Поголемо учество и транспарентност, како и следење на индикаторите за мерките предвидени во годишните планови за праведна транзиција, побараа учесниците на вчерашниот настан посветен на праведната транзиција во Битола.
Настанот го организираа Еко-свест од Скопје и МКЦ од Битола, каде претставници на општините, граѓански организации, синдикати, бизнис секторот и експертската јавност дискутираа за потребата од побрза, потранспарентна и поинклузивна имплементација на процесот на праведна транзиција во земјата.
Во дискусијата беше истакнато дека имплементацијата на Годишните планови за праведна транзиција е од клучно значење, но и дека е неопходно воспоставување јасни индикатори кои ќе покажат дали процесот навистина дава резултати.
„Годишните планови за праведна транзиција мора да содржат јасни и мерливи индикатори за следење на напредокот. Тие треба да го следат намалувањето на емисиите на стакленички гасови, придонесот кон националните климатски цели и намалувањето на производството на јаглен но и економски и социјални индикатори поврзани со квалитетот на живот и загадувањето“ – изјави Елена Николовска од Еко-свест.
Учесниците побараа извештаите за степенот на имплементација на годишните планови за праведна транзиција, како и сите работни документи, да бидат јавно достапни и лесно пристапни за регионите со јаглен и за пошироката јавност. Се нагласи и потребата од финансиски средства за имплементација на плановите.
„Земјите кандидати за членство во Европската Унија имаат потреба од дополнителна финансиска поддршка од ЕУ за успешно спроведување на праведната транзиција, особено во регионите со јаглен кои се најдиректно погодени од енергетската трансформација.“ – рече Сашо Додовски од МКЦ Битола
На настанот се обрати и Амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, кој ја истакна важноста од вклученоста на сите актери во овој значаен процес. Градоначалникот на Битола ја потврди континуираната заложба и работа на Општина Битола во сите процеси кои се поврзани со понатаможниот развој на градот и регионот.
На крајот од дискусијата беше нагласено дека праведната транзиција не смее да остане само политички термин, туку претставува вистински тест за тоа како ќе функционира енергетската транзиција во пракса и дали таа ќе биде праведна, инклузивна и одржлива за сите граѓани.
Локации: Тресонечка Река, Галичка Река (НП Маврово) и река Бистрица (НП Шар Планина)
1. Вовед и цел на повикот
Еко-свест објавува повик за изразување интерес од специјализирана компанија/конзорциум за изведба на теренски реставраторски активности. Наместо традиционални тешки инженерски зафати, овој проект се фокусира на решенија базирани на природата (Nature-based Solutions) со цел обновување на хидроморфологијата, рипариските појаси и влажните живеалишта.
2. Опсег на работа
Избраниот изведувач ќе биде одговорен за спроведување на сите или дел од пакет мерки поделени во неколку клучни категории:
А. Хидроморфолошка реставрација
Модификација на бариери: Отстранување или техничка адаптација на мали прагови и цевни премини за воспоставување надолжна поврзаност на реките.
Реобликување на корита: Создавање на riffle-pool секвенци (плитаци и вирови) и воспоставување локални меандри за зголемување на хидрауличката хетерогеност.
Поплавни тераси: Оформување на мали странични корита (backwaters) и инсет тераси за поврзување на реката со поплавната рамнина.
Б. Биотехнички и био-инженерски мерки
Инсталација на Large Woody Debris (LWD): Стратешко поставување и закотвување на дрвна маса (стебла, корени) во коритото.
Стабилизација со живи материјали: Користење на живи фашини, плетени ролни од врбови прачки и снопови од автохтона вегетација наместо бетонски заштити.
Камени структури: Поставување на камени блокови и дефлектори (rock vanes) за насочување на текот и заштита од ерозија.
В. Обнова на крајречни појаси и GWDTE системи
Ревегетација: Садење автохтони видови (Alnus, Salix, Populus) во јадрото на крајречната зона (0-10 m).
Re-wetting (Повторно навлажнување): Затворање на штетни дренажни канали и создавање микро-депресии за задржување на водата во влажните ливади.
Г. Поддржувачки мерки
Санација на локални жаришта со отпад и чистење на диви депонии.
Изведба на анти-ерозивни пречки на шумски патишта (cross-drains).
3. Специфични барања и пристап
Изведувачот мора да се придржува до следните принципи:
Минимален отпечаток: Работа со лесна механизација и рачен труд каде што е потребно за да се заштити постоечката вегетација.
Локални материјали: Примарно користење на локален камен, дрво и автохтони растенија.
Фазна имплементација: Спроведување на мерките на приоритетни делници од 1–2 km со можност за идно проширување.
4. Квалификации на понудувачот
Докажано искуство во нискоградба, хидротехнички зафати или еколошки инженеринг.
Искуство во работа во заштитени подрачја (предност).
Располагање со соодветна механизација и стручен кадар (биолози, шумарски или хидро-инженери).
Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република Северна Македонија, и постои најмалку 3 години.
Најмалку 3 ( три) години професионално работно искуство во доменот на работната задача
5. Потребна документација за пријава
Профил на компанијата и листа на референтни проекти.
Писмо за намера: Со назнака за која категорија мерки се пројавува интересот- А, Б, Б или Г (да се наведат сите мерки кои може да ги спроведе понудувачот).
Потпишана изјава за исполнување на критериумите за доставување писмо за намера и понуда (Анекс 1)
Напомена: Изведбата на овие мерки ќе се врши во тесна соработка со стручниот тим на Еко-свест и управите на НП Маврово и НП Шар Планина.
Доставување на документацијата
Повикот е отворен од 04.05.2026 до 12.05.2026 година.
Заинтересираните компании можат да изразат интерес за давање понуда најдоцна до 12.05.2026 година во 16:00 часот.
Изразувањето интерес треба да се достави во електронска форма на [email protected] . Наслов на пораката Изразување интерес за спроведување на пилот-реставраторски мерки.
Заинтересираните понудувачи може да поставуваат прашања до [email protected] најдоцна до 8 мај 2026.
Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот.
Некомплетна документација или документација испратена по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.
Доставените материјали остануваат во архивата на Еко-свест.
Критериуми за избор
По истекот на рокот за пријавување, ќе се креира Комисија од 3 члена, која ќе изврши бодување на пристигнатите пријави.
Критериумот за избор на пријавите:
– Искуство на понудувачот и претходно спроведени слични проекти
– Технички капацитет и расположливи ресурси.
Компаниите кои ги исполнуваат критериумите и се избрани од страна на Комисијата ќе бидат поканети да достават финансиска понуда за спроведување на мерки, за кои ќе биде даден детален преглед и опис.
Доверливост
Сите информации кои се поврзани со оценката на понудите нема да бидат споделувани со никој кој не е официјално вклучен во процесот на селекција, дури и по завршување на процесот на избор. Сите податоци ќе се третираат како доверливи и нема да се користат, прибираат, споделуваат за други цели надвор од овој повик и целта на истиот.
Најнови коментари