Како држава имаме сериозен проблем со загадување и несоодветна заштита на водите, почвите, воздухот и шумите како и со последиците од климатските промени како поплави и продолжени суши и топлотни бранови, сепак ниту една од политичките партии во своите изборни програми не ги разгледува овие проблеми сериозно ниту пак ги поврзува со квалитет на живот на државјаните.
Еко-свест направи анализа со критериуми кои опфаќаат широк круг на проблеми од секторите животна средина, клима и енергетика и заклучокот е дека поголемите партии ги признаваат климатските промени како проблем со кој државата треба да се справи преку мерки во други сектори, енергетскиот сектор е тема застапена во речиси сите изборни програми или изборни принципи на партиите, но мерките планирани за намалување на последиците од климатските промени се несоодветни или се противни една на друга.
Најочигледен пример се плановите се гасификација на државата застапен во речиси сите изборни програми, додека во исто време се зборува за зголемување на производството на електрична енергија од ветер и сонце и крајна цел справување со климатските промени. Meѓутоа, мора да биде јасно дека гасот е фосилно гориво кое има загадувачки емисии во домот и емисии на стакленички гасови кои само придонесуваат за интензивирање на последиците од климатските промени.
Дополнително плановите за отворање нови рудници на коалицијата „Твоја Македонија“ и коалицијата „Европски фронт“ и продолжување на работата на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј на јаглен се во комплетен судир со сите моментални национални стратегии и политики за енергија.
Коалицијата „ВЛЕН“ и Движењето „Знам“ за единствена Македонија го препознаваат значењето на рамномерниот локален економски развој. ВЛЕН планираат и подршка на мали локални производители и зајакнување на домашното производство но и фазно зголемување на искористувањето на сончевата енергија без загрозување на земјоделска површина и со приоритет на мали фотоволтаични електрани.
Во рамки на своите проекти во доменот на климатските промени, Еко-свест објавува повик за изработка на пет кратки видеа за информирање и подигнување на свеста кај граѓаните.
ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА Цел на оваа активност е информирање и едукација на граѓаните во земјава за следните теми: • Климатски промени • Климатска акција и објаснување на националните климатски цели • Влијание на секојдневните активности врз климата Во рамки на кампањата ќе се користат студии, анализи и информации произведени од страна на Еко-свест на соодветната тема.
ЗАДАЧИ Избраниот понудувач треба: • Да соработува и да ги следи насоките за изработка на видеата од лицето назначено за комуникација од Еко-свест. Ресурсите и материјалите за изработка на видеата ќе бидат презентирани на избраниот понудувач по потпишување на договорот за соработка; • Да предложи креативни сценарија кои ќе ги претстават зацртаните климатски цели во координација со тимот на Еко-свест; • Да ги модифицира сценаријата согласно насоките и коментарите од Еко-свест • Да подготви и достави нацрт видео содржина за 5 видеа за одобрување од страна на Еко-свест; • Да ги интегрира насоките и забелешките од Еко-свест во крајната верзија на видеата; • Да изработат промотивна содржина за видеата • Да ги предаде кратките видеа во соодветен формат и титлувани на македонски јазик (висока дефиниција 1080 HD и верзија за споделување на социјални медиуми) заедно со транскрипт во договорениот рок.
ПРИЈАВУВАЊЕ Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 26 април 2024 г., 16:00 часот, со назнака Апликација за изработка на видео содржина. Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид. Еко-свест ќе го извести само понудувачот чија понуда е избрана и со него ќе склучи договор.
Целосниот повик и потребна документација може да го превземете наследниот линк.
Еко-свест во соработка со Општина Вевчани денес свечено ја отвори Трајната поставка за природа насловена “Патување низ природните богатства на Вевчански Извори”. Поставката се наоѓа во Мултикултурниот Центар Коста Србакоски во Вевчани и има за цел промоција на природните вредности на заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански Извори и планината Јабланица, преку едукација и подигнување на јавната свест.
„Трајната поставка ќе биде и еден вид на едукативен центар при посета на Вевчани од основните и средните училишта со цел спроведување на еднодневни екскурзии, како и за туристите, студентите и сите љубители на природата. Трајната поставка треба да претставува и наша определба за заштита не само на Споменикот на природа „Вевчански извори“ туку и на целата планина Јабланица.“
изјави Дарко Ќитаноски, локален проектен координатор на Еко-свест во Вевчани
Поставката изобилува со забавни и едукативни содржини за сите возрасти и е изработена на македонски и англиски јазик. Таа овозможува запознавање со природните вредности и реткости на подрачјето. Преку интерактивни игри кои се направени посебно за најмладите, поставката ќе даде извонредна можност за едукативни активности за основните училишта од регионот и пошироко. Во комбинација со едукативните активности во природа, како и акциите со граѓанска наука, оваа изложба го комплетира едукативното искуство и за средношколците и возрасните љубители на природата.
„Ги покануваме сите училишта, студенти, туристи и посетители да ја посетат трајната поставка и да уживаат во нејзините содржини. Имаме со што да се пофалиме и на што да се гордееме и тоа со радост го споделуваме, а сега и го овековечивме со оваа трајна изложба“.
додаде Наум Илиески, локален координатор на Еко-свест во Вевчани
На свеченото отворање беа присутни голем број чинители од заедницата, а на настанот се обрати Градоначалникот на Општина Вевчани г-н Спасе Кочовски и Извршната директорка на Еко-свест, г-а Ана Чоловиќ Лешоска. Свое обраќање имаше и директорката на Prespa Ohrid Nature Trust, г-а Mirjam de Koning, фондацијата која го поддржа креирањето на оваа трајна поставка.
Поставката е изработена и поставена од Еко-свест како дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори” спроведуван од Еко-свест – финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONТ.
Цел на проектот е да се постигне долгорочна заштита на Споменикот на природата „Вевчански извори“ и просперитет на локалната заедница преку практики за одржливо управување со природните вредности на заштитеното подрачје. Со спроведувањето на овој проект работиме на подигнување на јавната свест преку едукација, подобрување на инфраструктурата за посетители, следење на клучни видови во подрачјето како и привлекување на повеќе посетители во подрачјето.
Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во рамки на проектот „БИТОЛА БЕЗ ЈАГЛЕН“ има потреба од продукција и реализација на низа активности кои вклучуваат младинско учество, кои реално ќе ги претстават еколошките проблеми од работата на термоцентралите на фосилни горива и ќе иницираат локална и национална дебата за иднината на регионот без употреба на јагленот.
Ангажираната страна ќе биде одговорна за развивање, продуцирање и изведба на активности со младинско учество од информативен, едукативен и уметнички карактер кои ќе придонесат за вклучување на млади во зголемување на свесноста за штетните последици од работењето на термоцентралите на фосилни горива по животот на луѓето и животната средина. Се предвидува да се изведат најмалку 2 (две) различни активности на најмалку 2 (две) различни локации на територијата на и околу Битолскиот регион. Периодот на имплементација е помеѓу 15 април и 31 јули 2024 година. Активностите кои ќе бидат предмет на продукција и реализација треба да биде копродукција помеѓу Еко-свест и ангажираната страна.
Краен рок за пријавување е среда, 3 април 2024 година, до 12:00 часот на електронската адреса: [email protected], со назнака: Пријава за активности кои вклучуваат младинско учество. Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Пријавите кои ќе пристигнат по наведениот рок или без целосна документација, нема да бидат разгледувани.
Сите детали за повикот со критериуми за учество и избор се дадени во документот во прилог.
Изминатата 2023 година била најтоплата досега, поради климатските промени предизвикани од човекот и плус поттикната од природниот временски феномен Ел Нињо. Според Одделот за клима на ЕУ, минатата година била за околу 1,48 Целзиусови степени потопла од долгорочниот просек пред луѓето да почнат да согоруваат големи количини на фосилни горива. Голема е веројатноста дека ќе ја надминеме границата за зголемување на температурата од 1,5 степени затоплување над прединдустриските нивоа во следните 12 месеци.
Како Македонија се справува со климатските промени и обврските преземени од Парискиот договор за климата и КОП28?
Ние имаме доста амбициозни енергетски и климатски политики во моментов со одлични мерки, проблемот е што затајува имплементацијата која се одвива ужасно споро и со слаба вклученост на сите релевантни институции но и речиси никаква вклученост на локалните власти каде и треба да се одвива имплементацијата, велат во разговор за „Локално“ од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје. Според нив, голем проблем за земја во развој како Македонија е што сеуште немаме Национален план за адаптација, а веќе одамна ги чувствуваме последиците од климатските промени. Потребно е и информирање и соодветно консултирање на сите засегнати чинители.
Од „Еко-свест“ истакнуваат дека кај Македонците не постои доволно свест за климатските промени, затоа што луѓето немаат доволно информации или затоа што добиваат погрешни информации, но голем дел од незаинтересираноста за глобални теми кои дирекно не засегаат локално е и поради традицијата на гледање исклучиво на својот двор и фрлање на отпадот во дворот на соседот.
Последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPPC) од 2023 информираше дека во моментов сме веќе на 1.1 степен целзиусов затоплување на глобалните температури, а Светската метеоролошка организација во јануари годинава потврди дека 2023 била најтопла година досега и предупреди дека 2024 ќе биде уште потопла. Треба да бидеме свесни дека стопирање на климатските промени повеќе не е возможно, она што е можно е ублажување на последиците и прилагодување на нашите заедници на живот во променета клима. Најефикасна и најитна мерка за ублажување е прекин на употребата на фосилни горива пред се како енергенс, а потоа и комплетно и премин кон обновливи извори на енергија без предизвикување штета на постоечките екосистеми и плодната почва, порачаа од Центарот.
На прашањето дали може и во 2024 година да очекуваме многу екстремни временски настани како во 2023, како топлотни бранови, шумски пожари и поплави, од невладината организација велат дека двата извештаи предупредуваат дека може да очекуваме загуба на светскиот биодиверзитет, но и зачестени бури со пороен дожд и зачестени електрични празнења кои се невозможни да се предвидат како и нагли промени во временските услови кои ќе влијаат врз здравјето на луѓето.
Извештајот за проекции на климатските промени и за екстремни климатски настани во РСМ од 2020 го воочува истото. Кај нас сушните периоди ќе зачестат и ќе станат подолги, а врнежите се пообилни и проследени со бури кои се тешки да се предвидат, посочија од „Еко-свест“.
Што и да се случува во глобалната политика, додаваат од оттаму, мора да разбереме дека простор за дискусија за намалување на емисиите на стакленички гасови мора да постои на меѓународно ниво.
Ако изостане и простор за дискусија и се остави на волјата на секоја суверена држава да одлучи за динамиката и начинот на справување со климатските промени – тогаш со сигурност може да очекуваме климатски колапс и крај на светот како што го познаваме, потенцираат од Центарот.
Во однос на КОП28 и „значајниот договор“ за транзиција од фосилните горива во енергетските системи до 2050 година, според „Еко-свест“, тој простор за дискусија засега го обезбедува Рамковната конвенција за клима на ООН (UNFCCC) каде државите страни на конференција добиваат можност да разговараат за најдобриот и најприфатлив начин за ублажување на климатските промени.
Локацијата на конференцијата за клима секогаш влијае на темата која најмногу ќе се дискутира, а годинава тоа беше темата за напуштање на фосилните горива. И покрај тоа што COP28 беше преплавен од повеќе од 2000 лобисти за фосилни горива, сепак исто толку бројното присуство на научни и граѓански организации и грасрут движења влијаеше на спомнувањето на терминот намалување на фосилните горива во конечниот текст на одлуката од COP, значајно бидејќи ваква терминологија за прв пат се спомнува во конечна одлука на COP. Иако во текстот се нагласува потребата од намалување на фосилните горива, ова сепак не е доволно силна заложба како и целосно напуштање на фосилните горива со крајна цел за нивно доведување до нула до 2050 година, наведуваат од невладината организација.
На прашањето што доколку не успееме да го запреме загревањето на 2 степени во наредните три децении, оттаму наведуваат дека пред 10 години кога на КОП21 во Париз се потпиша Договорот за клима, постоеше консензус помеѓу научниците, граѓанските организации и делегатите од Владите присутни на конференцијата дека комуникацијата кон граѓаните не смее да биде негативна и да креира состојба на паника, бидејќи сеуште постои доволно простор за ублажување на климатските промени.
Денес веќе се користат термините климатска криза и климатски колапс. Ограничување на глобалните температури под 2 степени целзиусови подразбира намалување на ¾ од вкупните емисии на стакленички гасови во светот. Безбедна клима може да имаме со ограничување на порастот на глобалните температури под 1.5 степени целзиусови. Теоретски 2.6 степени целзиусови глобално затоплување би значело дека Земјата ќе може да издржува само 1 билион луѓе, во моментов се движиме кон популација од 10 билиони, стои во нивниот одговор.
Децидни се дека мора да ги измениме нашите економски системи со цел да ја намалиме потребата за нови ресурси, односно да ги реупотребиме веќе произведените.
Најлесно е да ја ставиме вината на развиените држави и глобалната политика, потешкиот и поефикасен начин е да ја започнеме промената од дома и самите да бараме од властите да ги изменат политиките. Најскорешен пример за ова се бројните протести на земјоделците што се случуваат во повеќе од 65 држави преку кои малите производители бараат подобри цени и услови за нивните производи и ревидирање на договорите за слободна трговија, порачаа од „Еко-свест“.
Најнови коментари