креативци во акција за нашата планина!

Започна приказната за #SaveJablanica: Младите креативци во акција за нашата планина!

Оваа седмица беше направен првиот чекор кон заштита на еден од нашите највредни природни бисери. Во просториите на Europe House Struga се одржа првата информативна средба која го означи официјалниот старт на кампањата #SaveJablanica.

Учениците од СОУ “Д-р Ибрахим Темо” и СОУ “Нико Нестор” покажаа дека младите не се само набљудувачи, туку активни двигатели на промените. Преку оваа прва сесија, се информиравме за природните вредности на Јабланица и ги поставивме темелите за тоа како се гради јавна кампања која информира, мобилизира и инспирира.

🎨 Што следува во наредниот период?
Од сега, па сѐ до септември, влегуваме во возбудлива креативна фаза. Ова не е само теорија – ова е вистински маркетинг процес каде преку истражување и креативност ќе создаваме решенија за подигнување на свеста за прогласување на Јабланица за национален парк.

Нашите тимови ќе работат на:

👕 Одржлива мода (носливи пораки кои го привлекуваат вниманието);
📸 Професионална фотографија и изложба која ја доловува магијата на планината;
🎬 Кратки документарни видеа со силни пораки;
📱 Дигитална содржина и постери кои ќе го освојат социјалниот простор.

Јабланица заслужува да биде заштитена, а гласот на младите е најсилниот инструмент за таа цел. Нашата мисија е јасна: преку истражување и уметност да покажеме зошто Јабланица мора да биде национален парк!

Активностите се дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори – Фаза 2“ спроведуван од Eko-svest, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT

#заеднозаприродата #savejablanica

Во тек е отстранување на големо количество комунален отпад и градежен шут од речното корито на река Осојница после пријавување на алатката „Зелен телефон“

Во тек е отстранување на големо количество комунален отпад и градежен шут од речното корито на река Осојница после пријавување на алатката „Зелен телефон“

На нашиот сервис „Зелен телефон“ пристигна пријава за огромно количество одложен отпад покрај речното корито на река Осојница во општина Виница. 

Веднаш по пријавата, Еко-свест поднесе барање за инспекциски надзор до општинските инспекциски служби заедно со доставениот доказен материјал од страна на пријавителите.


После извршениот вонреден инспекциски надзор и утврдените неправилности изминатиот период активно се работеше на чистење на речното корито и поставување табли за забрането одложување отпад и шут.


Зелен телефон (071 600 333) е бесплатна алатка за граѓаните да пријавуваат еколошки проблеми и да се едуцираат за начините на решавање на истите. 

Како да побараш поддршка од Еко-свест?

Сите граѓани можат да остварат комуникација со нас на нашиот бесплатен сервис – ЗЕЛЕН ТЕЛЕФОН (071 600 333) и да пријават проблем од областа на животна средина и природата.

Тимот на Еко-свест ќе Ве контактира за сите дополнителни информации, докази, слики и видеа. 

Струга е само почеток – противзаконското работење во заштитeните зони е закана за безбедноста на целата држава!

Струга е само почеток – противзаконското работење во заштитeните зони е закана за безбедноста на целата држава!

Алармантната состојба со водоснабдувањето во Струга, каде што водата од водоводната мрежа е прогласена за неисправна дури и како техничка, не е само локален инцидент. Ова е последен црвен аларм и јасен сигнал дека незаконското работење и издавањето дозволи за деструктивни активности во близина на изворите ќе предизвикаат колапс на водните ресурси во целата држава. Струга денес е жртва на децениско игнорирање, но доколку не се запре овој институционален молк, утре истиот проблем ќе го има секој град во Македонија.

Иако изворот во с. Шум никогаш претходно не бил заматен, денес населението е оставено без основното право на пристап до чиста вода. Директна причина за оваа катастрофа е експлоатацијата на минерални суровини во непосредна близина на изворот, како и постоењето на објекти од цврста градба во строгата заштитна зона – активности кои се експлицитно забранети со Законот за водите (чл. 96-100).

И овој пат, институциите потфрлија во својата основна функција – заштита на здравјето на граѓаните!

Потсетуваме дека согласно чл. 100 од Законот за водите, во заштитните зони е строго забранета секоја активност која може да ја влоши состојбата на водното тело. Дополнително, Кривичниот законик (чл. 219) предвидува затворски казни за секој кој ќе ја направи водата за пиење неупотреблива, со посебни строги санкции за службени лица кои тоа го дозволиле.

УПАТУВАМЕ ИТНИ БАРАЊА ДО НАДЛЕЖНИТЕ МИНИСТЕРСТВА И ИНСТИТУЦИИ:

  1. ИТНО РЕШАВАЊЕ на состојбата во с. Шум и отстранување на сите нелегални објекти од цврста градба во потесната заштитна зона, согласно законските обврски за експропријација и заштита.
  2. ИТЕН ПРЕКИН на сите активности во заштитните зони на изворите и реките на територијата на цела држава, вклучително ископи, изградби и експлоатација на ресурси.
  3. РЕВИЗИЈА на сите досега издадени дозволи за работа кои се наоѓаат во потесните и пошироките заштитни зони.
  4. ОДГОВОРНОСТ од службените лица во релевантните министерства и Директоратот за животна средина кои со своето недејствување дозволија загрозување на јавното здравје.

Водата е стратешки ресурс и прашање на национална безбедност. Дозволите издадени за „бизнис интереси“ кои ги уништуваат изворите се директен напад врз опстанокот на граѓаните. Струга е првиот фронт – нема да дозволиме целата држава да остане жедна поради нечија небрежност и корупција.

Бараме итна реакција веднаш!

Одржана втора Еко трампа: Скопје успешно ги прифаќа светските еколошки практики

Одржана втора Еко трампа: Скопје успешно ги прифаќа светските еколошки практики

Одржливоста беше во фокусот на изминатиов викенд, каде околу 150 граѓани учествуваа на втората по ред „Еко трампа“, организирана од центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Настанот го претвори Скопје во вистински центар на свесно консумирање, докажувајќи дека концептот на циркуларна економија станува сè попопуларен меѓу граѓаните.

Енергијата на настанот наликуваше на оние од големите распродажби во продавниците, но со многу поблагороден ефект врз планетата. Наместо купување нови производи, присутните носеа свои сочувани предмети за размена, со што се осигураа дека заборавените богатства ќе најдат нов дом наместо да завршат на депонија.

Учесниците разменија широк спектар на предмети, покажувајќи ја креативната страна на овој начин на живеење. 

Облеката и обувките беа најзастапени, па граѓаните си заминаа дома со нови, квалитетни парчиња гардероба и чевли.

Меѓу изложените предмети особено се истакнаа уникатните парчиња накит и модните додатоци кои веднаш привлекоа нови сопственици.

Љубителите на пишаниот збор разменија голем број книги, со што дополнително ги збогатија своите домашни библиотеки и го поттикнаа читањето.

Преку „Еко трампата“, Еко-свест продолжува да ја промовира филозофијата на „повторна употреба и рециклирање“. Оваа иницијатива ја намалува потребата за ново производство, го намалува отпечатокот врз животната средина и ја поттикнува солидарноста во заедницата преку едноставниот чин на споделување.

Решен повеќемесечен проблем после брза реакција од инпекциските служби во Општина Кисела Вода пријавен на алатката „Зелен телефон“

Решен повеќемесечен проблем после брза реакција од инпекциските служби во Општина Кисела Вода пријавен на алатката „Зелен телефон“

На нашиот сервис „Зелен телефон“ пристигна пријава за одложен отпад во општина Кисела Вода кој со месеци не бил отстранет.
Веднаш по пријавата, а во координација со инспекциските служби во општина Кисела Вода изминатиот период најдено е потенцијално решение за дотогашниот проблем, а отпадот кој со месеци стоеше е отстранет.


Имено, контејнерите сега се повлечени во внатрешниот дел од дворот, редовно се чистат и поставена е капија која се заклучува во 15 часот секој ден. Се надеваме дека овој проблем нема да се повторува и дека ова е потенцијално трајно решение.


Зелен телефон (071 600 333) е бесплатна алатка за граѓаните да пријавуваат еколошки проблеми и да се едуцираат за начините на решавање на истите.