Македонските градоначалници во посета на Хрватска, учат за можностите на граѓанските енергетски заедници

Македонските градоначалници во посета на Хрватска, учат за можностите на граѓанските енергетски заедници

Во периодот од 15 до 18 јуни, делегација составена од градоначалници и секретари од шест македонски општини учествуваше на студиска посета во Хрватска посветена на развојот на граѓанските енергетски заедници. Претставници на општините Битола, Кичево, Новаци, Демир Капија, Куманово и Вевчани ги посетија Загреб, Пушќа, Забок, Крижевци и Риека, каде се запознаа со успешни модели за активно учество на граѓаните и локалните самоуправи во производството, споделувањето и управувањето со обновлива енергија.

Студиската посета беше насочена кон размена на практични искуства кои ќе придонесат кон спроведувањето на новиот Закон за енергетика и Националниот план за енергија и клима на локално ниво. Овие два стратешки документи ги препознаваат граѓанските енергетски заедници и активното учество на потрошувачите како важни механизми за забрзување на енергетската трансформација, зголемување на производството на обновлива енергија и намалување на трошоците за домаќинствата и јавните институции. – изјави Жарко Конески од Еко-свест 

За време на посетата, македонската делегација се сретна со претставници на општините Пушќа, Забок и Крижевци, со претставници на енергетските заедници во Загреб и Северен Јадран во Риека, како и со граѓански енергетски задруги и Регионалната енергетско-климатска агенција за Северозападна Хрватска. Учесниците имаа можност непосредно да ги посетат проектите во кои општините и граѓаните заеднички инвестираат, управуваат и произведуваат електрична енергија, покажувајќи дека ваквиот модел носи економски, социјални и еколошки придобивки за локалните заедници.

Горан Чачиќ, програмски раководител во Зелената енергетска задруга (ЗЕЗ) од Загреб, истакна дека енергетската транзиција не значи само замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија, туку и можност граѓаните, општините и локалните заедници да станат активни учесници во енергетскиот систем. „Така придобивките од производството на чиста енергија остануваат таму каде што се создаваат – во локалните заедници. Особено ни е драго што имавме можност да споделиме дел од нашите искуства со градоначалниците и претставниците на општините од Македонија и се надеваме дека оваа размена ќе поттикне нови иницијативи за развој на граѓански енергетски заедници и во Македонија“, изјави Чачиќ.

Посетата покажа дека граѓанските енергетски заедници не претставуваат само успешна европска практика, туку и реална можност за Македонија. Со донесувањето на Законот за енергетика во 2025 година и со мерките предвидени во Националниот план за енергија и клима, веќе постои законска основа овие модели да се развиваат и кај нас. Следниот чекор е нивно практично спроведување преку активна соработка меѓу општините, граѓаните, институциите и локалниот бизнис.

Студиската посета, организирана од Еко-свест со поддршка на Фондацијата Хајнрих Бел и Шведска, придонесе за зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи и отвори простор за понатамошна соработка и размена на искуства. Научените лекции ќе им помогнат на македонските општини полесно да ги применат новите законски можности и да развиваат локални енергетски иницијативи кои ќе придонесат кон исполнување на националните климатски и енергетски цели.

Еко-свест во нова канцеларија!

Еко-свест во нова канцеларија!

Ве информираме дека Еко-свест се пресели во нова канцеларија со следната адреса:

Киро Крстевски Платник, број 6/1.

Локацијата е на истата улица со Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ до детската градинка „13ти Ноември“, наспроти Холандска Амбасада.

Телефонскиот број и е-маил остануваат исти:

Телефон: +389 (0)2 321 7247

Е-маил: [email protected]

Работно време: од 8:00 до 16:00 часот

Уште една успешно одржана Еко трампа

Уште една успешно одржана Еко трампа

Изминатиов викенд, просторот на „Бистро Комедија“ беше исполнет со позитивна енергија, дружење и силна порака за заштита на животната средина. Граѓаните уште еднаш ја потврдија својата висока еколошка свест, масовно учествувајќи на четвртата по ред Еко трампа.

Овој настан, кој веќе прераснува во убава традиција, има за цел да ја поттикне културата на реупотреба на предмети и да ја подигне свеста за намалување на отпадот. Наместо купување нови работи, посетителите имаа можност да ги заменат своите добро зачувани предмети за нешто што им е потребно.

Дека концептот на циркуларна економија одлично функционира во пракса, докажа и богатата понуда на настанот. Разновидноста на предмети кои граѓаните ги донесоа на трампата ги надмина очекувањата. Меѓу изложените парчиња можеа да се најдат:

  • Мода и додатоци: Голем број фустани, кошули и уникатен накит;
  • Домашни декорации: Интересни парчиња украси кои ќе ги разубават новите домови;
  • Литература: Многубројни книги кои брзо ги пронајдоа своите нови читатели;
  • Техника: Како доказ дека на трампата може да се најде речиси сè, меѓу предметите се појави и функционална еспресо машина.

Преку ваквите иницијативи покажуваме дека малите чекори на поединецот водат кон големи промени во заедницата. Еко трампата не е само место за размена на материјални нешта, туку и простор за споделување вредности и градење посвесно општество.

Успехот на четвртата Еко трампа е јасен показател дека граѓаните сè повеќе го препознаваат значењето на одржливиот начин на живот, а „Бистро Комедија“ уште еднаш се покажа како одличен домаќин за ваков тип општествено одговорни настани. Организаторите најавуваат уште многу вакви дружења во иднина.
Четвртата Еко трампа се одржа со поддршка од Општина Центар.

Нашите коментари за новиот Закон за природа: Заштита сега, а не „здравје“ кога ќе влеземе во ЕУ!

Нашите коментари за новиот Закон за природа: Заштита сега, а не „здравје“ кога ќе влеземе во ЕУ!

На почетокот на јуни 2026 година, на владината платформа ЕНЕР беше објавен предлог-текстот на новиот Закон за природа. Ние во „Еко-свест“ ја поздравуваме оваа иницијатива бидејќи нов, модерен закон за заштита на природата ни е повеќе од потребен.

Токму денес, на 11 јуни, денот на Балканскиот рис мораме да потсетиме дека нашето природно наследство и нашата природа зависат од доследното спроведување на законската рамка! По детална анализа на нацрт-законот, забележавме сериозни пропусти и затоа доставивме официјални коментари и конкретни предлози до надлежните, со цел законот навистина да ја штити природата, а не да биде само мртво слово на хартија.

Што е проблемот со предложениот закон?

Најголемиот недостаток е што законот ја одложува вистинската заштита на природата за во иднина. Еве ги клучните точки на кои реагираме:

  • Чекање на влез во ЕУ на штета на нашата природа: Предлог-законот предвидува заштитата на европската мрежа на заштитени подрачја (позната како „Натура 2000“) да започне дури откако Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Ова е погрешен пристап. Тоа значи дека нашите највредни природни подрачја и видови ќе останат без заштита и изложени на уништување уште со години.
  • Игнорирање на европските правила: Текстот не е целосно усогласен со европските директиви за птици и живеалишта. Недостигаат клучни алатки, како што е т.н. „соодветна проценка“ – механизам кој треба однапред да каже дали некој проект ќе и наштети на природата.

Што бара „Еко-свест“?

Законот мора да се подобри веднаш. Нашите главни барања и предлози се:

  1. Стоп за индустријата во заштитените подрачја: Бараме јасни и строги забрани за рудници, хидроцентрали, тешка индустрија и големи инфраструктурни проекти во националните паркови и сите други заштитени подрачја.
  2. Заштита веднаш, а не по десет години: Природата не може да го чека нашиот влез во ЕУ. Заштитата мора да започне сега, базирана на современи научни методи и европски стандарди.
  3. Крај за изговорите со „јавен интерес“: Бараме точно и прецизно да се дефинира што е тоа „преовладувачки јавен интерес“, за да не може овој израз да се злоупотребува за приватни бизнис интереси на штета на природата.

Нашата порака е јасна: Потребен ни е закон кој проактивно и навремено ќе го штити нашето природно богатство. „Еко-свест“ останува на линија на одбрана на природата и будно ќе го следи целиот процес на донесување на овој закон.
За природата.

За рисот.

За нас.

Целиот текст на коментарите по законот може да ги преземете на следниот линк.

Монодрамата „Не денес“ се одигра и во Струмица

Монодрамата „Не денес“ се одигра и во Струмица

Струмичката публика за првпат имаше можност да ја погледне монодрамата „Не денес“ од актерот Марјан Георгиевски, подготвена во соработка со Еко-свест.

Бесплатната изведба на монодрамата се одржа на 9 јуни во Младинскиот центар во Општина Струмица.

И покрај тоа што дејствието во монодрамата е тесно поврзано со Битола, и личните гледишта на актерот кој од таму потекнува, публиката во Струмица одлично ја доживеа пораката која оваа монодрама ја носи.

Документарен театар, кој користи реални снимки од депонии, рудници и конкретни видео снимки од реални настани од Македонија. Повикувајќи на реалноста наместо на фиктивна приказна. Директниот и непосреден контакт со публиката на актерот отвора прашања кои се директно упатени кон публиката. 

Фокусот не е на класичниот заплет на драматургијата како во традиционалниот пристап на театар, „ Не денес “ е претстава базирана на теми, на идеји, слики, атмосфера и асоцијации, кои отвораат прашања за апатијата и проактивноста на граѓаните.

Социјално ангажиран театар – затоа што директно се занимава со општествени прашања, екологија, граѓанска одговорност и колективна апатија.


Впечатоци од публиката:
„Мултимедијална, социјално ангажирана театарска претстава која преку документарни видео материјали, се истражува врската помеѓу еколошката криза и човечката апатија.“

„Ми се допадна што претставата не држеше лекции, туку поставуваше прашања, кои ми поттикнуваат размислување за одговорноста на поединецот во општеството.“

„Пред да почне претставата мислев дека ќе гледам „ клише “ претстава која само ќе апелира за еколошкте состојбите во кои се наоѓаме. Но, по завршувањето добив „ дијагноза “ за нашиот менталитет, дека овде живее човек кој чека некој друг да ја преземе одговорноста наместо него.“

„Ова за мене беше бунт против апатијата.“

„Најмногу ми остави впечаток темата за стравот да се направи промена. Ова не е само претстава која се занимава со еколошки теми, за мене ова е многу поетска интимна и лична приказна за денешниот човек.“

„Театарот овде не беше мало исклучување од реалноста или само хумористична забава, ова беше директно соочување со реалноста. На момент за мене беше ова аларм за пробудување.“

„Се гушиме и молчиме. Главните чинители се летаргични во пристапувањето кон прашањето што не засега сите, а ние едноставно ја прифаќаме нивната рамнодушност без побуна. Јагленот се согорува, јагленот е нашиот тивок убиец, Битола е еден од најзагадените градови во светот, а ние молчиме…Прифаќаме, по цена на живот, облеани со страв, молчиме поради изворот на приходи што ни го носи сулфур диоксидот што го дишеме, но не смееме вака да продолжиме – тоа им го должиме на следните генерации, нагласи Георгиевски.

Ми се допаѓа претставата дека не ги дели луѓето на добри и лоши, туку дека не става сите нас во позиција да преземе одговцорност за дејствувањето во околината.

Водејќи се од лични побуди за состојбата со воздухот во Битола, актерот нагласи дека неговата монодрама е длабока и освестувачка и оти неговата цел била секоја поединец да си ги преиспита постапките и да разбере дека сите ние носиме промени, дека всушност промената започнува од нас, занемарувајќи го постапувањето на другите.