Зголемената заинтересираност на граѓаните за инсталирање на фотоволтаични системи на своите домови е позитивен чекор напред кон енергетската трансформација, меѓутоа креираше дискусија за многубројните пречки со кои сеуште се соочуваат граѓаните при премин кон обновливи извори на енергија. Преку проектот „Енергетско ефикасни практики како решение за климатските промени“, Соларна Асоцоцијација Македонија изработи прирачник со информации кои треба да им помогнат и да ги насочат граѓаните да направат соодветен избор, но и да ги информира за сите админитстративни постапки кои треба да се превземат за да можат да ја искористуваат сончевата енергија во домот.
„Ова би се постигнало само преку едуцирано и силно граѓанско население. Зајакнувањето на капацитетите е можно само со зголемување на јавната свест за инвестиција во сертифицирана опрема според европска регулатива. Многу често зборуваме за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, но ретко се прашуваме, кои сертификати и услови се неопходни при избор на најадекватниот систем. Го спроведовме овој проект за да можат да се едуцираат и информираат граѓаните и конечно да дознаат каква опрема се нуди кај нас, каде има субвенции, поволни кредитни линии за енергетска ефикасност и на лице место да погледнат во каква опрема би можеле да инвестираат“.
проф. Илија Насов, претседател на Соларна Асоцијација
Како дел од активностите на проектот се организираше и Соларен саем кој на едно место собра повеќе од 20 компании од земјата и Балканот кои пред граѓаните ги преставија своите производи. Од соларни сушари до сложени фото-термални системи посетителите можеа да прашаат и да се информираат за достапни технологии за искористување на сончевата енергија.
Преку проектот се оствари и соработка со тераписката заедница Покров во Струмица каде се инсталираше фотоволтаичен систем од 6kw. Центарот за рехабилитација беше опремен со алат, а спроведена беше и обика за монтажери и одржувачи на фотонапонски системи за 17 лица згрижени во центарот како и набавка на користен при обуката за соларни монтажери како и понатамошно одржување на соларниот систем. Покров е производител на органска храна, па се обезбедија заштеди кои се пренаменија за производството на храна во центарот.
Целна група на проектот беа и земјоделците за кои беа изработени позициони документи за општините Долнени, Кривогаштани и Градско во кои се идентификувани предлог мерки и решенија за ефективна и ефикасна примена на паметни практики во земјоделието како и можности и употреби на сончевата енергија во производството на храна.
Овие активности се реализирани во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“, предводен од Еко-свест, во партнерство со МЗМП и CNVP Македонија, а финансиран од Владата на Шведска 🇸🇪
Во малото Кичевско село Белица се отвори Едукативниот одржлив центар на заедницата кој користи фотоволтаични панели за да ги задоволи потребите за електрична енергија. Оваа локална заедница која се наоѓа во еден од регионите со јаглен во земјата е пример на носење одлуки за развој на заедницата кои потекнуваат од самите жители на таа заедница.
„Локалните заедници се најважни чинители во процесот на праведна транзиција. Особено ни е драго што поддржавме проект кој обезбедува надополнување на програмата за праведна транзиција како клучна мерка за декарбонизација на енергетскиот сектор. Оваа заедница секојдневно покажува дека регионите со јаглен можат да се развиваат и по затворањето на термоелектраните на јаглен.“
Жарко Конески, програмски координатор за енергија во Еко-свест
Во склоп на проектот „Зелена комуна Белица“ имплементан во 2023 и 2024 година, се разви реален модел за селска заедница на самоодржливо и еколошки свесно село посветено на заштита на животната средина преку одржливо користење на природните ресурси и обновливите извори на енергија, како и промоција на природното наследство.
Мисијата на Зелена комуна Белица е селото да живее во традиционалните еко-вредности и да се претстави на туристите, преку реставрирање и изградба, организирање традиционални настани, едуцирање за традициите и заштитата на животната средина, продажба на локални еко-продукти како и спроведување граѓански иницијативи и акции. Целта е одржливо користење на природните ресурси и преземање акции за намалување на климатските промени.
Овие активности се реализирани во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“, предводен од Еко-свест, во партнерство со МЗМП и CNVP Македонија, а финансиран од Владата на Шведска 🇸🇪.
Домот, куќата, станот, односно живеалиштето е медиум помеѓу човекот и природата. Човекот за да се заштити од природните неприлики, најпрво почнува да пронаоѓа засолништа во природата, како пештери на пример, а потоа почнува и сам да гради живеалиште, населба, град. Не можеме да го негираме фактот дека човекот е длабоко поврзан со природата и дека таа е нераскинлив дел од неговиот природен хабитат.
Уредувањето на просторот има големо општествено и социјално значење. Тоа ја обликува средината во која човекот опстојува и притоа влијае на системот за транспорт, инфраструктурата, развојот на сопственоста, густината на население, јавните сервиси, управувањето со отпадот. Оттука урбанизмот го определува квалитетот на животот преку обликување на природата.
Општественото значење на урбанизмот се отсликува и во Уставот на Република Северна Македонија кој го воспоставува уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелни вредности на уставниот поредок. Ваквото регулирање значи дека сите уставни одредби треба да се толкуваат и применуваат низ призмата на хуманизација на просторот и обезбедување поголем степен на заштита на животната средина. Токму затоа понатаму во Уставот е утврдено дека секој има право на здрава животна средина, при што на Републиката е обврската да ги обезбеди условите за остварување на ова право. Истовремено секој граѓанин има истовремено право, но и должност да го чува и унапредува сопственото и здравјето на другите.
Многу студии ги истакнуваат позитивните ефекти на природата врз човечкото битие како: храна, кислород, транспирација (испарување од растенијата), собирање на јаглеродот, различни медицински употреби итн. Болните луѓе побрзо закрепнуваат кога гледаат природа и зеленило, а истовремено човековата интелегенција и когнитивните способност се зголемуваат при прошетка во природа или во опкружување со природа. За жал често природата во градовите се сведува на саксиски растенија и се смета само за визуелна декорација.
Зеленилото се смета за украс и се мисли дека вертикална градина може да надополни за земјиштето кое се користи како недвижност. Врската помеѓу човекот и природата не смее да се сведе само на визуелна и не смее градините и парковите во градот да се преселат во објекти. Мора да се најде баланс каде човекот природата би биле застапени на земјата. Оваа пропорција е 1:8, односно значи дека секој еден човек треба да е опкружен со 8м2 природен зелелен простор (позитивен пример за ова е Сингапур).
Сесил Конинедијк (Cecil Konijnendijk) го предложува „Правилото 3-30-300“, како решение за здрава градска населба. Ова значи дека секој треба да може да види барем 3 дрвја од својот дом, училиште или работно место; секое соседство треба да има покривка од крошна на дрвја од 30%; и 300 метри треба да биде максимално растојание до најблискиот висококвалитетен јавен зелен простор.
Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк. Публикацијата е изработена во рамки на проектот ,,Граѓанските организации во акција за климатските промени” финансиски поддржан од страна на владата на Шведска, а спроведуван од Центарот за истражување и информирање во животната средина Еко-свест, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе (CNVP).
Честата појава на екстремни временски настани и природни катастрофи на глобално ниво вклучително и во Северна Македонија e директна последица од климатските промени. Како држава во развој која нема финансиски средства да се справи со последиците од климатските промени за нас е особено важно да развиеме мерки за навремено прилагодување кон овие промени. Адаптацијата кон климатските промени значи преземање акција за планирање и прилагодување на сегашните и очекуваните влијанија на климатските промени.
Ова беше дискутирано и на завршната конференција на проектот Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво, имплементиран од Центарот за климатски промени во рамките на програмата Граѓанските организациии за климатските промени финансирана од Владата на Шведска и имплементирана од Еко-свест, МЗМП и Фондацијата CNVP. На конференцијата беше презентирана и Анализата на природни непогоди во Република Северна Македонија 2005 – 2023 година изработена како дел од проектот која може да ја прочитате на линкот.
Во Македонија, од сите климатски опасности, најчесто се случуваат пожари (80% од вкупните настани), а со овие настани се поврзани и сериозни материјални штети. Затоа посебно внимание треба да се посвети на превенцијата, пред се преку едукација на населението. Фокусот треба да биде на регионите каде населението се занимава со земјоделство, бидејќи значителен дел од пожарите се на отворени површини и во сезоната на подготовка на нивите за сеидба (палење стрништа и сл.). Многу пожари се случуваат во летниот период, но не може да се утврди дали се случиле во периоди на топлотни бранови/високи температури бидејќи базата на податоци не ги евидентира овие настани при екстремни временски настани.
Во иднина потребно е да се прошири и ажурирањето на настаните во овој дел, особено поради големиот удел на пожарите, но и поради трендот на почести и подолготрајни топлотни бранови во последните години. Поплавите, како поради излевање на реки, така и поради атмосферските води, се исто така честа појава, па затоа е неопходно да се зајакне отпорноста на општините преку проектирање и изградба на цврста инфраструктура која ќе може да одговори на ваквите закани.
Неопходно е да се посвети сериозно внимание на проектирањето, одржувањето и реконструкцијата на системите за атмосферска канализација. Соодветните механизми засновани на системи за рано предупредување и приоретизирање на овие проблеми на локално ниво, бараат поголеми средства за реализација, но и планирање и спроведување мерки соодветно и навремено за да се овозможи соодветен одговор на идните природни катастрофи и климатски екстреми.
Промената на секојдневните навики во насока на заштеда на електрична енергија, вода, намалување на отпадот во домот и употреба на одржлив транспорт е огромен предизвик во држава која не секогаш има услови за тоа, но убаво е чувството на превземање чекори за подобрување на условите за живот во заедницата и намалување на индивидуалното влијание врз климатските промени. Ова беше заклучокот од панел дискусијата на завршниот настан од наградната кампања Акција во низа за стоп на климатска криза.
Наградната кампања Акција во низа за стоп на климатска криза се спроведе во период од 11 декември 2023 до 22 јануари 2024, и граѓаните на Македонија имаа можност да ги споделат одржливите навики кои ги применуваат во своето секојдневно живеење со цел намалување на јаглеродниот отпечаток. Вкупно 73 граѓани ги споделија промените кои ги прават во секојдневните навики за да влијаат помалку на загадување на животната средина. На настанот се прикажаа петте добитници и нивните одржливи навики, како и останатите пријави кои навистина инспирираа. Погледнете ги сите учесници тука.
Од употреба на реупотреблива амбалажа како тегли и торби од реупотребени ќеси за пазарење локални производи на пазар, до заштеда на вода со ситем за фаќање на дождовница, заштеда на електрична енергија и употреба на сончева енергија и компостирање за намалување на отпадот во домот. Граѓаните покажаа дека со мали промени во секојдневните навики, возможно е да се направи големо влијание врз ублажување на последиците од климатските промени. Уште поважно е дека секој од учесниците претставува добар пример во зедницата каде живее и мултипликатор на одржливи практики.
„Нашата куќа ја направивме сами од конструкција на веќе постоечка монтажна барака која ја расклопивме и склопивме одново, надвор од градот. Во неа живееме веќе 14 години. Не сме приклучени на електрична мрежа, домот се пои со соларна енергија. Тоа нѐ учи да штедиме и да бидеме поврзани со циклусот на природата. Тој начин на живот е една дисциплина во свесното користење на енергија, во себе и околу себе. Внимаваме колку земаме, колку создаваме и колку оставаме.“
Ивана Батев, добитничката на првата награда
„Купуваме во големи количини за да одбегнеме непотребно фрлање на пластика, стакло, метал, одбегнуваме користење пластика за еднократна употреба и никогаш не земаме пластични ќеси за пазарување. Купуваме локална органска храна колку што е возможно повеќе, старата облека ја донираме или организираме маалска распродажба.“
семејството Карашови од Охрид кои ја добија втората награда
Заштедата на ресурси, намалувањето на отпадот кој го создаваме во домот и користење одржлив транспорт се активности со најголемо влијание врз ублажувањето на последиците од климатските промени кои може да ги направи секој, меѓутоа за да станат помасовни потребно е државата да обезбеди политики и мерки кои ги подржуваат како и потребна инфраструктура. Но, искуството на развиените земји покажува дека често граѓаните се оние кои преку самоорганизирање можат да поттикнат промени во политиките и мерките на државата.
Јавниот награден конкурс се спроведе во рамки на проектот ,,Граѓанските организации во акција за климатските промени” е финансиски поддржан од страна на владата на Шведска, а спроведуван од Центарот за истражување и информирање во животната средина Еко-свест, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе (CNVP).
Најнови коментари