Промената на секојдневните навики во насока на заштеда на електрична енергија, вода, намалување на отпадот во домот и употреба на одржлив транспорт е огромен предизвик во држава која не секогаш има услови за тоа, но убаво е чувството на превземање чекори за подобрување на условите за живот во заедницата и намалување на индивидуалното влијание врз климатските промени. Ова беше заклучокот од панел дискусијата на завршниот настан од наградната кампања Акција во низа за стоп на климатска криза.
Наградната кампања Акција во низа за стоп на климатска криза се спроведе во период од 11 декември 2023 до 22 јануари 2024, и граѓаните на Македонија имаа можност да ги споделат одржливите навики кои ги применуваат во своето секојдневно живеење со цел намалување на јаглеродниот отпечаток. Вкупно 73 граѓани ги споделија промените кои ги прават во секојдневните навики за да влијаат помалку на загадување на животната средина. На настанот се прикажаа петте добитници и нивните одржливи навики, како и останатите пријави кои навистина инспирираа. Погледнете ги сите учесници тука.
Од употреба на реупотреблива амбалажа како тегли и торби од реупотребени ќеси за пазарење локални производи на пазар, до заштеда на вода со ситем за фаќање на дождовница, заштеда на електрична енергија и употреба на сончева енергија и компостирање за намалување на отпадот во домот. Граѓаните покажаа дека со мали промени во секојдневните навики, возможно е да се направи големо влијание врз ублажување на последиците од климатските промени. Уште поважно е дека секој од учесниците претставува добар пример во зедницата каде живее и мултипликатор на одржливи практики.
„Нашата куќа ја направивме сами од конструкција на веќе постоечка монтажна барака која ја расклопивме и склопивме одново, надвор од градот. Во неа живееме веќе 14 години. Не сме приклучени на електрична мрежа, домот се пои со соларна енергија. Тоа нѐ учи да штедиме и да бидеме поврзани со циклусот на природата. Тој начин на живот е една дисциплина во свесното користење на енергија, во себе и околу себе. Внимаваме колку земаме, колку создаваме и колку оставаме.“
Ивана Батев, добитничката на првата награда
„Купуваме во големи количини за да одбегнеме непотребно фрлање на пластика, стакло, метал, одбегнуваме користење пластика за еднократна употреба и никогаш не земаме пластични ќеси за пазарување. Купуваме локална органска храна колку што е возможно повеќе, старата облека ја донираме или организираме маалска распродажба.“
семејството Карашови од Охрид кои ја добија втората награда
Заштедата на ресурси, намалувањето на отпадот кој го создаваме во домот и користење одржлив транспорт се активности со најголемо влијание врз ублажувањето на последиците од климатските промени кои може да ги направи секој, меѓутоа за да станат помасовни потребно е државата да обезбеди политики и мерки кои ги подржуваат како и потребна инфраструктура. Но, искуството на развиените земји покажува дека често граѓаните се оние кои преку самоорганизирање можат да поттикнат промени во политиките и мерките на државата.
Јавниот награден конкурс се спроведе во рамки на проектот ,,Граѓанските организации во акција за климатските промени” е финансиски поддржан од страна на владата на Шведска, а спроведуван од Центарот за истражување и информирање во животната средина Еко-свест, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе (CNVP).
Во рамки на проектот „Повторно поврзување на реките во Северна Македонија-развој на методологија и идентификација на приоритетни каскади за отстранување“ е изработена правна анализа за статусот на препреки, брани и други инфраструктурни градби во сливното подрачје на реката Пчиња. Проектот е финансиски поддржан од Open Rivers Foundation од Велика Британија.
Овој документ претставува анализа на законските решенија кои го регулираат правниот статус на препреките, браните и други инфраструктурни градби во сливното подрачје на реката Пчиња.
Целта на анализата е да се изработи методологијата која ќе послужи како патоказ за утврдување на можностите за отстранување на овие објекти од аспект на нивниот правен статус и во согласност со важечката законска регулатива. Предложената методологија содржи клучни параметри за проценка на правниот статус на објектите и скала/рангирање со бодови. Целта на методологијата е да го помогне процесот за идентификување на оние објекти кои според нивниот правен статус и влијание врз биодиверзитетот и животната средина треба да бидат отстранети.
Анализата е изработена од професорот д-р Игор Камбовски во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест.
Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест ја објавува изработената експертска анализа „Методологија и идентификација на приоритетни каскади за отстранување“.
Aнализата е изработена во соработка со Геобалканика и тим на експерти од областа на: ихтиологија, инвертебрата и вегетација, како придонес кон повторно поврзување на реките и одржување на флувијалниот континуитет на живиот свет, за потребите на проектот „Повторно поврзување на реките во Северна Македонија“. Проектот е поддржан од European Open Rivers Programme.
Во анализата се опфатени истражувања на макроинвертебрати, ихтиолошки и макрофитски истражувања. Направено е хидроморфолошко истражување на големите води во сливот на Крива река и нејзиниот речен нанос. Исто така е изработена методологија за приотетизација на каскади за отсранување, како и ГИС база на каскадите во сливот на реката Пчиња.
Изработената методологијата понатаму ќе се користи на национално ниво за сите речни сливови во земјата и таа ќе послужи за приоретизација на одредени каскади за отстранување.
Македонија има сѐ поамбициозни планови за зголемување на употребата на фосилен гас. Но, овие планови беа разработени пред скорешната енергетска криза. Освен климатските катастрофи со кои се соочуваме, зависноста од увоз и ограничувањето во употребата на фосилни горива, пред сѐ гасот, новото истражување покажува дека трошоците за изградба на гасоводната мрежа се зголемени, а со тоа стапката на гасификација во домовите се повеќе ќе се намалува. Наместо тоа, значајни инвестирања може да се направат во алтернативни извори на енергија, како што се инсталирање на соларни системи, топлински пумпи или подобрување на енергетската ефикасност преку реновирање во домаќинствата.
Пипа Галоп, Бенквоч и Ана Чоловиќ-Лешоска, Еко-свест
Во 2021 година, целиот Западен Балкан потроши помалку од 1 процент од фосилен гас што се користи во ЕУ. Но, Македонија има сѐ поголеми планови за зголемување на својата потрошувачка, пред сѐ во домовите, индустријата, како и за производство на електрична енергија.
Плановите за изградба на прстенеста главна гасоводна мрежа и дистрибутивна мрежа постојат со години, но нивната реализација се одвива многу бавно. За гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар, во ноември 2019 година, беше објавено дека се завршени 53%, но од тогаш се поминати повеќе од 4 години и истиот сѐ уште не е завршен. Не е јасно дали проблемот е експропријација, со теренот или нешто друго.
Владата сега се фокусира на изградба на гасниот интерконектор со Грција, со почетен капацитет од 1.5 милијарди кубни метри годишно. Во 2021 година, година во која потрошувачката на гас во Македонија беше најголема досега, земјата искористи 426 милиони , што е помалку од третина од планираниот капацитет на новиот гасовод. Имајќи предвид дека постоечкиот гасовод од Бугарија ќе продолжи да функционира, ова создава значителен ризик – било од заробени финансии или од зголемената употреба на фосилниот гас во децениите што доаѓаат.
Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) одобрија финансирање за проектот уште во 2021 година, непосредно пред целосната инвазијата на Русија врз Украина, што уште еднаш го истакна неумешно планираното зголемување на зависноста од увоз на фосилни горива. Но, не само што ниту една од тие институции не го разгледа повторно проектот оттогаш, туку и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) сега размислува за финансирање на истиот.
Бидејќи ниту една од овие институции, ниту Владата на Македонија не објавија информации до јавноста за изводливоста на гасоводот или прогнозите за потрошувачката на гас по почетокот на енергетската криза (последната студија на ЕБОР беше во 2020 година), Eко-свест, членка организација на Bankwatch спроведе истражување заедно со Регионалниот центар за истражување на енергетски политики од Унгарија (REKK) за да анализира што се променило оттогаш и какво би било влијанието на оваа инвестиција врз домаќинствата.
Повисоките трошоци на мрежата го прават префрлувањето на фосилен гас неизводливо за домаќинствата
Не само што цените на гасот во последниве години станаа многу нестабилни, туку и трошоците за изградба на гсоводната мрежа, исто така, се зголемија. REKK проценува дека се очекува зголемување од најмалку 35% според плановите на Владата, што резултира во вкупните трошоци за изградба од 791 милиони до над 1 милијарда евра за гасоводната мрежа, без трошоците за користење на земјиштето и дополнителните инвестиции за компресори.
Ако се претпостави дека корисниците на системот плаќаат за изградбата и работењето на мрежата, ова би имало големо влијание на потрошувачите, со проценета тарифа за мрежата од 12-26.6 ЕУР/MWh. Сегашните тарифи за гасоводите кои изнесуваат 6 ЕУР/MWh, со изградбата на гасоводната мрежа би се зголемиле за 100 до >300% во однос на моменталните тарифи.
Според сегашните регулативи, трошоците за мрежата се потценети. Но, доколку корисниците мора да платат за изградба на мрежата – што би било единствената фер опција – цената на гасот на крајниот корисник може да изнесува 55-79 ЕУР/MWh во зависност од сценариото за гасификација.
Врз основа на деталниот пристап за моделирање за домаќинствата, REKK дојде до заклучок дека, доколку домаќинствата и другите корисници треба да ги платат вкупните трошоци за инвестирање во мрежата, тарифите за мрежата ќе бидат толку високи што ниту едно од домаќинствата нема да се префрли на гас.
Високите трошоци го оневозможуваат поврзувањето на домаќинствата на гас
Плановите за гасификација во Македонија предвидуваат високи стапки на поврзување од страна на домаќинствата на гас. На пример, студијата на Европската банка за обнова и развој од 2020 година предвидуваше стапки од 55-105% (105% значи сите постоечки згради плус уште некои од зградите кои не се уште изградени), во зависност од општината. Но, овие претпоставки се базираа врз искуството од Солун, Грција, а не на сопственото искуство во државата. Исто така беше истакнато дека многу од овие поврзувања ќе бидат овозможени преку укинување на таксите за поврзување на домаќинствата, иако трошоците потоа ќе бидат надокнадени преку тарифи за користење на системот.
Во Македонија, од друга страна, до 2022 година, беа потребни повеќе од 12 години за поврзување на само 503 потрошувачи директно на гасната дистрибутивна мрежа во Скопје, Куманово и Струмица. Ова е главно поради тоа што луѓето сметаат дека поврзувањето е скапо.
REKK исто така потврди дека опремата за греење и инсталацијата може да бидат премногу скапи за многу домаќинства во Македонија и разгледа различни сценарија за префрлување базирани на приходите на луѓето кои би можеле да се префрлат. Резултатот имаше значително влијание врз побарувачката, па затоа е важно точно да се предвиди: доколку 20% од домаќинствата се префрлат на гас, побарувачката ќе достигне најмногу 0.5 TWh/годишно по релативно ниски цени на гасот (дури и помалку при повисоки цени), додека во малку веројатното сценарио, доколку 80% се префрлат, ќе достигне 2 TWh/годишно.
Иако REKK истакна дека ова може до одреден степен да биде под влијание на субвенциите, ова според нас е многу недомаќинско употребување на јавните пари. Ако треба да се обезбеди поттик на домаќинствата, субвенциите мора да бидат за одржливи и обновливи технологии како што се топлински пумпи и соларни термални системи.
Трошоците за гас остануваат непредвидливи, но имаат силно влијание
РЕКК утврди дека релативните цени на горивата се клучни за резултатот од моделирањето. Цената на гасот вртоглаво порасна во енергетската криза, но не важи истото и за цената на регулираната струја за домаќинствата во Македонија. Така, само ниската цена на гас во споредба со електричната енергија и/или огревното дрво би ги поттикнала домаќинствата да се префрлат на гас.
Според истражувањето на РЕКК, цената на гасот во Бугарија, Грција и Македонија ја следи холандската големопродажна цена на берзата, која е доминантно одредена од глобалниот пазар на гас, проследена со влијанието на европската побарувачка. Иако ова е подложно на големи флуктуации, претходното истражување на Еко-свест сугерира дека потенцијалните потрошувачи на гас за домаќинствата во Македонија можеби не се свесни за ова и веруваат дека фосилниот гас е прилично евтин. Сепак, поради трошоците за поврзување наведени погоре, ова нема автоматски да резултира со поврзување на голем број домаќинства на мрежата.
Сето ова фрла голем сомнеж врз тврдењата на ЕБОР дека гасификацијата значително ќе го намали загадувањето на воздухот од греењето на домаќинствата.
Попаметно искористување на јавните пари
REKK исто така разгледа што би можело да се направи со парите кои се очекува да бидат потрошени за гасоводот. Студијата откри дека, со шема која покрива 90% од трошоците и доколку 10% покријат самите домаќинства, 49% од домаќинствата може да бидат покрени со 3 киловатни фотоволтаични инсталации, 40% со топлински пумпи кои работат на принципот воздух-воздух или 15% може да ја подобрат својата енергетска ефикасност преку подобрување на изолацијата.
Со ваквите итни и потебни опции, повеќе од крајно време е Македонија да ја преиспита својата одлука за употреба на фосилен гас и да ги прилагоди своуте енергетски планови кои ќе се реализираат следните неколку децении. И, доколку Европската Комисија и Европските јавни банки сакаат да направат добро за луѓето од регионот, тие мора веднаш да го поддржат овој процес.
Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје отвара повик за вработување на правник за прашања од областа на животната средина.
За Еко-свест
Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина.
Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции.
Посебни цели и задачи на „Еко-свест“ се:
– Информирање за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и луѓето;
– Промовирање на решенија за здрави и одржливи пракси и политики во областа на заштита на животната средина и застапување на истите во процесите на креирање политики;
– Истражувања и анализи во област на заштитата на животната средина и човековото здравје;
– Промовирање и застапување за учество на јавноста во процесите на донесување одлуки во област на животната средина и поддршка на заедниците за остварување на ова право;
– Информирање и едуцирање на јавноста за можните негативни влијанија и начините за спречување и избегнување на истите врз животната средина и човековото здравје особено кај жените, децата и старите лица;
– Формирање и водење на коалиции и други тела составени од организации, експерти и институции со цел заедничко застапување за заштита на животната средина;
– Активно учество во постапките на измена и донесување на законски акти во област на заштита на животната средина;
– Спроведување на посебни активности во областите на:
заштита на климата
заштита на природата
заштита на медиумите на животната средина (воздух, води, почва)
одржлив развој на локалните заедници
одржлив транспорт
одржливи и паметни решенија за енергетскиот систем
Во согласност со стратешките приоритети, Еко-свест има потреба од ангажирање на правник кој ќе работи заедно со програмските тимови на правни прашања поврзани со теми од областите на делување на организацијата.
Ангажираниот правник ќе ги има следните работни задачи:
Обезбедување на правни информации, правна поддршка и правни совети на прашања кои произлегуваат од областите на делување на Еко-свест: клима, енергетика, природа, води, активно граѓанство;
Следење на националната законска рамка и работата на институциите од областа на животната средина и други релевантни сектори во корелација со животната средина (енергетика, земјоделие, шумарство, транспорт, здравство), поврзување со меѓународни обврски и институции (по потреба и во координација со тимот на Еко-свест);
Документирање на случаи за прекршување на законите и обврските од областа на животната средина, анализа на податоците и подготовка на извештаи или коментари;
Застапување за унапредување на законите, политиките и практиките во областа на животната средина и други релевантни области во корелација со животната средина (економија, земјоделие, шумарство, транспорт, здравство и др.);
Креирање на предлиози за законски измени и дополнувања и други правни акти, вклучувајќи следење на процесите на донесување, подготовка на коментари и препораки за подобрување на закони, подготовка на барања, предлози до институции за нивно прифаќање во сите фази на донесување на правните акти;
Подготовка на правни иницијативи, жалби, претставки и тужби по потреба;
Идентификување на правни проблеми при спроведувањето и планирањето на политики од областа на животната средина;
Спроведување на истражувања и подготовка на компаративни анализи на теми поврзани со унапредување на политиките и практиките од областа на животната средина;
Поддршка на персоналот на Еко-свест во подготовката на извештаи;
Координирање на активности кои имаат правна природа и се важни за целите на Еко-свест со партнерските организации и институции;
Комуникација на целите, резултатите на Еко-свест пред медиумите и јавноста;
Други задачи во врска со работата на Еко-свест поврзани со правни прашања од областа на животната средина.
Кандидатите треба да ги исполнуваат општите, како и следните посебни услови:
Високо образование од областа на правните науки;
Добро разбирање на основните аспекти, проблеми и правни прашања од областа на животната средина;
Најмалку една до три години работно искуство во здружение на граѓани или пружање на правни услуги во здруженија, други организации/или институции;
Познавање на MS Office и интернет алатки за објавување на информации (WordPress, социјални медиуми);
Добри комуникациски и организациски вештини;
Искуство во подготовка на анализи, истражувања, студии;
Одлично познавање и користење на устен и пишан англиски јазик е задолжително;
Развиени истражувачки и аналитички способности;
Услови кои се сметаат за предност:
Завршено високо образование од област на правото. Завршени или тековни постдипломски студии на теми поврзани со прашања од областа на животната средина ќе се смета за предност;
Познавање на националната и меѓународната правна рамка за заштита на водите, природата, видовите и нивните живеалишта, климатските промени, енергетиката, стандарди за оцена на влијанијата врз животната средина, учество на јавноста во донесување на одлуки и сл.;
Искуство со застапување за политики и практики во областа на животната средина (или други прашања од јавен интерес);
Желба и мотив за работа во граѓанска организација која третира прашања и политики од животната средина и граѓанскиот активизам.
Кандидатите треба да ги поседуваат следните вештини и способности:
отворена комуникација (усна и писмена) и презентација;
брзо прифаќање и прилагодување кон нови задачи;
тимска работа во мултикултурно опкружување;
извршување повеќе задачи истовремено;
желба за континуирано учење и надоградување.
уредност и организираност.
Работни услови:
Неделното работно време е 40 часа со работно време од 9-17 часот. Локација на вршење на работните обврски е во Скопје. Со избраниот/ата кандидат/ка ќе биде потпишан договор за вработување на определено време на 1 месец кој може да се продолжи врз основа на покажаните квалитети и перформанси. Месечна нето плата, согласно политиката за личен доход на Еко-свест е помеѓу 40 000 и 80 000 денари нето и се утврдува согласно искуството и вештините на кандидатот. Конкретната плата на избраниот кандидат/ка ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување.
Начин на пријавување:
Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:
Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
Професионална биографија во EuropassEUформат;
Контакт информации за најмаку три лица/организации кои би можеле да дадат професионална препорака.
Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Пријава за Правник.
Пријавувањето е тековно и трае до пополнување на работната позиција.
Еко-свест ќе ги контактира само оние лица кои ќе бидат селектирани за тестирање и интервју. Нецелосните и неправилните пријави нема да бидат разгледани. Изборот на кандидатите/ките ќе се изврши врз основа на Законот за работни односи. Еко-свест е рамноправен работодавач.
Најнови коментари